Нашиот живот и служба — работни листови
Превод на референци кои ги нема на македонски
© 2024 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
6-12 МАЈ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ ПСАЛМИ 36 — 37
Духовни бисери
it-2-E 445
Гора, планина
Стабилност, постојаност или возвишеност. Стабилноста и постојаноста се одлики на планините (Иса 54:10; Авк 3:6; спореди со Пс 46:2). Според тоа, кога напишал: „Твојата праведност е како твоите планини, Боже“ (Пс 36:6), псалмистот можеби мислел на тоа дека Јеховината праведност е непроменлива. Или, со оглед на тоа што планините се високи, ова можеби укажува на фактот дека Божјата праведност далеку ја надминува човечката. (Спореди со Иса 55:8, 9.)
ДАЈ СЀ ОД СЕБЕ ВО СЛУЖБАТА
ijwbv-E 45
Значењето на Псалм 37:4
Псалмистот ги поттикнува слугите на Бог да се радуваат на блиското пријателство што го имаат со него. Сите кои се блиски со Јехова може да бидат уверени дека тој ќе ги исполни нивните желби кои се во склад со неговата волја.
„Јехова нека биде твојата радост.“ Овој израз може да се преведе и како „најди ја својата најголема радост во Јехова“, „најди задоволство во служењето на Бог“ или „радувај се на она што Бог ти го ветува“. Едноставно кажано, тоа што му служиме на вистинскиот Бог треба да ни биде извор на најголема радост. Зошто го велиме ова?
Оние што му служат на Јехова се трудат да дознаат од Библијата како гледа тој на работите и да го прифатат неговото гледиште. Освен што го познаваат Бог, тие се свесни и колку е мудро да му бидат послушни. Како резултат на тоа, имаат чиста совест и се заштитени од многу проблеми (Изреки 3:5, 6). На пример, тие не стануваат огорчени или завидливи кога се чини дека алчните или нечесните луѓе се успешни во животот (Псалм 37:1, 7-9). Божјите слуги се среќни затоа што знаат дека тој наскоро ќе им стави крај на сите неправди и ќе ги награди оние што му се верни (Псалм 37:34). Исто така, тие многу се радуваат затоа што знаат дека нивниот небесен Татко е задоволен со нив (Псалм 5:12; Изреки 27:11).
„Ќе добиеш од него што ти срце сака.“ Овие зборови може да се преведат и како „тој ќе одговори на твоите молитви“ или „тој ќе ти го даде она што најмногу го посакуваш“. Се разбира, Јехова нема да ни ја исполни секоја наша желба. Како еден добар родител, Јехова знае што е најдобро за неговите деца. Освен тоа, нашите молитви и нашиот начин на живот мора да бидат во склад со неговите мерила и со неговата волја (Изреки 28:9; Јаков 4:3; 1. Јованово 5:14). Тогаш, можеме да му се обратиме на оној „што ги слуша молитвите“ уверени дека ќе ни одговори (Псалм 65:2; Матеј 21:22).
20-26 МАЈ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ ПСАЛМИ 40 — 41
Духовни бисери
it-2-E 16
Јехова
Извештаите во целата Библија се поврзани со тоа да се докаже дека Јехова има право да биде Севишен Владетел, што покажува дека главната намера на Бог е да го посвети своето име. За да се посвети Божјето име, потребно е тоа да се исчисти од секаков срам. Но, потребно е и уште нешто. Сите интелигентни суштества на небото и на Земјата треба да му оддаваат чест на тоа име и да го сметаат за свето. А тоа, пак, значи да признаат дека Јехова е Севишен Владетел и да го почитуваат како таков, тоа да го прават доброволно, да сакаат да му служат, со задоволство да ја вршат неговата волја, и сето ова да го прават од љубов кон него. Од молитвата на Давид запишана во Псалм 40:5-10 јасно се гледа што значи да се има таков став и вистински да се свети Божјето име. (Забележи како во Ев 10:5-10 апостол Павле применил дел од овој псалм на Исус Христос.)
3-9 ЈУНИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ ПСАЛМИ 45 — 47
Песна за свадбата на еден Цар
it-2-E 1169
Војна
По завршувањето на војната Армагедон, на Земјата ќе владее мир илјада години. Псалмот во кој пишува: „[Јехова] ги прекинува војните до крајот на земјата. Го крши лакот, го здробува копјето, со оган ја пали колата“ за прв пат се исполнил кога Бог донел мир во израелската земја со тоа што го уништил оружјето на непријателите. Откако Исус Христос во Армагедон ќе ги уништи оние што сакаат да војуваат, на целата Земја ќе завладее вистински мир (Пс 46:8-10). Оние кои ги прековале „своите мечеви во плугови и своите копја во српови“ и кои повеќе не учат да војуваат ќе добијат можност да живеат вечно. „Зашто тоа се зборови од устата на Јехова над војските“ (Иса 2:4; Мх 4:3, 4).
ДАЈ СЀ ОД СЕБЕ ВО СЛУЖБАТА
ijwbv-E 26
Значењето на Псалм 46:10
Бог го поттикнува секој човек да му служи нему и да признае дека Тој има право да владее над целата Земја. Власта и моќта што ги има Јехова се неоспорливи. Овој факт мора да го признае секој што сака да живее вечно (Откровение 4:11).
„Покорете се и сознајте дека јас сум Бог.“ Во некои преводи на Библијата, првиот збор од тој стих се преведува со „застанете“ или „молчете“. Ова навело многумина на погрешен заклучок дека станува збор за заповед според која верниците во црква мора да молчат во знак на почит. Сепак, хебрејскиот израз кој е преведен со „покорете се и сознајте дека јас сум Бог“ е поттик од самиот Јехова. Тој ги поттикнува луѓето од сите народи да престанат да му се противат и да признаат дека единствено тој заслужува да биде обожаван.
Сличен поттик е запишан и во Псалм 2. Таму Бог ветува дека ќе преземе нешто против оние што му се противат. Од друга страна, оние што ја признаваат власта на Бог се потпираат на него за водство, сила и мудрост. Тие се среќни и се чувствуваат сигурно, особено во тешки времиња, затоа што „Бог им е засолниште“ (Псалм 2:9-12).
„Ќе се возвишам меѓу народите, ќе се возвишам на земјата.“ Во минатото, Јехова многу се прославил и се возвишил кога ја употребил својата огромна моќ за да го заштити својот народ (2. Мојсеева 15:1-3). Во иднина, тој ќе се возвиши во уште поголема мера кога секој на Земјата ќе ја признае неговата власт и ќе го обожава (Псалм 86:9, 10; Исаија 2:11).
10-16 ЈУНИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ ПСАЛМИ 48 — 50
Духовни бисери
it-2-E 805
Богатство
Како богат народ, Израелците имале за јадење и за пиење во изобилство (1Ца 4:20; Про 5:18, 19), и нивното богатство ги штитело од проблемите што ги носи сиромаштијата (Из 10:15; Про 7:12). Иако сакал Израелците да уживаат во плодовите од својата трудољубива работа (спореди со Из 6:6-11; 20:13; 24:33, 34), Јехова сепак ги предупредил на опасноста да заборават дека нивното богатство доаѓа од него и да почнат да се потпираат на материјалните работи (5Мо 8:7-17; Пс 49:6-9; Из 11:4; 18:10, 11; Ере 9:23, 24). Тие биле потсетени дека богатството е само привремено (Из 23:4, 5), дека не може да му се даде на Бог како откупнина за да се спаси некој од смртта (Пс 49:6, 7) и дека не им е од никаква корист на оние што се починати (Пс 49:16, 17; Про 5:15). Им било кажано дека, ако му придаваат преголема важност на богатството, може да почнат да постапуваат нечесно и да ја изгубат наклоноста од Јехова (Из 28:20; спореди со Ере 5:26-28; 17:9-11). Исто така, тие биле поттикнати да му искажуваат „чест на Јехова со својот имот“ (Из 3:9).
17-23 ЈУНИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ ПСАЛМИ 51 — 53
Духовни бисери
it-1-E 644
Доик
Доик бил Едомец и слуга на Саул. Служел како главен пастир, одговорна задача која вклучувала надгледување (1Са 21:7; 22:9). Тој очигледно бил преобратеник во еврејската вера. Бидејќи се „задржал пред Јехова“ во Нов, можеби поради некаков завет, некаква нечистотија или сомневање на лепра, Доик видел како првосвештеникот Ахимелех му ги дал на Давид лебовите кои биле изложени пред Бог и мечот на Голијат. Подоцна, кога Саул им се обратил на своите слуги и им кажал дека тие коваат заговор против него, Доик открил што видел во Нов. Откако ги повикал кај себе првосвештеникот, како и другите свештеници од Нов, и го испрашал Ахимелех, Саул ѝ наредил на телесната стража да ги убие свештениците. Кога тие одбиле да го направат тоа, Доик, по заповед на Саул, без колебање убил 85 свештеници. По овој злобен чин, Доик ги убил сите жители на Нов, и млади и стари, како и целиот добиток (1Са 22:6-20).
Како што се гледа од натписот за Псалм 52, во врска со Доик, Давид напишал: „Твојот јазик смислува неволји, како брич е наострен и измамува. Повеќе го сакаш злото отколку доброто, повеќе лагата отколку праведниот збор. Ги сакаш сите погубни зборови, јазику измамнички!“ (Пс 52:2-4).
24-30 ЈУНИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ ПСАЛМИ 54 — 56
Духовни бисери
nwtsty белешка за Јвн 6:64
Исус... знаеше... кој е оној што ќе го предаде: Исус мислел на Јуда Искариот. Пред да ги избере своите 12 апостоли, Исус цела ноќ му се молел на својот Татко (Лк 6:12-16). Според тоа, во почетокот Јуда му бил верен на Бог. Меѓутоа, од пророштвата запишани во Хебрејските списи, Исус знаел дека ќе биде предаден од близок соработник (Пс 41:9; 109:8; Јвн 13:18, 19). Кога кај Јуда почнале да се развиваат лоши ставови, Исус ја забележал таа промена затоа што можел да ги чита срцата и мислите (Мт 9:4). Бидејќи има способност да ја предвиди иднината, Бог знаел дека Исус ќе биде предаден од близок пријател. Но, не треба да заклучиме дека токму Јуда морало да биде тој што ќе го предаде, како тоа да му било пишано, бидејќи ова не би било во склад со особините на Бог и со начинот на кој отсекогаш постапувал со луѓето.