2-8 МАРТ 2026
ПЕСНА 97 Божјата Реч за нас значи живот
Биди свесен дека ти е „потребно водство од Бог“
ГОДИШЕН СТИХ ЗА 2026: Среќни се оние што се свесни дека им е потребно водство од Бог (МАТ. 5:3)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме што треба да правиме за и понатаму да имаме корист од храната, облеката и засолништето што Јехова ни ги обезбедува во духовен поглед.
1. Со какви основни потреби нѐ создал Јехова? (Матеј 5:3).
ЈЕХОВА ги создал луѓето со некои основни потреби. На пример, за живот ни се потребни храна, облека и покрив над главата. Ако некоја од овие основни работи ни фали, макар и на кратко, животот ќе ни стане многу тежок. Освен што нѐ создал со вакви физички потреби, Јехова нѐ создал и со духовни потреби, односно со потреба тој да нѐ води во животот. (Прочитај Матеј 5:3, фуснота.) Ако сакаме да бидеме вистински среќни, мора да бидеме свесни за овие потреби и да настојуваме да ги задоволиме.
2. Објасни со пример што значи да бидеме „свесни“ дека ни е „потребно водство од Бог“?
2 Што значи да бидеме „свесни“ дека ни е „потребно водство од Бог“? Изворниот грчки израз создава слика на некој што „проси дух“. Замисли си еден просјак во парталава облека, седнат на некоја улица, кој е изнемоштен од глад, кого другите го избегнуваат поради неговиот изглед и кој е изложен на дневната жега и на ноќниот студ. Свесен е дека, за да си ја подобри ситуацијата, потребна му е помош. Слично, и на некој што е свесен за своите духовни потреби — некој што проси дух — потребна му е помош, односно водство од Бог за да си ја подобри ситуацијата. Затоа, тој прави сѐ што може за да извлече корист од она што Јехова им го дава во духовен поглед на оние што го сакаат.
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Во оваа статија најпрво ќе видиме што може да научиме од една Феничанка која го преколнувала Исус да ѝ помогне. Во извештајот се истакнати три особини кои мора да ги развијат оние што се свесни дека им е потребно водство од Бог. Потоа ќе го разгледаме примерот што ни го оставиле тројца духовни мажи: апостол Петар, апостол Павле и цар Давид.
ПРИМЕР ЗА ПОНИЗНОСТ, УПОРНОСТ И ВЕРА
4. Што побарала една Феничанка од Исус?
4 Во една прилика, една Феничанка дошла кај Исус. Ќерка ѝ била „обземена од демони“ и ужасно страдала (Мат. 15:21-28). Жената паднала на колена пред Исус и почнала да го преколнува да ѝ помогне. Во таа прилика, оваа Феничанка покажала многу убави особини. Да разгледаме некои од нив.
5. Какви особини покажала Феничанката, и што направил Исус? (Види ја и сликата.)
5 Феничанката покажала вистинска понизност. Зошто го велиме ова? Затоа што не се навредила кога Исус употребил еден пример во кој ја споредил со кученце, можеби какво што не-Евреите чувале за милениче. Како би реагирал ти на тие зборови од Исус? Дали би се навредил и повеќе не би барал помош од него? Феничанката не реагирала така. Таа покажала понизност, но и упорност. Тоа се гледа од начинот на кој продолжила да го моли Исус за помош. Што ја поттикнало на тоа? Нејзината вера во Исус. Всушност, нејзината вера толку го трогнала што тој одлучил да ѝ помогне. Иако веќе ѝ кажал дека е испратен само „кај загубените овци на домот Израелов“, Исус го истерал нечистиот дух од ќерката на оваа жена.
За да добие помош, Феничанката требало да биде понизна, упорна и да има цврста вера (види во пасус 5)
6. Што учиме од извештајот за Феничанката?
6 За да ги задоволиме нашите духовни потреби, и ние мора да ги развиваме истите особини. Мора да бидеме понизни, упорни и да имаме цврста вера. Само понизен човек упорно ќе го моли Бог за помош. Мора да имаме и цврста вера во Христос Исус и доверба во оние кои тој ги користи за да ги води своите ученици (Мат. 24:45-47). Јехова и неговиот Син се спремни да им ги задоволат духовните потреби на оние што покажуваат вакви особини. (Спореди со Јаков 1:5-7.) Ајде да видиме на кој начин Јехова ни обезбедува храна, облека и засолниште во духовен поглед. Од примерот што го оставиле апостол Петар, апостол Павле и цар Давид ќе видиме што треба да правиме за да ги добиеме овие работи.
ИСТО КАКО ПЕТАР —ХРАНИ СЕ ДУХОВНО
7. Каква задача добил Петар, но што морал и самиот тој да прави? Објасни (Евреите 5:14 — 6:1).
7 Да го разгледаме примерот на апостол Петар. Тој бил еден од првите Евреи што препознале дека Исус е Месијата — оној кого Јехова го користи за да го храни својот народ со „зборовите на вечниот живот“ (Јован 6:66-68). Пред да се вознесе на небото, воскреснатиот Исус му ја дал на Петар следнава задача: „Храни ги моите овчички!“ (Јован 21:17). Петар послушно ја извршил таа задача, а Јехова дури и го искористил да напише две писма кои подоцна станале дел од Библијата. Но, Петар и самиот требало духовно да се храни. На пример, тој ги проучувал вдахновените писма што апостол Павле веќе ги имал напишано. Петар признал дека некои од работите што Павле ги напишал биле „тешко разбирливи“ (2. Пет. 3:15, 16). Но, Петар очигледно бил упорен и имал вера дека Јехова ќе му помогне да ја „свари“, односно да ја разбере и да ја примени „тврдата храна“ што Павле, под водство на светиот дух, ја „сервирал“ во своите писма. (Прочитај Евреите 5:14 — 6:1.)
8. Што направил Петар кога Јехова, преку еден ангел, му дал ново упатство?
8 Петар докажал дека има вера во Јехова со тоа што им бил послушен на упатствата што ги добивал. На пример, додека бил во пристанишниот град Јопа, Петар имал едно видение во кое еден Божји ангел му рекол да коле и да јаде животни кои, според Мојсеевиот закон, биле нечисти. За Евреите, едно такво упатство би било шокантно. Петар веднаш рекол: „Никако, Господару, зашто никогаш не сум јал нешто валкано и нечисто!“ Но, потоа му било речено: „Не викај го валкано она што Бог го очистил!“ (Дела 10:9-15). Петар веднаш ја сфатил поентата. Од каде знаеме? Кратко откако го добил видението, тројца мажи, кои ги испратил не-Евреинот Корнелиј, пристигнале кај Петар и го викнале да дојде и да зборува со нивниот господар. Претходно, Петар никогаш не би се согласил да влезе во куќата на еден не-Евреин затоа што Евреите ги сметале луѓето од другите народи за нечисти (Дела 10:28, 29). Но, по тоа видение, Петар веднаш го прифатил новото разбирање што Јехова му го открил (Изр. 4:18). Тој им проповедал на Корнелиј и на неговото домаќинство и бил многу радосен кога тие ја прифатиле вистината, го примиле светиот дух и се крстиле (Дела 10:44-48).
9. На кои два начина ќе ни користи тоа што ќе развиваме апетит за тврда духовна храна?
9 Исто како Петар, и ние мора редовно да се храниме со млеко, односно со основните вистини од Божјата Реч. Мора да развиваме апетит и за тврда духовна храна — вистини кои можеби е малку потешко да се разберат. Треба да одвоиме време и да бидеме спремни да вложиме труд за подобро да ја разбереме Божјата Реч, но тоа вреди. Зошто? Затоа што, тоа ќе ни користи најмалку на два начина: прво, учиме за Јехова работи кои ни ја продлабочуваат љубовта и почитта кон него и второ, имаме уште поголема мотивација да им кажуваме на другите за нашиот величествен небесен Татко (Рим. 11:33; Отк. 4:11). Од примерот на Петар учиме уште нешто. Кога ќе дојде до промени во разбирањето на некои библиски вистини, треба веднаш да направиме промена во начинот на кој размислуваме и постапуваме. Само така ќе бидеме добро духовно нахранети и Јехова ќе може да нѐ користи.
ИСТО КАКО ПАВЛЕ — БИДИ ОБЛЕЧЕН ВО НОВАТА ЛИЧНОСТ
10. Според Колошаните 3:8-10, што треба да правиме за да го радуваме Бог?
10 За да го радуваме, Јехова ни дал уште нешто — духовна облека. Но, мора и ние да правиме нешто. Што е тоа? Апостол Павле напишал дека мора да ја соблечеме „старата личност“ и да ја облечеме „новата личност“. (Прочитај Колошаните 3:8-10.) Но, потребни се многу време и труд за да останеме облечени во новата личност. Да го разгледаме примерот на Павле. Уште од млад, тој правел сѐ за да му угоди на Бог (Гал. 1:14; Фил. 3:4, 5). Но, не знаел точно која е Божјата намера, и затоа не можел да го обожава Бог на исправен начин. Бидејќи бил горделив и не ги знаел Христовите учења, бил „дрзок човек“ со негативни особини (1. Тим. 1:13).
11. Со каква слабост морал Павле да се избори? Објасни.
11 Пред да стане христијанин, Павле бил многу избувлив човек. Во извештајот од Дела пишува дека бил толку гневен на учениците на Исус што имал „силна желба да ги убива“ (Дела 9:1). Откако станал христијанин, Павле несомнено многу се трудел да се смени и да си го контролира гневот (Еф. 4:22, 31). И покрај тоа, кога меѓу него и Варнава дошло до несогласување, тоа прераснало во „жестока караница“ (Дела 15:37-39). Да, во таа прилика, Павле потфрлил, но не се откажал. Тој рекол: „Го тепам своето тело“. Со тоа сакал да каже дека се бори против своите несовршени склоности за и понатаму да го радува Јехова (1. Кор. 9:27).
12. Што му помогнало на Павле да ја соблече старата личност со нејзините негативни особини?
12 Павле успеал да ја соблече старата личност со нејзините негативни особини, а да ја облече новата личност затоа што не се потпирал на сопствената сила (Фил. 4:13). Исто како Петар, и тој се потпирал „на силата што ја дава Бог“ (1. Пет. 4:11). И покрај тоа, Павле понекогаш ќе направел грешка и бил разочаран од себе. Но, кога се чувствувал така, размислувал за убавите работи што неговиот небесен Татко ги направил за него и тоа му давало сила да продолжи да работи на себе (Рим. 7:21-25).
13. Како можеме да го следиме примерот на Павле?
13 Можеме да го следиме примерот на Павле така што ќе бидеме свесни дека, без разлика колку долго му служиме на Јехова, мора да продолжиме да работиме на тоа да ја соблечеме старата личност, а да ја облечеме новата личност — духовната облека што ја обезбедува Бог. Но, ако се случи некогаш да потфрлиме, на пример, да избувнеме или да зборуваме грубо со некого, не треба да мислиме дека сме чисто промашување. Наместо тоа, треба да продолжиме да работиме на нашата цел — да го менуваме начинот на кој размислуваме и постапуваме (Рим. 12:1, 2; Еф. 4:24). Меѓутоа, мора да задржиме нешто важно на ум: Кога станува збор за дословната облека, можеме да ја кроиме како сакаме за да ни биде точна. Но, кога станува збор за духовната облека, мораме да ја кроиме својата личност за да одговара на барањата на Јехова.
ИСТО КАКО ДАВИД — ОСТАНИ ВО ДУХОВНОТО ЗАСОЛНИШТЕ
14-15. Какво духовно засолниште обезбедува Јехова за своите слуги? (Псалм 27:5; види ја и сликата).
14 За да бидеме вистински среќни, не се доволни само духовна храна и духовна облека. Ни треба и духовно засолниште. Што е тоа и како да останеме во него?
15 Цар Давид зборувал за духовното засолниште што Јехова го обезбедува. (Прочитај Псалм 27:5.) Како Јехова го штити својот народ денес? Тој ги штити своите слуги од сѐ и од секој што може трајно да им го расипе односот со него. Јехова ветува дека никакво оружје направено против нас нема да успее (Пс. 34:7; Иса. 54:17). Иако Сатана и оние што го поддржуваат се многу моќни, тие не можат да ни нанесат трајна штета. Дури и животот да ни го одземат, Јехова ќе ни го врати при воскресението (1. Кор. 15:55-57; Отк. 21:3, 4). Исто така, за да продолжиме да му служиме, Јехова ни помага да се носиме и со грижите и внатрешниот немир (Изр. 12:25; Мат. 6:27-29). А нашиот небесен Татко ни дава и духовно семејство — браќа и сестри кои нѐ поддржуваат, како и старешини кои се грижат за нашето духовно добро (Иса. 32:1, 2). Освен тоа, на состаноците честопати сме потсетени и на други конкретни начини на кои Јехова ни помага и нѐ штити (Евр. 10:24, 25).
Една сестра присуствува на собраниски состанок со своите браќа и сестри знаејќи дека таму ќе добие духовна помош (види во пасуси 14-15)
16. Како Јехова го штител Давид?
16 Кога Давид му бил послушен, Јехова го штител од неволјите што ги снаоѓаат оние кои намерно грешат. (Спореди со Изреки 5:1, 2.) Од друга страна, кога Давид ги игнорирал Божјите мерила, Јехова не го штител од последиците (2. Сам. 12:9, 10). А како било кога Давид страдал, но не по своја вина? Во молитва Давид отворено му кажувал на Јехова сѐ што го мачи, а Јехова го тешел така што го уверувал дека многу го сака и дека ќе се грижи за него (Пс. 23:1-6).
17. Како можеме да го следиме примерот на Давид?
17 Можеме да го следиме примерот на Давид така што, кога носиме одлуки, ќе бараме водство од Јехова. Исто така, свесни сме дека понекогаш страдаме, не затоа што Јехова не нѐ заштитил, туку затоа што ние сме донеле погрешна одлука (Гал. 6:7, 8). А кога трпиме неволји не по наша вина, во молитва му кажуваме на Јехова што сѐ нѐ мачи, со доверба дека тој ќе го чува нашето срце и нашиот ум (Фил. 4:6, 7).
БИДИ СВЕСЕН ДЕКА ТИ Е „ПОТРЕБНО ВОДСТВО ОД БОГ“
18. Со какви луѓе сме опкружени, и што треба да правиме за Јехова и понатаму да нѐ води? (Види ја и сликата.)
18 Годишниот стих за 2026 година гласи: „Среќни се оние што се свесни дека им е потребно водство од Бог“. Денес ни е потребно водство од Бог повеќе од кога и да било порано. Зошто? Затоа што насекаде околу нас има несреќни луѓе кои не признаваат дека имаат таква потреба или кои сметаат дека водство можат да најдат во лажната религија или во човечките филозофии. Не смееме да дозволиме нивните гледишта да влијаат врз нас. Што ќе ни помогне во тоа? Тоа што ќе се храниме со духовната храна што Јехова ја обезбедува, ќе бидеме облечени во новата личност и ќе бараме заштита во Јеховиното засолниште.
Мора да продолжиме да ја задоволуваме потребата за храна, облека и засолниште во духовен поглед (види во пасус 18)a
ПЕСНА 162 Среќни и блиски со Бог
a ОПИС НА СЛИКАТА: Сестрата од претходната слика се храни со духовна храна така што проучува Стражарска кула, им прави добро на другите затоа што е облечена во новата личност и бара помош од старешините кои со љубов се грижат за неа.