Посета на центарот за вештачки екстремитети
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО НОВ ЗЕЛАНД
ЗАКАЖАВ во Центарот за вештачки екстремитети во Велионгтон (Нов Зеланд) од две причини. Прво, мојата вештачка нога требаше да се поправи. И второ, сакав да го разгледам центарот за да дознаам повеќе во врска со процесот на изработка на вештачки екстремитети.
Мојот протетичар љубезно се согласи да ми го покаже центарот. Разгледувањето навистина вредеше. Ми помогна повеќе да ги ценам оние што работат на полето на протетиката, која од нив бара вештина и посветеност.
Според еден лексикон, зборот „протеза“ се однесува на „механичка направа или апарат што надоместува загубен дел од телото“. Протетиката е „дел од медицината што се занимава со вештачко заменување на загубени делови од човечкото тело“. Протетичар е „стручњак за изработување на протези“ (Голем лексикон на странски зборови и изрази).
Како се изработува вештачка нога?
На повеќето пациенти што доаѓаат во центарот, потребна им е вештачка нога. Првиот чекор во изработката на вештачка нога е да се направи навлака што ќе одговара на делот од ногата што останува по ампутацијата. Потоа се прави калап од гипс, според кој може да се направи точна репродукција на здравиот дел од ногата. Од овој калап потоа се прави чашка на која се прикачува новиот екстремитет. Така започнува процесот на изработка на една потполно функционална нога која ќе ја замени изгубената. Една понова, поефикасна техника е употребата на CAD/CAM програми со кои се зема мерка на делот од ногата што останува по ампутацијата. Потоа една машина изработува точна копија.
Откако ја видов техничката стручност во центарот, ми беа покажани некои готови делови за протези, кои се увезуваат. Еден примерок што ми остави голем впечаток беше хидрауличниот зглоб на коленото споен со термопластична чашка која, ако се загрее, може да се обликува како што му одговара на пациентот. Во центарот има и различни каталози од целиот свет во кои има детални информации и слики со протези.
При последните фази од изработката на вештачка нога, се прават ситни промени за да се приспособат чашката, коленото, кожата и стапалото со цел да се добие што е можно поприроден чекор. На крајот, се подготвува пенеста облога. Таа служи за да се покријат „коските“ на вештачкиот екстремитет. Во завршницата, со помош на козметиката, вештачкиот дел се прави што е можно посличен на другиот дел од ногата.
Откако пациентот ќе стекне извесен степен самодоверба, му се закажува разговор со вонреден хирург специјалист по ортопедија во центарот за вештачки екстремитети. Со тоа се прави и последниот стручен преглед заради сигурност дека новиот екстремитет ќе функционира најдобро што може.
Пациенти деца и спортисти
Во текот на разгледувањето, вниманието ми го привлече едно девојченце. Ни најмалку не му сметаше да ни ги покаже ампутираната нога и протезата. Подоцна, гледав како си потскокнува наоколу, и изгледаше како да нема никаква грижа.
Многу ме заинтересира она што го кажа мојот протетичар за децата кои ќе изгубат некој екстремитет. Ми покажа една малечка рака и ми објасни дека таквите протези им се даваат дури и на шестмесечни бебиња. Зошто? За да се учат подоцна да користат вештачка дланка или рака. Рече дека без таква обука ќе пораснат навикнати да ги прават работите само со една рака, и затоа подоцна во животот ќе им биде тешко да користат две раце.
Дознав дека неодамна еден производител од Европа испратил во Сиднеј (Австралија) еден контејнер со составни делови за протези за спортистите на Параолимпијадата. Овие делови им беа дадени на натпреварувачите бесплатно, а во текот на олимпијадата повеќемина протетичари, меѓу кои и некои од Нов Зеланд, се ставија на располагање.
Некои од деловите беа направени специјално за спортисти. Ми покажаа еден примерок. Тоа беше стапало заедно со зглоб, направени од специјален материјал со кој се добива природната еластичност на човечкото стапало.
Најнови достигнувања
Што носи иднината на полето на протетиката? Мојот протетичар ми кажа дека веќе е направена вештачка нога што е контролирана од компјутер и дека таква нога има најмалку еден пациент од Нов Зеланд. Таа реагира на притисокот врз сензорите што се вградени во неа. Како резултат на тоа се добива движење што е исто како и природното.
Во некои земји, хирурзи, стручњаци на полето на ортопедијата, прават експерименти со една техника што се вика остеоинтеграција. По ампутацијата, во остатокот од екстремитетот се става еден посебен клин на кој може да се прицврсти вештачки екстремитет. На тој начин, нема потреба од калапи и чашки.
Се вршат и истражувања за да се спојат рецептори со нервните влакна, со што пациентот ќе може да ја контролира протезата со помош на мислите. Во Соединетите Држави и во некои други земји, направени се мал број пресадувања на рака, но околу оваа процедура има доста полемики, зашто по неа оние на коишто им била пресадена рака треба до крајот на животот да примаат лекови против отфрлање на пресадениот дел.
На полето на протетиката на рака сега се користи еден систем што се вика миоелектроника. Електродите ги примаат импулсите од мускулите на раката, кои честопати сѐ уште ги има во делот што останува по ампутацијата. Слабите електрични импулси од мускулите се користат за да се предизвика појак електричен сигнал со кој се контролираат електронските делови на вештачката рака. Со најновата технологија за изработка на протези за горните екстремитети се користи компјутер со помош на кој вештачката рака се штелува да одговара на секој пациент поединечно.
Зачуден од овој напредок во технологијата за изработка на вештачки екстремитети, го прашав мојот протетичар како би ја споредил нивната функција со функцијата на природните екстремитети. Се разбира, веднаш призна дека природните се далеку, далеку подобри. Ова ме поттикна да се сетам на зборовите на псалмистот, кој обраќајќи му се во молитва на својот Творец, рекол: „Ти благодарам што сум создаден толку чудесно“ (Псалм 139:14).
[Графикон/слики на страница 23]
(Види во публикацијата)
[Слики]
Малечка протеза за рака, која се користи за обука на бебиња на кои им е ампутирана раката
[Извор на слика]
Раце: © Otto Bock HealthCare
[Слики]
Во внатрешноста на ова колено, производ на високата технологија, има компјутерски чипови и магнетски полиња кои помагаат коленото да се приспособи на движењата на оној што го носи
[Извор на слика]
Колено: фотографија со љубезна дозвола на Ossur
[Слика]
На овој пресек на стапало се гледа обвивката од пена и структурата на зглобот
[Извор на слика]
© Otto Bock HealthCare
[Извор на слика]
© 1997 Visual Language
[Слика на страница 21]
Штелување на вештачка нога
[Слика на страница 22]
Проба на протеза
[Слика на страница 23]
Миоелектричните раце ги користат сигналите од мускулот за да ја контролираат брзината и силата на стисокот
[Слика на страница 23]
Победникот на трката на 100 метри на Параолимпијадата во 2004 година, ја истрча патеката за 10,97 секунди со вештачко стапало направено од јаглеродни влакна
[Извор на слика]
Фотографија со љубезна дозвола на: Ossur/Photographer: David Biene
[Извор на слика на страница 21]
© Otto Bock HealthCare