Исправно гледиште за тешкотиите
ГРЧКИОТ глагол хипомѐно, со дословно значење „да се остане или да се биде под“, во Лука 2:43 и Дела 17:14 е преведен со ‚остана‘. Тој исто така го попримил значењето „не се повлекува; истрајува; останува цврст“, и затоа е преведен како „претрпи“ [истрае, НС] (Матеј 24:13). Именката хипомонѐ обично означува храброст, непоколебливост или стрплива „истрајност“ која не губи надеж кога е соочена со препреки, прогонства, тешкотии или искушенија.
Знаејќи дека вечната иднина зависи од истрајноста и дека можат да бидат сигурни во помошта одозгора, христијаните не би требало да се плашат од тешкотии и страдања, негодувајќи или оддавајќи се на приговарање, самосожалување или огорченост. Апостол Павле потсетил: „Се фалиме и со маките, знаејќи, дека од маката се раѓа и трпението“ (Римјаните 5:3). Стрпливо и непоколебливо поднесените тешкотии со божествена помош, откриваат дека еден христијанин го поседува потребното својство на истрајност — нешто што не било познато во реалноста и во искуството пред да започне страдањето.
Треба да ѝ се допушти на истрајноста да ја „доврши својата работа“, дозволувајќи ѝ на тешкотијата да се одвива во потполност, без никакви обиди да се користат небиблиски средства за истата да се доведе кон брз крај. Тогаш, верата ќе биде испитана и прочистена, а ќе биде откриена и нејзината поткрепувачка моќ. Може да се покажат подрачја на слабост, ставајќи го христијанинот во позиција да си ги види мааните и да ги направи потребните подобрувања. Обликувачкиот ефект на верно издржаните испити можат да го направат лицето пострпливо, посочувствително, посожаливо, пољубезно и полно со љубов во односот со ближните. Така, со тоа што ќе дозволи истрајноста да си ја „доврши својата работа“, на едно лице нема ‚ништо да му недостига‘ од она што Јехова Бог го бара од своите слуги кои ги одобрува (Јаков 1:2-4, НС).