Филимон и Онисим — обединети во христијанско братство
ЕДНО од божествено вдахновените писма на апостол Павле зборува за еден деликатен проблем во кој биле вклучени двајца мажи. Едниот бил Филимон, а другиот Онисим. Кои биле овие мажи? Што го навело Павла да се заинтересира за нивната ситуација?
Филимон, примателот на писмото, живеел во Колоси, во Мала Азија. За разлика од многу други христијани во истото подрачје, Филимон бил запознаен со Павле, бидејќи ја имал прифатено добрата вест поради проповедничката активност на апостолот (Колосјаните 1:1; 2:1). Павле знаел дека тој е ‚возљубен сотрудник‘. Филимон бил пример за вера и љубов. Бил гостољубив и извор на освежување за своите сохристијани. Филимон очигледно бил имашлив човек, со оглед на тоа дека неговиот дом бил доволно голем за одржување на состаноци на локалното собрание. Се сугерира дека Апфија и Архип, други двајца поединци кои биле ословени во Павловото писмо, можеби биле неговата сопруга и синот. Филимон исто така имал најмалку еден роб, Онисим (Филимон 1, 2, 5, 7, 19б, 22).
Бегалец во Рим
Писмото не ни кажува зошто Онисим бил преку 1.400 километри далеку од дома, кај Павле во Рим, каде што во 61 н. е. било напишано писмото до Филимон. Но, Павле му рекол на Филимон: „Ако, пак, [Онисим] во нешто ти згрешил или ти е должен, префрли го тоа на моја сметка“ (Филимон 18). Овие зборови јасно покажуваат дека Онисим си имал неволја со својот господар, Филимон. Павловото писмо било пишувано со цел да ги помири двајцата мажи.
Се сугерира дека Онисим станал бегалец откако го опљачкал Филимон за да го финансира своето бегство во Рим. Таму намеравал да се изгуби во масите од луѓе.a Во грчко-римскиот свет, бегалците претставувале голем проблем не само за сопствениците на робови туку и за јавната управа. За самиот Рим се велело дека бил „озлогласен како вообичаено прибежиште“ за побегнати робови.
Како Павле се сретнал со Онисим? Библијата не ни кажува. Меѓутоа, кога избледнала првобитната одушевеност од слободата, Онисим веројатно сфатил дека се ставил себеси во една крајно опасна ситуација. Во градот Рим, специјални полициски сили ги гонеле побегнатите робови, чиј престап бил еден од најсериозните што биле познати за древниот закон. Според Герхард Фридрих, „побегнатите робови кои ќе биле фатени, биле жигосувани на челата. Честопати биле мачени . . . фрлани на ѕверовите во циркусот или распнувани за да ги одвратат другите робови од следењето на нивниот пример“. Веројатно, укажува Фридрих, откако Онисим ги потрошил украдените пари и залудно трагал по скривалиште или работа, го замолил Павла за заштита и посредување, за кого имал чуено во домот на Филимон.
Други мислат дека Онисим намерно побегнал кај еден од пријателите на својот господар, надевајќи се дека преку неговото влијание би можел да ги обнови добрите односи со господарот кој оправдано му бил лут од некоја друга причина. Историските извори покажуваат дека тоа било „вообичаено и раширено прибежиште на робови во неволја“. Ако е така, кражбата на Онисим „поверојатно била извршена за да го овозможи неговото доаѓање до посредникот Павле отколку дека била дел од некаков план за бегање“ — вели изучувачот Брајан Рапски.
Павле подава рака
Каква и да била причината за бегство, Онисим очигледно побарал Павлова помош за да се помири со својот бесен господар. Тоа го соочило Павла со еден проблем. Пред себе имал еден поранешен роб неверник кој бил побегнат криминалец. Дали треба апостолот да се обиде да му помогне со тоа што ќе го наговори христијанскиот пријател да не го искористи своето законско право да одмери тешка казна? Што требало да стори Павле?
Додека Павле му напишал на Филимон, бегалецот очигледно некое време бил со Павле. Тоа било доволно долго за Павле да рече дека Онисим станал „омилен брат“ (Колосјаните 4:9). „Те молам за моето чедо Онисим, што го родив во оковите свои“ — рекол Павле во врска со својот духовен однос со Онисим. Од сите можни исходи, ова мора да бил оној што Филимон најмалку го очекувал. Апостолот рекол дека робот кој порано бил „непотребен“, се враќа како христијански брат. Онисим сега требало да биде „доходен“, односно „потребен“, и на тој начин да живее според значењето на своето име (Филимон 1, 10—12).
Онисим станал многу корисен за затворениот апостол. Всушност, Павле би го задржал таму, но освен што било против законот, ова би било и кршење на правата на Филимон (Филимон 13, 14). Во едно друго писмо, пишувано отприлика во истото време до собранието што се состанувало во домот на Филимон, Павле се осврнал на Онисим како на ‚наш верен и омилен брат, кој е од вас‘. Ова покажува дека Онисим веќе имал дадено доказ за својата веродостојност (Колосјаните 4:7—9).b
Павле го охрабрил Филимон да го прими Онисим љубезно, но не го употребил апостолскиот авторитет за да му заповеда да го стори тоа или, пак, да го ослободи својот роб. Поради нивното пријателство и заемната љубов, Павле бил сигурен дека Филимон ќе стори „и повеќе“ отколку што бил замолен (Филимон 21). Што можело да значи „и повеќе“, оставено е нејасно, бидејќи само Филимон можел со право да одлучи што ќе стори со Онисим. Некои ги протолкувале Павловите зборови како премолчено барање бегалецот да биде ‚испратен назад за да може да продолжи да му помага на Павле, како што веќе почнал да го прави тоа‘.
Дали Филимон ги прифатил Павловите молби за Онисим? Се чини дека нема многу сомневање во тоа, иако ова можеби не им се допаднало на другите колоски робосопственици, кои можеби претпочитале да го видат Онисим примерно казнет за да ги одвратат своите сопствени робови од следење на неговиот пример.
Онисим — променет човек
Во секој случај, Онисим се вратил во Колоси со нова личност. Со неговото преобразено размислување преку силата на добрата вест, тој несомнено станал верен член на христијанското собрание во тој град. Дали Филимон на крајот го еманципирал Онисим, не е откриено во Писмото. Меѓутоа, од духовна гледна точка, поранешниот бегалец станал слободен човек. (Спореди 1. Коринтјаните 7:22.) Слични преобразби се случуваат и денес. Кога луѓето ги применуваат библиските начела во својот живот, ситуациите и личностите се менуваат. На оние кои порано биле сметани за бескорисни за општеството, им се помага да станат примерни граѓани.c
Каква само разлика направило преобраќањето кон вистинската вера! Додека поранешниот Онисим можеби бил „непотребен“ за Филимон, новиот Онисим несомнено живеел според своето име како „доходен“ поединец. И секако дека било благослов што Филимон и Онисим станале обединети во христијанско братство.
[Фусноти]
a Римскиот закон го дефинирал servus fugitivus (побегнатиот роб) како ‚некој кој го напуштил својот господар, со намера да не се врати‘.
b На ова патување назад во Колоси, на Онисим и Тихик изгледа им биле доверени три од Павловите писма, што сега се вклучени во библискиот канон. Освен ова писмо до Филимон, тоа биле Павловите писма до ефесјаните и до колосјаните.
c За примери, молиме види Разбудете се! од 8 октомври 1996, страници 18—23; 8 јуни 1997, страници 11—13; Стражарска кула од 1 август 1989, страници 30, 31 (англ.); 15 февруари 1997, страници 21—24.
[Рамка на страница 30]
Робовите под римскиот закон
Под римското законодавство што било во сила во првиот век н. е., робот бил сосема препуштен на милост и немилост на ќефот, страстите и карактерот на својот господар. Според коментаторот Герхард Фридрих, „начелно и правно, робот не бил личност, туку предмет со кој сопственикот можел да располага по свое мислење . . . [Тој] бил ставан на исто ниво како домашните животни и орудијата и не му биле давани никакви граѓански права“. Робот не можел да бара никаква законска отштета за претрпените неправди. Во основа, тој само морал да ги извршува наредбите на својот господар. Немало ограничување за казните што еден лут господар можел да ги наметне. Дури и за мал престап, тој располагал со власта за живот и смрт.*
Додека богатите можеби имале повеќе стотици робови, дури и во едно релативно скромно домаќинство можело да има два-тројца робови. „Задачите што ги вршеле домашните робови биле крајно разновидни“ — вели изучувачот Џон Беркли. „Наоѓаме робови како домари, готвачи, келнери, чистачи, курири, дадилки, доилки и универзални лични служители, а да не ги ни спомнуваме разните професионалци што можеле да се најдат во поголемите и побогати куќи . . . Со практични зборови, квалитетот на животот на еден домашен роб многу зависел од расположението на господарот и тоа можело да има двостран ефект: блискоста со еден суров господар можела да доведе до страдање од неограничени размери на зла, но еден љубезен и дарежлив господар можел да го направи животот и поднослив и надежен. Постојат прочуени примери за сурово постапување што се запишани во класичната литература, но исто така и изобилно списи што сведочат за срдечните чувства помеѓу некои сопственици и нивните робови.“
*Во врска со ропството меѓу Божјиот народ во древните времиња, види Insight on the Scriptures, издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., том 2, страници 977—979.