Направи да се чувствуваат добредојдено на Споменот
1 Во изминативе неколку години, само 1 од 3 лица што беа присутни на Споменот беше објавител на добрата вест. Веројатно тоа ќе биде случај и оваа година. Некои можеби дошле на подбуда од роднини или познаници кои живеат во друг град, додека други можеби се поканети од страна на некои месни објавители. Има и присутни кои, иако се крстени, повеќе не се активни во службата. Ние ги пречекуваме срдечно сите кои покажуваат почитување кон Исусовата заповед: „Правете го ова за спомен Мој!“ (1. Кор. 11:24; Рим. 15:7).
2 Поставените редари треба да бидат спремни да ги пречекаат сите, особено ако е некој нов, веднаш штом ќе пристигне во Салата на Царството. Но, може и секој од нас да покаже гостољубивост на Споменот (Рим. 12:13). Како?
3 Таа вечер, некои објавители ќе бидат мошне зафатени со обезбедување превоз за интересентите. Други можеби ќе можат да дојдат порано и да бидат таму за да ги поздрават посетителите кои доаѓаат сами. Кога во салата ќе влезе непознат човек, поздрави го срдечно и започни разговор. Прашај го дали познава некого од месното собрание. Ако познава, погрижи се за него додека тој дојде. (Спореди Лука 10:35.) Ако не познава никого лично, зошто да не го поканиш да седи до тебе во текот на состанокот? Објасни му како ќе се користат виното и лебот во текот на програмата. Можеби ќе му треба помош да ги пронајде библиските стихови што ги цитира говорникот.
4 На крајот од прославата на Споменот, покажи му дека ти било драго што дошол. Тој можеби ќе има прашања за нашето дело, на кои ќе можеш да одговориш. Твојот личен интерес може да води до дискусија на некоја библиска тема, или во Салата на Царството или на некое друго место. Некои одлични библиски студии ги започнале браќа кои спремно ја презеле оваа препорачлива иницијатива. Пред да си замине од Салата на Царството, претстави го на другите и срдечно покани го да дојде повторно.
5 Колку ни причинува задоволство кога ќе пречекаме наши драги браќа и сестри кои не присуствуваат редовно на состаноците или некое време не се активни во службата! Наместо да ги прашуваш зошто не доаѓаат на состаноците, изрази ја својата радост што се присутни. Можеби нешто што ќе чујат во предавањето за Споменот ќе ги поттикне да го испитаат својот предаден однос со Јехова. Срдечното добредојде што ќе им го укажеш и искрената заинтересираност што ја покажеш може да ги трогне. Стави им до знаење дека со исчекување гледаш на повторната средба (Рим. 1:11, 12).
6 Посебното јавно предавање со наслов „Вистинската религија ги задоволува потребите на човечкото општество“, во повеќето собранија ќе биде одржано на 10. април. Не заборави да ги поканиш сите кои присуствувале на прославата на Споменот и помогни им да дојдат. Се надеваме дека оние што присуствуваат на овие посебни состаноци ќе се чувствуваат добредојдено и ќе го осетат срдечниот дух на заедништво меѓу Јеховиниот народ (Пс. 132:1).