Поучи ги своите деца да го фалат Јехова
1. Можат ли децата да го фалат Јехова?
1 Псалм 148:12, 13 ги поттикнува момчињата и девојчињата да го „фалат Јеховиното име“. Во Библијата се спомнати многу деца што го правеле тоа. На пример, ‚момчето Самоил служело пред Јехова‘ (1. Сам. 2:18). „Едно девојче“ ѝ рекло на жената на Нааман дека Јеховиниот пророк во Израел би можел да го излечи Нааман од лепрата (2. Цар. 5:1-3). Кога Исус влегол во храмот и правел чудесни дела, „момчињата“ викале: „Спаси го, те молиме, Синот Давидов!“ (Мат. 21:15). Како би можеле родителите да ги поучат своите деца да го фалат Јехова?
2. Зошто е важно родителите да им дадат добар пример на своите деца?
2 Со својот пример: Пред да ја всадат вистината во срцата на своите деца, на татковците во Израел им било заповедано прво тие да го сакаат Јехова и да ги врежат неговите заповеди во своите сопствени срца (5. Мој. 6:5-9). Ако зборуваш позитивно за службата и ако секоја седмица редовно одиш во служба, и твоите деца ќе гледаат на неа како на нешто што е важно и што причинува задоволство.
3. Како на една сестра ѝ користел примерот на родителите?
3 Една сестра со радост се сеќава: „Кога бев мала, нашето семејство редовно учествуваше во службата секој викенд. Можев да видам дека моите родители навистина уживаат да проповедаат. Пораснавме со ставот дека службата е нешто многу убаво“. Оваа сестра станала некрстен објавител кога имала седум години, а во полновремена служба е речиси 33 години.
4. Како би можел да ги поучуваш децата за да напредуваат?
4 Поучувај ги за да напредуваат: Вклучи ги своите деца кога учествувате во службата. На пример, би можеле да заѕвонат на вратата, да му дадат трактат на станарот или да прочитаат еден стих. Така повеќе ќе уживаат во службата и ќе стекнат доверба дека можат да ја објавуваат пораката за Царството. Како што ќе растат, треба да имаат и поголем удел во службата. Затоа, помогнете им да напредуваат и да си поставуваат духовни цели.
5. Што е потребно за едно дете да ги исполни условите да стане некрстен објавител?
5 Разговарај со старешините веднаш штом ќе процениш дека твоите деца ги исполнуваат условите да станат некрстени објавители и кога тие ќе кажат дека имаат таква желба. Тоа што ќе станат објавители ќе им помогне да увидат дека имаат лична одговорност да го фалат Јехова. Имај на ум дека, за да ги исполни условите да стане објавител, едно дете не мора да знае исто колку возрасните што се крстени. Дали твоето дете ги разбира основните библиски науки? Дали живее според библиските морални мерила? Дали сака да учествува во службата и другите да знаат дека е Јеховин сведок? Ако е така, тогаш старешините можат да одредат дека ги исполнува условите да стане некрстен објавител. (Види во Организирани за да ја вршиме Јеховината волја стр. 79-82.)
6. Зошто вреди родителите да ги поучуваат своите деца?
6 Родителите треба да вложат голем труд за да ги поучат своите деца да го фалат Јехова од сѐ срце. Сепак, малку работи можат да предизвикаат поголема радост кај родителите од тоа да видат дека нивните деца духовно напредуваат. Што е уште поважно, Јехова се радува кога децата зборуваат за неговите прекрасни дела.