Родители — обучувајте ги своите деца да проповедаат
1 Нашите собранија се благословени со многу деца кои имаат искрена желба да му служат на Бог (Проп. 12:1). Тие спаѓаат меѓу оние кои Јехова ги поканил да учествуваат во неговото фалење (Псал. 148:12—14). Според тоа, обучувањето ден за ден кое родителите им го даваат на своите деца, треба да вклучува поука за тоа како да ја споделуваат својата вера со другите во делото на проповедање на Царството (5. Мој. 6:6, 7).
2 Обучувај ги децата со напредни чекори: Децата заслужуваат уште на многу рана возраст да бидат обучувани да ги придружуваат своите родители во службата. Пред да одите во служба, подготви ги своите деца да учествуваат на еден смисловен начин. Однапред одреди што очекуваш да прават на вратата. Децата кои се многу мали можат да разделуваат трактати и летоци и да ги канат луѓето во Салата на Царството. Малите кои добро читаат можат да бидат замолени да читаат библиски стихови на вратата. Тие можат да понудат списанија, користејќи кратка презентација. Како што стекнуваат искуство, обучи ги да ја користат Библијата во својата презентација. Многу млади објавители започнале сопствена обиколка со списанија и редовно прават повторни посети. Најдобро е детето да работи со некој возрасен наместо со друго младо лице. Возрасниот може да му објасни на станарот дека малиот се обучува во службата.
3 Едно мало девојче ги замолило старешините за нивна помош за да може да се квалификува како објавител на Царството. Иако во тоа време имало само пет години и не знаело да чита, тоа можело делотворно да ја презентира пораката за Царството на вратата. Запамтило каде се наоѓаат библиските стихови, свртувало кај нив, го замолувало станарот да ги прочита, а потоа го давало објаснувањето.
4 Исто така, децата треба преку родителскиот пример да бидат поучени колку вреди да се има добар распоред за редовно учество во службата. Родителите треба да воспостават доследна седмична рутина за служба и да се придржуваат кон неа, така што децата ќе знаат кој дел од седмицата е секогаш одвоен за делото на проповедање.
5 Кога децата уште од мала возраст се обучени да ја сакаат службата и да уживаат во неа, тие ќе бидат мотивирани да посегнат по поголеми предности во иднина, вклучувајќи ја можеби и пионерската служба (1. Кор. 15:58). Сите ние треба да ги охрабриме децата во нашата средина добро да напредуваат како фалители на Јехова.