На 2 април ќе почнеме да делиме покани за Спомен-свеченоста
1. Кога ќе ги делиме овогодишните покани за Спомен-свеченоста, и зошто е корисна ваквата акција?
1 Од 2 до 17 април, ќе делиме покани за најважниот настан во годината — одбележувањето на Христовата смрт. Во изминатите години, многу лица добиле покана преку оваа акција и присуствувале на свеченоста. На пример, дента кога требало да се одржи Спомен-свеченоста, некоја жена се јавила во една подружница и рекла: „Само што си дојдов дома и ја видов поканата што била оставена под вратата. Сакам да одам, ама не знам во колку часот почнува програмата“. Братот ѝ објаснил каде може да ја најде таа информација на самата покана. На крајот од разговорот, жената ветила: „Вечерва ќе дојдам на вашата свеченост!“
2. Што би можеле да кажеме кога ќе ги делиме поканите?
2 Како ќе ги делиме поканите: Бидејќи имаме малку време за да го обработиме подрачјето, најдобро е да бидеме кратки. Би можеле да речеме: „Здраво. Би сакале да Ви ја дадеме оваа покана за еден важен настан кој ќе се одржи низ целиот свет на 17 април (недела). [Дај му ја поканата на станарот.] Тогаш ќе ја одбележиме годишнината од смртта на Исус. Ќе можете да слушнете еден библиски говор во кој се објаснува како ни користи Христовата откупнина. На оваа покана е наведено времето и местото на одржување на свеченоста. Влезот е бесплатен“.
3. Што можеме да сториме за да поканиме колку што е можно повеќе луѓе?
3 Ако собраниското подрачје е големо, старешините би можеле да предложат да се оставаат покани таму каде што никој не е дома, но поканите треба да се остават на места каде што нема да ги видат минувачите. Не заборавај да ги поканиш лицата што редовно ги посетуваш, роднините, колегите од работа, соучениците и другите познајници. Ако делиш покани за време на викенд и ако процениш дека е соодветно, со поканите можеш да понудиш и списанија. Би можел ли да си ја зголемиш радоста со тоа што ќе бидеш помошен пионер во април и ќе имаш поголемо учество во оваа акција?
4. Зошто сакаме заинтересираните лица да присуствуваат на Спомен-свеченоста?
4 Присутните на Спомен-свеченоста ќе добијат големо сведоштво! Ќе чујат за Јеховината неизмерна љубов што ја покажал кога ја обезбедил откупнината (Јован 3:16). Ќе дознаат како Божјето Царство ќе дејствува во корист на човештвото (Иса. 65:21-23). Исто така, ќе бидат поттикнати да им пристапат на редарите и да побараат некој да ги поучува за Библијата. Го молиме Јехова да им помогне на колку што е можно повеќе лица да ја прифатат поканата и да ни се придружат на Спомен-свеченоста!