СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 44
ПЕСНА 138 Седата коса е прекрасна
Како да останеш радосен во поодминати години
Ќе цветаат и кога косата ќе им побели (ПС. 92:14)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Зошто е важно постарите лица да останат радосни и што може да им помогне во тоа.
1-2. Како гледа Јехова на своите верни слуги кои се постари? (Псалм 92:12-14; види ја и сликата.)
ЛУЃЕТО во различни делови од светот имаат различно гледиште за стареењето. На пример, се сеќаваш ли кога во твојата коса си го забележал првото бело влакно? Можеби веднаш си го искубал за да не го забележат другите. Но си сфатил дека со тоа што ќе ги кубеш белите влакна нема да спречиш да се појавуваат нови. Овој пример покажува дека колку и да се труди некој да го спречи стареењето, тоа едноставно е невозможно.
2 Сепак, нашиот небесен Татко има поинакво гледиште за своите слуги кои стареат (Изр. 16:31). Тој ги споредува со дрвја кои цветаат. (Прочитај Псалм 92:12-14.) Зошто оваа споредба е соодветна? Дрвјата кои се полни со лисја и со мирисливи цветови честопати се стари со децении. Едно од највпечатливите дрвја е јапонската цреша. Некои од најубавите вакви дрвја се стари повеќе од илјада години. Слично како овие стари дрвја, слугите на Јехова кои се во поодминати години се убави, односно многу скапоцени, во негови очи. Јехова гледа зад седата коса, односно ја гледа личноста. И, тој ги цени убавите особини на постарите — нивната истрајност и верност — како и долгогодишната верна служба што ја вршеле за него.
Слично како што дрвјата кои се стари стотици години се убави и продолжуваат да цветаат, постарите имаат убави особини кои ги прават многу вредни во очите на Јехова и во очите на другите (види во пасус 2)
3. Наведи пример за тоа како Јехова користел постари лица за да ја исполни својата намера.
3 Тоа што едно лице остарело не значи дека веќе не е толку вредно во очите на Јехова.a Всушност, Јехова честопати ги користи постарите за да ја исполни својата намера. На пример, Сара била многу стара кога Јехова објавил дека таа ќе стане мајка на моќен народ и предок на Месијата (1. Мој. 17:15-19). Мојсеј бил на стари години кога Јехова го испратил да ги ослободи Израелците од Египет (2. Мој. 7:6, 7). И апостол Јован бил стар кога Јехова го употребил да напише пет библиски книги.
4. Според Изреки 15:15, што може да им помогне на постарите да истраат во тешкотиите? (Види ја и сликата.)
4 Постарите се соочуваат со многу тешкотии кои ги носи староста. Една сестра на шега рекла: „Стареењето не е за кукавици“. Но, тоа што ќе чувствуваат радостb може да им помогне на постарите да истраат во тешкотиите кои доаѓаат со староста. (Прочитај Изреки 15:15.) Во оваа статија ќе разгледаме некои практични работи кои постарите може да ги прават за да останат радосни. Исто така, ќе разгледаме како другите може да им помогнат на постарите браќа и сестри во собранието. Прво, да видиме зошто може да биде предизвик да ја зачуваме радоста додека старееме.
Тоа што ќе се трудат да останат радосни може да им помогне на постарите да истраат во тешкотиите што ги носи староста (види во пасус 4)
КАКО СТАРОСТА МОЖЕ ДА ВЛИЈАЕ НА ТВОЈАТА РАДОСТ
5. Што би можело да ги обесхрабри постарите?
5 Што би можело да ти ја одземе радоста? Можеби си обесхрабрен поради тоа што не можеш да го правиш она што си го правел порано. Можеби ти недостасува времето кога си бил помлад и си имал подобро здравје (Проп. 7:10). На пример, една сестра по име Руби вели: „Тешко ми е да се облекувам поради болките и поради тоа што не сум веќе толку подвижна. Тешки ми се дури и некои едноставни работи, како на пример да ја подигнам ногата за да облечам чорапа. Рацете ми се вкочанети и имам артритис, што ми отежнува да завршам дури и некои ситни работи“. А Харолд, кој служел во Бетел, вели: „Не се препознавам себеси, и понекогаш тоа многу ме нервира. Порано бев силен и многу спортував. Уживав да играм бејзбол. Другите ќе кажеа: ’Дај му го топчето на Харолд бидејќи тој никогаш не промашува‘. Но сега, мислам дека дури не би можел ни да го фрлам топчето“.
6. а) Кои други работи може да ги обесхрабрат постарите? б) Што може да им помогне на постарите да одлучат дали да престанат да возат? (Види ја статијата со наслов „Треба ли да престанам да возам?“, која се наоѓа во овој број.)
6 Можеби си обесхрабрен бидејќи повеќе не можеш сам да правиш некои работи. Можеби дури и некој друг треба да се грижи за тебе, или пак треба да живееш со едно од твоите деца. Или, можеби си многу разочаран бидејќи здравјето или видот ти се вложил до тој степен што повеќе не можеш сам да одиш на некои места или да возиш автомобил. Поради ова, може да бидеш навистина тажен. Но нешто што може да ти помогне е тоа што ќе имаш на ум дека нашата вредност во очите на Јехова и во очите на другите не зависи од тоа дали можеме да се грижиме за себе, да живееме сами или да возиме. И, може да бидеме сигурни дека Јехова ги разбира нашите чувства. Нему му е важно какви сме однатре. Тој гледа дека нашето срце се прелева од љубов и ценење кон него и кон нашите соверници (1. Сам. 16:7).
7. Што може да им помогне на оние кои се тажни поради тоа што мислат дека можеби нема да го дочекаат крајот на овој свет?
7 А што ако си тажен поради тоа што си мислиш дека можеби нема да го дочекаш крајот на овој свет? Што може да ти помогне? Не заборавај дека Јехова стрпливо чека да му стави крај на овој злобен свет (Иса. 30:18). Но неговата стрпливост има цел. Со тоа што е стрплив, на милиони луѓе им дава време и прилика да го запознаат и да почнат да му служат (2. Пет. 3:9). Затоа, кога си обесхрабрен, сети се дека уште многу луѓе би можеле да го запознаат Јехова пред да дојде крајот и да се спасат. Дали меѓу нив би можеле да бидат и некои од твоето семејство?
8. Како проблемите што ги носи староста може да влијаат врз постарите?
8 Без разлика на возраста, кога не се чувствуваме добро, поголема е веројатноста дека ќе кажеме или ќе направиме нешто за што подоцна ќе ни биде жал (Проп. 7:7; Јак. 3:2). На пример, кога доживувал страдања, верниот Јов зборувал непромислено (Јов 6:1-3). Постарите може да кажат или да направат нешто што не е својствено за нив и од друга причина, на пример поради некој здравствен проблем или затоа што користат одредени лекови. Се разбира, никој од нас намерно не би ги користел возраста или здравјето како изговор за да биде нељубезен или премногу да очекува од другите. И, ако сфатиме дека некому сме кажале нешто нељубезно, треба веднаш да се извиниме (Мат. 5:23, 24).
КАКО ДА ОСТАНЕШ РАДОСЕН
Како може да останеш радосен и покрај предизвиците што ги носи староста? (види во пасуси 9-13)
9. Зошто треба да прифатиш помош од другите? (Види ги и сликите.)
9 Прифати помош од другите (Гал. 6:2). На почеток, тоа може да ти биде тешко. Една сестра по име Гретл вели: „Понекогаш ми е тешко да прифатам помош од другите бидејќи имам чувство дека ќе им бидам товар. Ми требаше време за да го сменам своето размислување и понизно да признаам дека ми треба помош“. Кога прифаќаш помош од другите, им даваш можност да ја почувствуваат радоста што доаѓа од давањето (Дела 20:35). Без сомнение, и ти ќе бидеш радосен кога ќе видиш дека другите те сакаат и се грижат за тебе.
(види во пасус 9)
10. Зошто е важно да не заборавиш да покажеш благодарност? (Види ја и сликата.)
10 Покажи дека си благодарен (Кол. 3:15; 1. Сол. 5:18). Кога другите прават добри работи за нас, ние сме благодарни, но може да заборавиме да го покажеме тоа. Сепак, со една насмевка и со едно „фала“ може да им покажеме на другите дека сме благодарни и дека го цениме она што го прават за нас. Лија, која се грижи за постари лица во Бетел, вели: „Една сестра за која се грижам ми остава картички со благодарност. Тоа се само неколку зборови, но многу ми се мили. Убаво ми е кога ги добивам тие картички, и ме прави среќна тоа што знам дека таа ја цени мојата помош“.
(види во пасус 10)
11. Како може да им помагаш на другите? (Види ја и сликата.)
11 Труди се да им помагаш на другите. Ако размислуваш за другите и се трудиш да им помагаш, помалку ќе размислуваш за своите проблеми. Една африканска поговорка ги споредува постарите со библиотека полна со книги кои содржат огромна мудрост. Но книгите кои се оставени да лежат на полиците не поучуваат и не раскажуваат приказни. Затоа, како една „жива библиотека“, преземи иницијатива да ги споделиш твоето знаење и искуство со помладите. Постави им прашања и сослушај ги. Спомни им некои ситуации од твојот живот кои покажуваат зошто секогаш е најдобро да се живее според Јеховините мерила и дека тоа ќе ги направи среќни. Сигурно ќе бидеш радосен ако ги тешиш и зајакнуваш твоите помлади пријатели (Пс. 71:18).
(види во пасус 11)
12. Според Исаија 46:4, што ветува Јехова дека ќе прави за постарите? (Види ја и сликата.)
12 Моли го Јехова за сила. Иако можеби ти се чувствуваш физички или емоционално исцрпен, Јехова никогаш „не се уморува и не папсува“ (Иса. 40:28). Како тој ја користи својата неограничена сила? Еден начин е така што ги зајакнува своите верни, постари слуги (Иса. 40:29-31). Всушност, тој ветува дека ќе им помага. (Прочитај Исаија 46:4.) И, Јехова секогаш ги исполнува своите ветувања (Ис. Нав. 23:14; Иса. 55:10, 11). Кога му се молиш на Јехова и потоа ја чувствуваш неговата љубов и поддршка, не може а да не бидеш радосен.
(види во пасус 12)
13. Според 2. Коринќаните 4:16-18, што треба да имаме на ум? (Види ја и сликата.)
13 Потсетувај се дека ситуацијата во која се наоѓаш е привремена. Кога имаме на ум дека некоја тешка ситуација е привремена, полесно ни е да истраеме. Библијата нѐ уверува дека староста и лошото здравје се привремени (Јов 33:25; Иса. 33:24). Затоа, може да ти носи радост тоа што знаеш дека најдобрите денови допрва ти претстојат, а не дека веќе поминале. (Прочитај 2. Коринќаните 4:16-18.) Но како може другите да ти помогнат?
(види во пасус 13)
КАКО МОЖЕ ДРУГИТЕ ДА ПОМОГНАТ
14. Зошто е важно да ги посетуваме и да им се јавуваме на постарите?
14 Редовно посетувај ги и јавувај им се на постарите браќа и сестри (Евр. 13:16). Постарите може да се чувствуваат осамено. Еден брат по име Ками, кој не може да излегува од дома, вели: „Од утро до вечер сум дома, и многу ми е досадно. Понекогаш се чувствувам како стар лав во кафез. Станувам нервозен и вознемирен“. Со тоа што ги посетуваме постарите, ги уверуваме дека ни се важни и дека ги сакаме. Веројатно, сите ние може да се сетиме на некоја ситуација кога сме сакале да му се јавиме на некое постаро лице од собранието или да го посетиме, но не сме го направиле тоа. Секој од нас е многу зафатен. Затоа, што може да ни помогне да го правиме она што е најважно, во што спаѓа и тоа да ги посетуваме постарите? (Фил. 1:10). Може да ти помогне тоа што ќе си ставиш белешка во твојот календар за да те потсети да му пратиш порака на некое постаро лице во твоето собрание или да му се јавиш. Исто така, може да си направиш распоред за да ги посетуваш; не оставај го тоа на случајноста.
15. Што може да прават заедно помладите и постарите?
15 Ако си млада личност, можеби се прашуваш за што би можел да разговараш со постарите или кои работи би можеле да ги правите заедно. Но немој премногу да размислуваш за тоа. Само биди добар пријател (Изр. 17:17). Разговарај со постарите пред или по состаноците. Би можел да ги прашаш кој е нивниот омилен стих или да им кажеш да ти раскажат некоја смешна случка од детството. Исто така, би можел да ги поканиш заедно да гледате месечна емисија на JW Broadcasting®. А можеби би можел да им помагаш на постарите и на практични начини. На пример, би можел да им помогнеш редовно да си ги ажурираат уредите или да ги преземат најновите публикации за проучување. Една сестра по име Керол вели: „Понуди им на постарите да правите работи кои и самиот сакаш да ги правиш. Иако сум стара, сѐ уште сакам да уживам во животот. Сакам да одам во шопинг, да јадам надвор и да шетам во природа“. Една сестра по име Мајра вели: „Една од моите пријателки има 90 години. Меѓу нас има 57 години разлика. Но често заборавам на тоа бидејќи се смееме заедно и гледаме филмови заедно. И, кога имаме некој проблем, бараме совет една од друга“.
16. Зошто на постарите може да им биде од помош тоа што ќе одиме со нив на лекар?
16 Придружувај ги кога одат на лекарски прегледи. Освен што би можел да ги однесеш постарите на лекар, би можел и да останеш со нив за време на прегледот за да бидеш сигурен дека медицинскиот персонал ќе се однесува добро со нив и ќе им ја пружи потребната помош (Иса. 1:17). Можеби би можел да му помогнеш на постарото лице така што ќе го запишеш она што ќе го каже лекарот. Една постара сестра по име Рут вели: „Честопати, кога сама одам на преглед, лекарот не ме сфаќа сериозно. Лекарите може да кажат нешто како: ’Твојот проблем е психолошки, сѐ е во твојата глава‘. Но, кога има некој со мене, лекарите се однесуваат сосема поинаку. Многу сум им благодарна на браќата и сестрите што одвојуваат време да ме придружуваат“.
17. На кои начини би можел да проповедаш со постарите лица?
17 Соработувај со нив во службата на проповедање. Некои постари можеби немаат доволно сила за да одат во служба од куќа до куќа. На пример, би можел да поканиш некоја постара сестра да сведочите заедно со колички. А може дури и да ѝ донесеш столче за да седи во близина на количката. Или, би можел да поканиш некој постар брат на библиски курс, па дури и би можел да го водиш курсот кај него дома. Старешините би можеле да размислат дали е можно состаноците за служба да се одржуваат во домовите на некои постари лица за да им биде полесно да учествуваат во службата. Вреди сѐ што правиме за да им искажеме чест на постарите (Изр. 3:27; Рим. 12:10).
18. Што ќе разгледаме во следната статија?
18 Во оваа статија бевме потсетени дека Јехова ги сака и цени постарите. А и сите ние ги сакаме и цениме. Стареењето е тешко, но со Јеховина помош можеш да останеш радосен (Пс. 37:25). Колку е охрабрувачки тоа што знаеш дека најдобрите денови допрва ти претстојат, а не дека веќе поминале. Но, како може да останат радосни оние што се грижат за некој што е болен, на пример за постар член на семејството, за дете или за пријател? Одговорот на оваа прашање ќе го дознаеме во следната статија.
ПЕСНА 30 Мојот Бог, Татко и Пријател
a На jw.org и на JW Library®, гледај го видеоклипот со наслов Постарите имаат важна улога.