Сабота, 18 октомври
Молете, и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви се отвори! (Лука 11:9)
Дали ти е потребна поголема стрпливост? Ако да, моли се за тоа. Стрпливоста е плод на светиот дух (Гал. 5:22, 23). Затоа, можеме да го молиме Јехова да ни даде свет дух и да ни помогне да ја развиваме оваа особина. Ако се соочиме со ситуација која ја става на испит нашата стрпливост, да продолжиме да го молиме Јехова да ни помогне со својот свет дух да бидеме стрпливи (Лука 11:13). Исто така, можеме да го молиме Јехова да ни помогне да гледаме на работите од негова гледна точка. Освен што ќе се молиме, треба да дадеме сѐ од себе за да бидеме стрпливи секој ден. Ако продолжиме да се молиме за стрпливост и се трудиме да ја покажуваме оваа особина, Јехова ќе ни помогне таа да стане дел од нашата личност. Исто така, од помош ќе ни биде и ако размислуваме за примерите од Библијата. Во неа има многу примери за луѓе кои биле стрпливи. Ако размислуваме за овие примери, ќе можеме да научиме на кои начини да покажуваме стрпливост (w23.08 22, пас. 10-11).
Недела, 19 октомври
Фрлете ги своите мрежи и ловете! (Лука 5:4)
Исус го уверил апостол Петар дека Јехова ќе се грижи за неговите потреби. Воскреснатиот Исус повторно им помогнал на Петар и на другите апостоли со чудо да уловат риби (Јован 21:4-6). Без сомнение, ова чудо го уверило Петар дека Јехова лесно може да се грижи за неговите материјални потреби. Можеби апостолот тогаш се потсетил на зборовите од Исус дека Јехова ќе се грижи за оние кои најнапред го бараат Царството (Мат. 6:33). Сето ова му помогнало на Петар на прво место да ја стави службата на проповедање, а не рибарењето. Тој храбро проповедал на Педесетница 33 год. од н.е., и со тоа им помогнал на илјадници да ја прифатат добрата вест (Дела 2:14, 37-41). А потоа, им помогнал на Самарјаните и на не-Евреите да го прифатат Исус и да го следат (Дела 8:14-17; 10:44-48). Без сомнение, Јехова го употребил Петар на моќен начин за да доведе во собранието најразлични луѓе (w23.09 20, пас. 1; 23, пас. 11).
Понеделник, 20 октомври
Ако не ми кажете што сум сонувал и што значи сонот, ќе бидете распарчени (Дан. 2:5)
Околу две години откако Вавилонците го уништиле Ерусалим, вавилонскиот цар Навуходоносор сонил еден страшен сон во кој видел огромен кип. Тој се заканил дека ќе ги убие сите негови мудреци, вклучувајќи го и Даниел, доколку не му кажат што сонувал и што значи тој сон (Дан. 2:3-5). Даниел морал веднаш да стори нешто бидејќи во спротивно ќе биле убиени многу луѓе. Тој отишол кај царот и го замолил да му даде време за да му го протолкува сонот (Дан. 2:16). За ова биле потребни храброст и вера. Во Библијата не пишува дека Даниел претходно толкувал сонови. Тој ги замолил своите другари „да го молат за милост небесниот Бог поради таа тајна“ (Дан. 2:18). Јехова одговорил на нивните молитви. Со помошта од Бог, Даниел го протолкувал сонот на Навуходоносор. Животот на Даниел и на неговите другари бил поштеден (w23.08 3, пас. 4).