Недела, 19 октомври
Фрлете ги своите мрежи и ловете! (Лука 5:4)
Исус го уверил апостол Петар дека Јехова ќе се грижи за неговите потреби. Воскреснатиот Исус повторно им помогнал на Петар и на другите апостоли со чудо да уловат риби (Јован 21:4-6). Без сомнение, ова чудо го уверило Петар дека Јехова лесно може да се грижи за неговите материјални потреби. Можеби апостолот тогаш се потсетил на зборовите од Исус дека Јехова ќе се грижи за оние кои најнапред го бараат Царството (Мат. 6:33). Сето ова му помогнало на Петар на прво место да ја стави службата на проповедање, а не рибарењето. Тој храбро проповедал на Педесетница 33 год. од н.е., и со тоа им помогнал на илјадници да ја прифатат добрата вест (Дела 2:14, 37-41). А потоа, им помогнал на Самарјаните и на не-Евреите да го прифатат Исус и да го следат (Дела 8:14-17; 10:44-48). Без сомнение, Јехова го употребил Петар на моќен начин за да доведе во собранието најразлични луѓе (w23.09 20, пас. 1; 23, пас. 11).
Понеделник, 20 октомври
Ако не ми кажете што сум сонувал и што значи сонот, ќе бидете распарчени (Дан. 2:5)
Околу две години откако Вавилонците го уништиле Ерусалим, вавилонскиот цар Навуходоносор сонил еден страшен сон во кој видел огромен кип. Тој се заканил дека ќе ги убие сите негови мудреци, вклучувајќи го и Даниел, доколку не му кажат што сонувал и што значи тој сон (Дан. 2:3-5). Даниел морал веднаш да стори нешто бидејќи во спротивно ќе биле убиени многу луѓе. Тој отишол кај царот и го замолил да му даде време за да му го протолкува сонот (Дан. 2:16). За ова биле потребни храброст и вера. Во Библијата не пишува дека Даниел претходно толкувал сонови. Тој ги замолил своите другари „да го молат за милост небесниот Бог поради таа тајна“ (Дан. 2:18). Јехова одговорил на нивните молитви. Со помошта од Бог, Даниел го протолкувал сонот на Навуходоносор. Животот на Даниел и на неговите другари бил поштеден (w23.08 3, пас. 4).
Вторник, 21 октомври
Кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен (Мат. 24:13)
Размислувај зошто е корисно да бидеш стрплив. Стрпливоста ни помага да бидеме посреќни и посмирени. Значи, стрпливоста може да придонесе да имаме подобро ментално и физичко здравје. Кога сме стрпливи со другите, имаме подобри односи со нив. На тој начин се зајакнува единството во нашето собрание. Ако бидеме бавни на гнев кога некој ќе нѐ изнервира со нешто, ќе спречиме ситуацијата да се влоши (Пс. 37:8; Изр. 14:29). Но најважно од сѐ, ние го следиме примерот на нашиот небесен Татко и стануваме поблиски со него. Навистина, стрпливоста е прекрасна особина која ни користи на сите нас! Иако не е секогаш лесно да бидеме стрпливи, со помош од Јехова можеме да ја развиеме оваа особина. И додека стрпливо го чекаме новиот свет, можеме да бидеме уверени дека „Јеховиното око е насочено кон оние што се бојат од него, кон оние што ја чекаат неговата милост“ (Пс. 33:18). Затоа, сите ние да бидеме решени и понатаму да покажуваме стрпливост! (w23.08 21, пас. 7; 25, пас. 16-17).