Младите прашуваат . . .
Дали ќе ми биде од корист ако сум Божји пријател?
МНОГУ млади луѓе денес растат под стресови кои пред една генерација биле незамисливи. Авторите на едно национално испитување на 160.000 младинци, објасниле: „Тинејџерите ни кажуваат дека голем дел од нивниот немир доаѓа од притисоци со кои не можат да излезат на крај, од обесхрабреност и тага кои ја совладуваат нивната доверба и од родители кои не се осетливи за нивните проблеми“. Можеби и ти чувствуваш дека другите едноставно не разбираат колку може животот понекогаш да биде мачен за еден млад човек.
Се разбира, можеби имаш некој близок пријател на кого можеш да му се обратиш за емоционална поддршка и тоа може да ти донесе извесно олеснување. Но зарем не е вистинито дека постојат болни потешкотии со кои мораш самиот да се соочуваш? Колку има вистина во тоа дека понекогаш само твоето ‚срце ја знае тагата на душата [твоја]‘ (Изреки 14:10). Но постои Некој кој во потполност те разбира и кој ти го нуди своето пријателство. Многу млади луѓе откриле дека неговото пријателство е од огромна помош дури и во најмачното време.
Пријателство со Бог
Една млада девојка била запрашана за причината зошто му е најмногу благодарна на Јехова. Таа одговорила: „Тоа што можеме да го запознаеме и да му бидеме блиски пријатели“. Да, возможно е да го имаме најизвонредното пријателство во универзумот! Псалмистот напишал: „Блискоста со Јехова им припаѓа на оние кои се плашат од него“ (Псалм 25:14, НС).
„Блискост со Јехова“ — каква драгоцена предност! Оригиналниот хебрејски збор ја пренесува идејата на отворен, доверлив говор со некој кој ти е посебен пријател. Значи, тоа е блиско пријателство темелено на љубов, привилегирана блискост која произлегува од взаемна доверба. Како Божји пријател, ти чувствуваш дека оној кој вистински те разбира ја цени твојата вистинска вредност како личност. Но кои се благодатите на ваквото пријателство?
„Моја сигурност од младоста моја“
На многу младинци, и покрај надворешниот храбар изглед, им недостига внатрешна сигурност. „Ќе го изјавам моето мислење и, кога некој друг ќе го каже своето, во потполност ќе го промени моето“, се жалела 13-годишната Џуди. „Не сум многу сигурна во самата себе.“ Меѓутоа, во својата пишана Реч, Библијата, нашиот небесен Пријател ни дава посебно водство за успешно живеење. Всушност, советот даден во библиската книга Изреки е наменет да им даде „на младите — знаење и расудување“, овозможувајќи им да ги исправат своите патеки (Изреки 1:1-4; 3:1-6). Тоа може да ти даде сигурност! Можеш да го дознаеш најдобриот начин на живеење.
Библијата, заедно со библиските помошни средства, како што е ова списание, дава совети скоро за секој аспект од животот — почнувајќи од изборот на пријателите па сѐ до исправниот став спрема родителите (Изреки 1:8, 9; 13:21). Затоа, оние кои внимаваат на таквото упатство можат да ‚се оддалечуваат од мрежите на смртта‘ (Изреки 14:27). На пример, една девојка, по име Мај, гледала како нејзината телесна сестра ги презира библиските начела. Таа сестра трагично умрела предвреме — сѐ поради нејзиниот промискуитетен начин на живот. Мај објаснува како самата таа можела да се спротивстави на таквиот неморал: „Можам јасно да размислувам за Јеховините начела за моралот, и тоа ме зајакнува. Тие начела ми помагаат да сфатам дека Јехова е реална личност и дека неговиот пат е најдобриот“.
Меѓутоа, да го имаме Јехова за пријател вклучува многу повеќе отколку само да ги научиме неговите мерила. Можеш да го почувствуваш неговиот личен интерес во твојот живот. Библијата ни кажува за цар Давид кој од неговата младост бил поучен од Бог. Давид станал Божји пријател и, иако доживеал „големи и тешки маки“, тој всушност видел како Бог дејствува во неговиот живот. Давид зборувал за Божјите ‚чудеса‘ во негова корист и за Јеховината ‚мишка‘ или сила употребена во неговиот живот. На темел на таквите лични искуства, Давид напишал: „Ти си моја надеж, Господи, моја сигурност од младоста моја“ (Псалм 70:5, 17, 18, 20). И ти можеш да ја имаш истата таа сигурност додека го чувствуваш Јеховиниот благослов во твојот живот. Додека се стремиш да го следиш неговото водство — и покрај предизвиците — навистина ќе чекориш со Бог во еден драгоцен однос. (Спореди 1. Мојсеева 6:9.)
Бог ни помага да го следиме исправниот пат
Не е лесно да се следи Божјето водство покрај сите искушенија и притисоци во животот. Тоа посебно се покажало вистинито во случајот на Пеги, која како млада личност била проститутка и зависник од дрога. Преку проучување на Библијата, таа била во можност да ја совлада својата зависност и да направи промени во морален поглед, развивајќи притоа пријателство со Бог. Но Пеги и понатаму се соочувала со истите притисоци кои ја натерале да бара спас во дрогата. Кога била запрашана како продолжила и понатаму да се бори, таа одговорила: „Можам само да кажам дека тоа беше со помош на Јеховиниот дух“.
Пеги знаела дека Бог го дава својот свет дух, односно активна сила, на неговите пријатели и дека тој може да ги оспособи да живеат по тие мерила (Дела 5:32; 1. Коринтјаните 6:9-11). „Сега има моменти кога ми се враќаат тие стари чувства, особено кога сум сама“, признава Пеги, „но едноставно веднаш почнувам да се молам. Способноста да се совладаат тие проблеми за мене е повозбудлива од што и да е друго што некогаш сум го постигнала во животот.“ Колку само е охрабрувачки да знаеме дека, како пријател, Бог може да ни помогне „според силата што во нас дејствува [и] може да изврши изобилно сѐ, што бараме или помислиме“ (Ефесјаните 3:20).
Божјиот дух ни помага да развиваме особини како што се долготрпеливост, благост и самосовладување (Галатјаните 5:22, 23). Исто така, во собранијата на Јеховините сведоци, Бог ги поставува старешините или пастирите, наименувани од светиот дух, за да даваат практична помош. Пеги додава: „Имав голема поддршка од собранието, особено од старешините. Тоа ми беше од огромна помош“.
„Карпата на моето срце“
„Пријателот е полн со љубов во секое време, и станува брат во време на неволја.“ Така стои во Изреки 17:17 во преводот The Basic Bible. Пријателот е потребен особено во „време на неволја“. Псалмистот Асаф доживеал еден голем емоционален немир, но сепак му се приближил на Бог како на свој пријател. Затоа, иако неговото ‚срце му било скиселено‘ од внатрешна болка, тој рекол: „Бог е карпата на моето срце“ (Псалм 73:21, 26, 28, НС). Јехова, кој вистински сфаќал што чувствува Асаф, му дал емоционална поддршка. Јехова влијаел закрепнувачки врз Асаф за тој да не изгуби надеж и храброст.
Нашиот небесен Пријател може и за тебе да биде темел во вид на карпа, во време на неволја. Една тинејџерка го открила тоа преку лично искуство. Кога Бони имала 13 години, некои од девојчињата во нејзиното малечко селско училиште рашириле злобна, клеветничка гласина за неа. На Бони ѝ се чинело дека сите верувале во таа лага. Многу од нејзините школски другари ладно се однесувале спрема неа, нарекувајќи ја дури и со понижувачки имиња. „Многу вечери доаѓав дома и плачев“, објаснува Бони. „Дури посакував и да се самоубијам затоа што однатре чувствував голема болка.“ Им се обратила заради поддршка на некои свои пријатели. „Се обидував да разговарам со луѓето, но како да не ме разбираа. Мојот проблем го правеа да изгледа како да е ништо. Понекогаш се чувствував многу осамена.“ Што ја оддржало да не ја загуби надежта среде тој метеж? Таа продолжува: „Да не беше Јехова, ќе се самоубиев. Толку многу го сакам. Тој ми е најдобар пријател“. Таа сега знае дека нејзиното пријателство со Бог било тоа што ѝ помогнало да го издржи тоа емоционално поразувачко искуство.
Спознанието дека Јехова ги разбира нашите околности и дека знае точно што се случило, е голема утеха кога другите не ја покажуваат чувствителноста која можеби ја очекуваме. Исто така, спознанието дека нашиот Пријател е „Отец на милосрдноста“ е од голема помош кога со нас се постапува нељубезно или дури кога сме малтретирани. Понекогаш нашите срца можат да нѐ осудуваат, но „Бог е поголем од нашите срца и ги знае сите работи“ (2. Коринтјаните 1:3, 4; 1. Јованово 3:20, НС). Да се има Јеховиното гледиште за некоја работа може да претставува вистинска утеха. На пример, едно 13-годишно момче било брутално сексуално злоупотребено од тројца мажи. „После тоа, јас многу се срамев и се обвинував себеси за она што ми се случи“, признал тој. „Бев многу депримиран.“ Потоа, тој почнал да истражува во библиски темелените публикации на Друштвото Стражарска кула на темата силување. „Кога ги прочитав тие информации, не можев да се воздржам и заплакав. Почувствував како да ми се симна еден голем товар од рамениците. Јас бев жртвата. Потпирајќи се на Јехова, на семејството и на пријателите, можев да го пребродам овој вознемирувачки период.“ Колкава само поддршка дале тие зборови темелени на Библијата!
Пријателството со Бог може да помогне на многу начини! Можеме да имаме вистинска сигурност во животот, да ја развиеме внатрешната сила за да го следиме Божјиот пат и да имаме поддршка како карпа во време на неволја. Но како можеме да изградиме едно такво пријателство? Тоа ќе ни го објасни една понатамошна статија во оваа серија.
[Слика на страница 13]
Бог може да ти стане ‚карпата на срцето‘