Имај самопожртвуван дух!
РОЛФa бил ценет работник. Кога одлучил да најде работа со скратено работно време за да може да го зголеми своето учество во христијанската служба, неговиот работодавец спремно соработувал. Поради тоа Ролф со години бил во можност да ѝ се радува на пионерската служба. Сепак, еден ден ситуацијата со работата се променила. Ролф се покажал толку способен во својата работа, така што му било понудено местото на трговски директор на фирмата. Работата нудела примамлива заработувачка и добри изгледи за натамошен напредок. Меѓутоа, скратеното работно време повеќе не би било можно.
Ролф издржувал жена и две деца, така што дополнителни средства би им биле од корист. И покрај тоа, тој ја одбил понудата и дал молба за друга работа која би му овозможила да ги исполни своите духовни и финансиски обврски. Работодавецот на Ролф бил зачуден од оваа одлука. Сфаќајќи дека дури и понуда на повисока плата би била залудна, неговиот шеф заклучил: „Увидувам дека не можам да се натпреварувам со вашето уверување“.
Да Ролф имал уверување. Но тој исто така имал и една друга особина — дух на самопожртвуваност. Таквиот дух е реткост во нашиот самоугодлив свет. Но тој може да води до начин на живот кој е корисен и задоволувачки. Што претставува духот на самопожртвуваност? Што тој дух повлекува со себе? И што мораме да правиме за да го одржиме?
Библиско барање
Жртвувањето значи напуштање или одрекување од нешто вредно. Жртвувањето било дел од вистинското обожавање уште од првиот верен сведок, Авел, кој принел „од првината на стадото свое“ за жртва на Бог (1. Мојсеева 4:4). Мажи од вера, како Ное и Јаков, го следеле во тоа (1. Мојсеева 8:20; 31:54). Животинските жртви исто така биле значајно обележје на Мојсеевиот закон (3. Мојсеева 1:2-4). Сепак, под овој Закон обожавателите биле поттикнувани да го принесат најдоброто. Не им било дозволено да принесат животно со каков и да е недостаток за жртва (3. Мојсеева 22:19, 20; 5. Мојсеева 15:21). Кога отпадничките Израелци го нарушиле овој закон, Бог ги укорил, велејќи: „Кога дарувате куцо животно [за жртвување, велите]: ‚Нема ништо лошо во тоа‘. Однеси го, молам, пред твојот намесник. Ќе биде ли задоволен од тебе, или дали ќе те прими љубезно? (...) Може ли да ми биде по волја она што доаѓа од вашите раце? “ (Малахија 1:8, 13, NW).
Начелото за жртвување било пренесено во христијанското обожавање. Меѓутоа, откако Христос ја платил потполната откупна цена, животинските жртви повеќе не се прифатливи за Бог. Тогаш, што можат прифатливо да жртвуваат христијаните? Павле пишува во Римјаните 12:1: „Затоа, браќа, сесрдно ве молам преку Божјата сомилост да ги дарувате своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог, света служба со силата на вашиот ум“ (NW). Каква извонредна промена! Наместо жртвување на мртви тела од животни, христијаните требале да се дадат себеси како жива жртва — своите сили, средства и способности. И како во Израел, Јехова нема да прифати „куци“, или жртви со половина срце. Тој бара неговите обожаватели да му го даваат најдоброто, така што ќе му служат со сето свое срце, душа, ум и сила (Марко 12:30).
Така самопожртвуваниот дух вклучува далеку повеќе отколку само да се обврзеш себеси да ја следиш листата на состаноци и активности во христијанската служба. Тоа значи одлучност да се врши Божјата волја без оглед на цената. Тоа значи да се биде спремен да се поднесуваат тешкотии и неудобности. „Ако некој сака да ме следи“, рекол Исус, „нека се одрече од себеси и нека го земе својот маченички столб и постојано нека ме следи“ (Матеј 16:24, NW). Еден христијанин не ги прави личните амбиции или материјалистичките цели своја главна преокупација. Неговиот живот се сосредоточува на тоа најпрво да го бара Божјето Царство и Неговата праведност (Матеј 6:33). Ако е потребно, тој е спремен да го ‚земе својот маченички столб‘, да поднесува прогонства, срам, па дури и смрт!
Благослови кои доаѓаат од самопожртвуваноста
Соочен со таквите отрезнувачки можности, некој може природно да се праша дали самопожртвуваноста се исплаќа. За оние кои го љубат Јехова Бог и кои сакаат да гледаат како на неговото име му се оддава чест, секако се исплаќа (Матеј 22:37). Да го разгледаме совршениот пример што го оставил Исус Христос. Пред да дојде на Земјата, тој уживал висока положба на небото како духовно суштество. Меѓутоа, како што им рекол на своите ученици, тој ‚не ја барал Својата волја, туку волјата на Бог, Којшто го испратил‘ (Јован 5:30). Затоа тој доброволно „се понизи сам себе земајќи облик на слуга, станувајќи како и другите луѓе и на очи се најде како човек, Се понизи самиот себе станувајќи послушен до самата смрт, а смрт на крст [маченички столб, NW]“ (Филибљанима 2:7, 8, ДК).
Таквите жртви не се покажале бесплодни. Поради тоа што Исус бил спремен „да ја положи душата своја за своите пријатели“, можел да ја плати откупната цена, овозможувајќи им на несовршените луѓе да добијат или бесмртност на небесата или вечен живот на Земјата (Јован 3:16; 15:13; 1. Иванова 2:2, Ст). Преку совршеното чување на својата беспрекорност тој предизвикал Јеховиното име да биде славено во голема мера (Приче Соломунове 27:11, ДК). Не е чудо што Јехова го благословил заради неговиот самопожртвуван начин на постапување! „Бог високо Го издигна и Му даде име, што е над секое име“ (Филипјаните 2:9).
Секако, Исус бил Божји единороден Син. Дали Бог ги наградува исто така и другите кои прават жртви за него? Да, а тоа се гледа од многу примери како во старо така и во денешно време. Да го разгледаме библискиот извештај за Моавката Рута. Таа очигледно научила за Јехова од својот сопруг кој бил Израелец. После неговата смрт таа морала да донесе одлука. Дали ќе остане во паганската земја кадешто се родила или ќе отпатува во Ветената земја со својата остарена свекрва, Ноемина? Рута го избрала второто, и покрај тоа што тоа значело жртвување на дружењето со своите родители и можеби дури и изгледот за повторно мажење. Сепак, Рута го запознала Јехова, и желбата да го обожава заедно со неговиот избран народ ја поттикнало да не ја напушти Ноемина.
Дали Рута била наградена за таквата самопожртвуваност? Уште како! Со текот на времето, земјопоседникот Воз ја зел за жена, а Рута станала мајка на син по име Овид преку кој станала предок на Исус Христос (Матеј 1:5, 16).
Самопожртвуваните слуги на Бог во наше време исто така се радуваат на благословите. На пример, во 1923, Вилјам Р. Браун, попознат како „Библија“ Браун, го напуштил својот дом во Западна Индија за да го предводи проповедничкото дело во Западна Африка. Го придружувале неговата жена и ќерка. Најпосле се преселил во Нигерија кадешто проповедничкото дело штотуку започнало да ги донесува првите плодови. Заедно со црниот Американец Винсент Семјуелс и еден друг Сведок од Западна Индија по име Клод Браун, „Библија“ Браун одиграл значајна улога во раниот период на делото во Западна Африка.
Денес преку 187 000 објавители служат во Сиера Леоне, Либерија, Гана и Нигерија, подрачја кои ги отворил „Библија“ Браун и неговите придружници. Пред својата смрт во 1967, „Библија“ Браун рече: „Колкава радост е да се видат мажи и жени како стануваат послушни на добрата вест за Божјето Царство!“ Да, тој бил богато благословен за својот самопожртвуван начин на живот.
Како да се биде самопожртвуван
Кои се некои од начините на кои денес можеме да го покажеме истиот дух? Еден начин е да се има редовно седмично учество во службата од куќа до куќа (Дела 20:20). Да се прави тоа, особено по напорната седмица на световната работа, можеби не е лесно. Може да бара дисциплина и добро планирање. Но радоста ја надминува секоја претрпена неудобност. Секако, ти можеш да ја имаш предноста да му помагаш некому да стане „Христово писмо, (...) напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог, не на камени плочки, туку врз телесни плочки на срцето“ (2. Коринтјаните 3:3).
Со грижливо ‚откупување на поволното време‘, можеби од световната работа или забавата, некои го зголемиле своето учество во делото на проповедање (Ефесјаните 5:16, NW). Многумина ги уредиле своите планови така што се радуваат на помошната пионерска служба барем еднаш во годината. Други се во можност да бидат помошни пионери постојано или служат како општи пионери. Друга жртва која може да се земе предвид е преселувањето во подрачја кадешто се потребни повеќе објавители на Царството. Ова често со себе повлекува темелни промени во начинот на живот, поднесување на неудобности, прилагодување на нови култури и обичаи. Но кога имаме попотполн удел во помагањето на другите да постигнат живот, имаме благослови кои ги прават таквите жртви достојни.
Џон Катфорд, роден во Канада, лично го спознал тоа. По дипломирањето на Гилеад школата на Друштвото Стражарска кула, бил наименуван како мисионер во Австралија. „Колку голема оддалеченост од дома беше тоа!“, се сеќава брат Катфорд. „Ќе се вратам ли некогаш во Канада да ги видам повторно моите родители и пријатели пред Армагедон? Единствениот начин да го откријам тоа беше да одам“. Брат Катфорд отишол и не се каел заради жртвата што ја направил. Во подоцнежните години го предводел делото на сведочење во Папуа Нова Гвинеја кадешто сѐ уште ревно служи, и има поминато 50 години во полновремена служба. Тој еднаш рече: „Кога секогаш тежнееш да го следиш Јеховиното водство и го прифаќаш секое наименување за кое тој смета дека е прикладно да ти го даде, тоа ќе ти донесе радост, среќа, задоволство, и неброени пријатели“.
Секако, околностите како што се здравјето, финансиите и семејните обврски можат да го ограничат она што можеш да го сториш; сите не можат да служат како пионери и мисионери. Сепак, биди одлучен да имаш толку потполн удел во службата на проповедање колку што ти е можно, не дозволувајќи мали неудобности, како што е лошото време, да те одвратат (Евреите 10:24, 25). Исто така можеш да бидеш во можност да жртвуваш повеќе време за лично проучување на Божјата Реч. Некои семејства го прават тоа така што го ограничуваат времето кое го поминуваат во гледање на ТВ програми, можеби дури и имаат „вечер без ТВ“ секоја седмица или пак воопшто немаат ТВ. Со тоа што наоѓаш време за лично проучување, ‚жртвата на фалба‘ со која ‚даваш јавна изјава за неговото име‘ на состаноците и во службата на проповедање, има повеќе изгледи да биде жртва со висок квалитет (Хебреите 13:15, NW).
Запомни, делото на проповедање сега е во последниот стадиум. Наскоро Бог ќе ја донесе својата осуда врз овој алчен и самоугдолив свет (Сефанија 2:3, Ст). За да ја задржиме Божјата наклоност, не можеме да се штедиме себеси. Мораме ‚да ги даруваме своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог‘ (Римјаните 12:1, NW). Таквиот дух ќе ни донесе голема среќа и задоволство. Тоа ќе ни помогне да постигнеме поголема радост во нашата служба. А тоа ќе го израдува и срцето на Јехова Бог! (Соломонови изреки 27:11).
Затоа задржи самопожртвуван дух! Немој да се колебаш да се изложиш на неудобности за да им помогнеш на другите и да ги поддржиш интересите на Царството. Павле советува: „Не заборавајте да правите добро и да ги делите своите добра со другите, зашто со такви жртви му се угодува на Бог“ (Хебрејима 13:16, Ст).
[Фуснота]
a Името е променето.
[Слика на страница 26]
Одвојувањето време за лично проучување и за службата на проповедање може да бара жртва, но се исплаќа
[Слика на страница 28]
В. Р. Браун и Џон Катфорт биле богато благословени поради нивниот самопожртвуван начин на живот