Што значи да се сака Бог?
ПРЕД околу шест илјади години, се родило првото човечко бебе. По неговото раѓање, мајка му, Ева, рекла: „Придобив [Произведов, НС] човек од Господа“ (1. Мојсеева 4:1). Нејзината изјава открива дека, иако веќе била осудена на смрт поради својата побуна, таа и нејзиниот сопруг, Адам, сѐ уште биле свесни за Јеховиното Божество. Подоцна, тие произвеле и втор син. Момчињата биле наречени Каин и Авел.
Додека синовите растеле, несомнено научиле многу за Јеховината љубов токму преку испитувањето на неговото творештво. Уживале во прекрасните бои во природата и во разновидноста на животните и растенијата. Бог не само што им дал живот туку и способност да наоѓаат задоволство во животот.
Тие дознале дека нивните родители биле создадени како совршени и дека Јеховината првобитна намера била луѓето да живеат засекогаш. Веројатно, Адам и Ева им ја опишале прекрасната Едемска градина и некако морале да објаснат зошто биле истерани од еден таков рајски дом. Каин и Авел можеби биле свесни и за божественото пророштво запишано во 1. Мојсеева 3:15. Преку тоа пророштво, Јехова ја изразил својата намера да ги поправи работите во свое време, во корист на оние кои го сакаат и кои се докажуваат лојални спрема него.
Со тоа што учеле за Јехова и за неговите особини, кај Каин и Авел сигурно се создала желба за Божја милост. Затоа, тие му пристапиле на Јехова принесувајќи му приноси. Библискиот извештај вели: „По некое време Каин му принесе на Господа дар од плодовите земни; а и Авел исто така принесе од првината на стадото свое и од маста“ (1. Мојсеева 4:3, 4).
Нивната желба за Божја милост го поставила темелот за еден однос со него. Каин завршил со побуна против Бог, додека Авел и понатаму бил мотивиран од искрена љубов кон Бог. Авел никогаш не би развил еден таков однос со Бог ако првин не стекнал спознание за Јеховината личност и за неговите намери.
И ти можеш да го запознаеш Јехова. На пример, во Библијата можеш да прочиташ дека Бог е вистинска личност, а не само некаква безживотна сила која ги создава работите преку чиста случајност. (Спореди Јован 7:28; Евреите 9:24; Откровение 4:11.) Библијата исто така учи дека Јехова е „Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински“ (2. Мојсеева 34:6).
„Послушноста е подобра од жртвата“
Како што е илустрирано со извештајот за Каин и Авел, не е доволно да се има спознание за Бог и желба за близок однос со него. Вистина, двајцата браќа му пристапиле на Бог со приноси. Сепак, ‚Господ погледнал милозливо на Авела и на неговите дарови; а на Каина и на неговите дарови не погледнал милозливо. Затоа Каин се огорчил многу, и лицето му потемнело‘ (1. Мојсеева 4:3—5).
Зошто Јехова ја отфрлил Каиновата жртва? Дали имало нешто неисправно во квалитетот на неговиот принос? Дали Јехова бил навреден затоа што Каин принел ‚земни плодови‘ наместо животинска жртва? Не мора да значи. Подоцна, од многу свои обожаватели Бог радо прифаќал житни приноси и други плодови од земјата (3. Мојсеева 2:1—16). Затоа, очигледно дека нешто не било в ред со Каиновото срце. Јехова можел да го чита Каиновото срце и го предупредил: „Зошто се огорчи? Зошто се помрачи лицето твое? Зарем, кога правиш добро, не го креваш ли лицето? А ако не правиш добро, тогаш гревот е пред вратата; тој те влече кон себе“ (1. Мојсеева 4:6, 7).
Искрената љубов кон Бог значи многу повеќе отколку само принесување жртви. Затоа Јехова го охрабрил Каин ‚да прави добро‘. Бог барал послушност. Таквата послушност спрема Бог би му помогнала на Каина да создаде една добра основа за да има со Творецот еден однос полн со љубов. Библијата ја нагласува вредноста на послушноста со следниве зборови: „Зар сепалениците и приносите повеќе Му се пријатни на Господа, отколку послушноста на гласот Господов? Послушноста е подобра од жртвата, и покорувањето — подобро отколку овнешкото месо“ (1. Царства 15:22).
Ова сфаќање подоцна било добро утврдено со зборовите од 1. Јованово 5:3: „Љубовта кон Бога се состои во тоа: да ги пазиме заповедите Негови. А Неговите заповеди не се тешки“. Не постои подобар начин да ја покажеме својата љубов спрема Јехова отколку да се потчиниме на неговиот авторитет. Тоа значи послушност спрема библискиот морален кодекс (1. Коринтјаните 6:9, 10). Тоа значи да се сака она што е добро и да се мрази она што е зло (Псалм 96:10; 100:3; Изреки 8:13).
Еден важен израз на нашата љубов спрема Бог е нашата љубов спрема ближниот. Библијата ни кажува: „Ако некој рече: ‚Го сакам Бога‘, а го мрази својот брат, лажец е; оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел?“ (1. Јованово 4:20).
Присноста со Бог е можна
Некои може да речат: ‚Јас го обожавам Јехова. Ги слушам неговите закони. Постапувам чесно спрема своите ближни. Го правам сето тоа. Па сепак, не се чувствувам вистински близок со Бог. Не осеќам силна љубов кон него, и тоа ме тера да се чувствувам виновен‘. Некои можеби мислат дека не се достојни да постигнат еден таков присен однос со Јехова.
После скоро 37 години оддадена служба за Јехова, еден христијанин напишал: „Многупати во мојот живот чувствував дека некако бев површен во својата служба за Јехова, дека можеби и не беше од сѐ срце. Но, знаев дека служењето за Јехова беше исправната работа што требаше да ја правам и не си дозволував да запрам. Меѓутоа, секојпат кога ќе прочитав како некој вели дека неговото или нејзиното ‚срце се прелева од љубов кон Јехова‘, јас ќе се прашав: ‚Па, што е погрешно кај мене што јас никогаш не сум се почувствувал така?‘“ Како можеме да најдеме присност со Бог?
Кога навистина сакаш некого, ти честопати мислиш на тоа лице. Имаш силна желба да бидеш блиску до него, бидејќи се грижиш за него. Колку повеќе го гледаш, зборуваш со него и размислуваш за него толку повеќе расте твојата љубов кон него. Ова начело важи и за твоето негување љубов кон Бог.
Во Псалм 77:12 (НС), инспирираниот писател вели: „А јас сигурно ќе медитирам за сета твоја активност, и ќе се бавам со твоите постапки“. Медитирањето е многу битно за негувањето љубов кон Бог. Ова е особено точно со оглед на фактот дека тој е невидлив. Но, колку повеќе размислуваш за него толку тој ќе ти станува пореален. Само така можеш да развиеш срдечен и предан однос со него — затоа што тој е реален за тебе.
Твојата наклоност да медитираш често за Јеховините патишта и постапки, ќе зависи од тоа колку често го слушаш. Ти слушаш преку редовно читање и проучување на неговата Реч, Библијата. Псалмистот зборува за тоа дека среќен човек е оној кому „му омилел законот на Господа и во законот Негов дење и ноќе се поучува“ (Псалм 1:1, 2).
Еден друг важен елемент е молитвата. Затоа Библијата секогаш одново нѐ советува да се молиме — „во секое време“, ‚да посветиме време за молитва‘, ‚да бидеме постојани во молитвата‘ и ‚да се молиме постојано‘ (Ефесјаните 6:18; 1. Коринтјаните 7:5, НС; Римјаните 12:12; 1. Солунјаните 5:17). Нашите непрестајни молитви до Јехова ќе направат да му омилиме, а уверувањето дека тој слуша ќе нѐ зближи со него. Тоа го потврдил псалмистот кога изјавил: „Се радувам, дека Господ ќе го услиши гласот на моето молење, зашто го приклони кон мене Своето уво, и затоа ќе Го призивам преку сите мои дни“ (Псалм 114:1, 2).
Да се имитира Богот на љубовта
Јехова е добар спрема нас. Затоа што е Творец на вселената, тој сигурно треба да мисли и да се грижи за многу работи. Сепак, Библијата ни кажува дека, иако е величествен, тој сепак се грижи за својата човечка творба. Тој нѐ сака нас (1. Петрово 5:6, 7). Псалмистот го потврдува ова со своите зборови: „Господи, Господи наш, колку е чудесно името Твое по целата земја! Си ја издигнал славата Своја над небесата. Кога ќе ги погледам небесата, дела на прстите Твои, па месечината и ѕвездите, што си ги поставил Ти: Што е тоа човек, та се сеќаваш на него, или синот човечки, па го посетуваш [се грижиш за него, НС]?“ (Псалм 8:1, 3, 4).
На кој начин Јехова се сеќава на смртниот човек? Библијата одговара: „Божјата љубов кон нас се покажа во тоа, што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син, за да живееме преку Него. Во тоа се состои љубовта, што не ние Го засакавме Бога, туку Бог нас нѐ возљуби и Го прати Синот Свој, за да ги очисти [како помирбена жртва за, НС] гревовите наши“ (1. Јованово 4:9, 10).
На кој начин оваа помирбена жртва претставува најголем доказ за Божјата љубов? Да разгледаме што се случило во градината Едем. Адам и Ева биле соочени со одлуката дали да се потчинат на Јеховиниот закон со изглед за совршен живот засекогаш или, пак, да се побунат против Јехова, чија последица би била смрт. Тие избрале да се побунат (1. Мојсеева 3:1—6). Правејќи го тоа, тие го осудиле на смрт и сето човештво (Римјаните 5:12). Дрско ни ја одзеле приликата самите да одлучиме за себе. Никој од нас не бил прашан за мислење во врска со таа работа.
Меѓутоа, Јехова со љубов се сетил на смртниот човек, увидувајќи ги неговите неприлики. Преку жртвената смрт на Својот Син, Исус Христос, на секого од нас Јехова му обезбедил законска основа да си избере живот или смрт, послушност или побуна (Јован 3:16). Тоа е како Јехова да ни дал прилика да бидеме судени на темел на нашиот избор — прилика, така да се рече, да се вратиме во Едем и да донесеме лична одлука. Ова е најголемиот доказ на љубов што некогаш бил направен.
Претстави си ја болката што Јехова ја поднел додека го гледал својот првороденец како е навредуван, мачен и прикован како некој злосторник. А Бог го поднел тоа заради нас. Нашата свесност за Јеховината иницијатива со тоа што тој прво нѐ сакал нас, треба да нѐ мотивира и ние да го сакаме и да нѐ поттикне да го бараме (Јаков 1:17; 1. Јованово 4:19). Библијата нѐ повикува да ‚Го бараме Господа и да се утврдуваме, да го бараме секогаш лицето Негово. Да ги спомнуваме чудесата Негови, што ги направил, чудесата Негови и судовите од устата Негова‘ (Псалм 104:4, 5).
Да се има лична приврзаност со Бог и однос полн со љубов, да се биде негов пријател, не е нереалистично. Тоа е достижно. Вистина, не можеме строго да ја изедначиме нашата љубов кон Бог со човечките односи. Љубовта што ја чувствуваме кон својот брачен другар, кон родителите, кон браќата и сестрите или кон пријателите, се разликува од љубовта што ја имаме кон Бог (Матеј 10:37; 19:29). Љубовта кон Јехова ја вклучува нашата оддаденост, обожавање и една безусловна посветеност (5. Мојсеева 4:24). Ниеден друг однос не вклучува такво нешто. Па сепак, можеме да развиеме силни и длабоки емоции спрема Бог на еден побожен начин, со стравопочит (Псалм 89:7, НС).
Иако си несовршен, како Каин и Авел, ти ја имаш можноста да го сакаш својот Творец. Каин направил избор, му се придружил на Сатана и станал прв човечки убиец (1. Јованово 3:12). За разлика од тоа, Авел ќе биде запаметен од Јехова како човек од вера и праведност и ќе биде награден со живот во идниот Рај (Евреите 11:4).
И ти стоиш пред избор. Со помош на Божјиот дух и неговата Реч, можеш вистински да го засакаш Бог „од сѐ срце, со сета душа твоја и со сите сили твои“ (5. Мојсеева 6:5). Од своја страна, Јехова ќе продолжи да те сака, бидејќи тој „ги наградува оние, што Го бараат“ (Евреите 11:6).
[Слика на страница 7]
Авеловата жртва била прифатлива за Бог