Родители, вашите деца изискуваат особено внимание
„Синовите твои [ќе бидат] како новонасадени маслини околу трпезата твоја“ (ПСАЛМ 127:3).
1. Како може да се споредат одгледувањето растенија и подигањето деца?
ВО МНОГУ погледи, децата растат и се развиваат како растенија. Затоа, не изненадува кога Библијата зборува дека жената на еден маж е како „лоза плодовита“, а неговите деца ги споредува со ‚новонасадени маслини околу трпезата негова‘ (Псалм 127:3). Земјоделецот ќе ти рече дека одгледувањето на некој посев од млади растенија не е лесно, особено кога климатските и почвените услови се неповолни. На сличен начин, во овие „последни денови“ е многу тешко да се подигнат деца да станат добро прилагодени, богобојазливи возрасни (2. Тимотеј 3:1-5).
2. Што е обично потребно за добра жетва?
2 За да има добра жетва, на земјоделецот му е неопходна плодна почва, топло сонце и вода. Освен негувањето и плевењето, тој мора да се погрижи за уништување на штетниците и за други заштитни мерки. Во сезоната на растот може да има тешки времиња кои траат сѐ до жетвата. Колку е жалосно кога ќе се покаже дека посевот е лош! Но, колку задоволен може да биде одгледувачот кога, после многу напорна работа, има добра жетва! (Исаија 60:20-22; 61:3).
3. Како се споредуваат растенијата и децата по важност, и какво внимание треба да добијат децата?
3 Успешниот, продуктивен човечки живот секако е поскапоцен од жетвата на еден земјоделец. Затоа, не изненадува што за успешното подигање на дете може да е потребно многу повеќе време и напор отколку за одгледувањето успешен посев (5. Мојсеева 11:18-21). Ако се наводнува и храни со љубов и му се постават здрави граници, малото дете посадено во градината на животот може да расте и напредува духовно дури и во свет кој е исполнет со штетни морални вредности. Но ако е малтретирано или угнетувано, детето ќе овене одвнатре и веројатно ќе умре духовно (Колосјаните 3:21; спореди Јеремија 2:21; 12:2). Навистина, на сите деца им е потребно особено внимание!
Секојдневно внимание уште од детството
4. Какво внимание им е потребно на децата додека се ‚уште мали‘?
4 Родителите мораат да му посветуваат скоро постојано внимание на новороденчето. Меѓутоа, дали на бебето му треба само дневно физичко или материјално внимание? На Божјиот слуга Тимотеј, апостол Павле му напишал: „Уште како мал ги знаеш Светите Писанија, што можат да те направат мудар за спасение“ (2. Тимотеј 3:15). Значи, родителското внимание што го примил Тимотеј уште од детството било исто така од духовен вид. Но, кога започнува детството?
5, 6. а) Што вели Библијата за неродените? б) Што покажува дека родителите треба да бидат загрижени за доброто на нивното неродено дете?
5 Грчкиот збор што го употребил Павле овде (бре́фос) се однесува и на нероденото дете. Елисавета, мајка му на Јован Крстител, ѝ рекла на роднината Марија: „Кога пристигна гласот од твојот поздрав до ушите мои, радосно заигра младенецот [бре́фос] во утробата моја“ (Лука 1:44). Значи, дури и неродените се наречени деца, а Библијата покажува дека тие можат да реагираат на некоја активност вон матката. Тогаш, дали треба во пренаталната грижа, која денес честопати се нагласува, да му се посветува внимание на духовното добро на нероденото дете?
6 За ова вреди да се размисли, бидејќи доказите откриваат дека неродените можат или да извлечат корист или да бидат негативно погодени од она што го слушаат. Еден диригент заклучил дека различни партитури коишто ги вежбал му звучеле некако чудно познати, особено делницата со виолончело. Кога ѝ ги спомнал имињата на музичките дела на мајка си, инаку професионална виолончелистка, таа рекла дека тоа биле истите музички композиции коишто таа ги вежбала кога била трудна со него. На сличен начин, на неродените бебиња може негативно да се одрази ако нивните мајки постојано гледаат ТВ сапуници. Затоа, едно медицинско списание зборувало за „зависност на фетусот од сапуници“.
7. а) Како му посветиле многу родители внимание на духовното добро на нивното неродено дете? б) Какви способности поседува детето?
7 Увидувајќи ја користа од позитивните стимули кај децата, мнозина родители почнуваат да им читаат, зборуваат и пеат на своите деца уште пред да се родат. Ти можеш да го правиш истото. Иако твоето дете не може да ги разбере зборовите, тоа веројатно ќе извлече корист од твојот пријатен глас и неговиот љубезен тон. По раѓањето, детето ќе почне да ги сфаќа твоите зборови, можеби многу побрзо отколку што мислиш. За само две или три години, детето учи комплексен јазик со самото тоа што е изложено на него. И едно бебе може да почне да го учи ‚чистиот јазик‘ на библиската вистина (Цефанија 3:9, НС).
8. а) Што очигледно мисли Библијата кога вели дека Тимотеј ги познавал светите списи „како мал“? б) Што се покажало како вистинито во врска со Тимотеј?
8 Што мислел Павле кога рекол дека Тимотеј ‚како мал ги знаел Светите Писанија‘? Очигледно мислел дека Тимотеј добил духовна подука уште како бебе, а не само од детството. Ова е во склад со значењето на грчкиот збор бре́фос, кој воглавно се однесува на новороденче (Лука 2:12, 16; Дела 7:19). Тимотеј добивал духовна подука од мајка си Евника и баба си Лоида уште откако знаел за себе (2. Тимотеј 1:5). Изреката: „Дрвото се свива додека е младо“, сигурно се однесувала и на Тимотеј. Тој бил, поучен на патот негов‘ и, како последица на тоа, станал извонреден слуга Божји (Изреки 22:6; Филипјаните 2:19-22).
Особена грижа што е неопходна
9. а) Што треба да избегнуваат родителите да прават, и зошто? б) Што треба да прават родителите додека детето се развива, и кој пример треба да го следат?
9 Децата се како растенија и по тоа што сите немаат исти карактеристики, ниту пак реагираат на истите методи на негување. Мудрите родители ќе ги почитуваат разликите и ќе избегнуваат едното дете да го споредуваат со другото. (Спореди Галатјаните 6:4.) Ако сакате вашите деца да напредуваат до зрели луѓе, треба да ги набљудувате нивните својствени обележја на личноста, да ги негувате добрите а да ги „плевите“ лошите. А што ако откриете некаква слабост или неисправна склоност, можеби кон нечесност, материјализам или себичност? Исправете го љубезно, исто како што Исус ги исправал слабостите на своите апостоли (Марко 9:33-37). Особено, пофалувајте го редовно секое дете за неговите јаки страни и добри особини.
10. Што им е особено потребно на децата, и како може тоа да се задоволи?
10 Она што на децата особено им е потребно е личното внимание полно со љубов. Исус одвојувал време да им посвети на малечките такво особено внимание, дури и во текот на активните последни денови од неговата служба (Марко 10:13-16, 32). Родители, следете го тој пример! Несебично одвојувајте време да бидете со вашите деца. И не се срамете да им покажете искрена љубов. Прегрнете ги, како што правел Исус. Гушкајте ги и бакнувајте ги сесрдно и со љубов. Кога родителите на добро прилагодени млади луѓе биле запрашани каков совет би им дале на другите родители, меѓу најчестите одговори биле: ‚Сакајте ги изобилно‘, ‚поминувајте го времето заедно‘, ‚развивајте взаемно почитување‘, ‚слушајте ги вистински‘, ‚давајте им водство а не да им држите предавања‘ и ‚бидете реалистични‘.
11. а) Како треба да гледаат родителите на посветувањето особено внимание на своите деца? б) Кога можат родителите да бидат во можност да се радуваат на корисна размена на мисли со своите деца?
11 Посветувањето на такво особено внимание може да претставува радост. Еден успешен родител напишал: „Кога нашите две момчиња беа помали, процесот кога ги подготвувавме за в кревет, кога им читавме, кога ги покривавме и се молевме заедно, причинуваше задоволство“. Времето кога сте заедно дава прилика за комуникација која може да биде охрабрувачка и за родителот и за детето. (Спореди Римјаните 1:11, 12.) Една брачна двојка слушала како нивниот тригодишник го молел Бог да го благослови „Вали“. Неколку ноќи едноподруго се молел за „Вали“, а родителите биле многу охрабрени кога сфатиле дека тој мислел на браќата во Малави, кои тогаш страдале од прогонство. Една жена рекла: „Кога имав само четири години, мајка ми ми помагаше да учам библиски стихови и да пеам песни на Царството додека јас стоев на столица и ги бришев садовите, а мајка ми ги миеше. Можеш ли да размислиш за некои ситуации кога можеш да се радуваш на корисна размена на мисли со твоите малечки?
12. Што ќе им пружат мудрите христијански родители на своите деца, и кои методи би можеле да се применат?
12 Мудрите христијански родители водат грижа за редовна програма на проучување. Иако можеби користиш формален метод на прашања и одговори, можеш ли да придонесеш за угодна размена на мисли така што ќе ги прилагодуваш студиите, особено за помалите деца? Можеш да вклучиш цртање на слики од библиски сцени, раскажување на библиски приказни или слушање на некој извештај за којшто си го замолил детето да го подготви. Направи ја Божјата Реч колку што можеш повкусна за твоите деца за да развиваат желба за неа (1. Петрово 2:2, 3). Еден татко рекол: ‚Кога нашите деца беа помали, ползевме на подот со нив и изведувавме историски настани во кои беа вклучени славни библиски ликови. Децата уживаа во тоа‘.
13. Каква е користа од практичните вежбања, и што можеш да испробуваш за време на истите?
13 Вежбањата исто така придонесуваат за вредна размена на мисли затоа што им помагаат на децата да се подготват за реални ситуации од животот. Едно од децата на Кусерови — од кои сите 11 му останале верни на Бог за време на нацистичкото прогонување — за своите родители рекло: „Тие ни покажаа како да постапуваме и како да се браниме со Библијата [1. Петрово 3:15]. Честопати вежбавме така што поставувавме прашања и дававме одговори“. Зошто да не го правите истото? Можете да вежбате презентации за службата на проповедање, при што родителот ќе го игра станарот. Или, пак, вежбањето може да биде во врска со некое искушение од реалниот живот (Изреки 1:10-15). „Пробувањето на тешки ситуации може да ги изгради вештините и довербата на детето“ — објаснило едно лице. „Може да се вежба улогата кога некој пријател му нуди на вашето дете цигара, алкохол или дрога.“ Овие вежбања можат да ви помогнат да забележите како ќе реагира вашето дете во такви ситуации.
14. Зошто се толку важни љубезните и сочувствителни дискусии со твоите деца?
14 Во текот на размената на мисли со твоето дете, обраќај му се на истиот сочувствителен начин како што правел писателот на овие зборови: „Синко, не ја заборавај поуката Моја и срцето Твое да ги чува заповедите Мои; зашто тие ќе ти придадат долги дни, години на живот и мир“ (Изреки 3:1, 2). Зарем срцето на твоето дете нема да биде трогнато ако љубезно објасниш дека бараш послушност затоа што тоа ќе му донесе мир и долги дни — фактички, вечен живот во Божјиот мирољубив нов свет? Земи ја во обѕир личноста на твојот малечок или малечка додека расудуваш на темел на Божјата Реч. Прави го тоа под молитва и Јехова ќе ги благослови твоите напори. Таквите љубезни и сочувствителни дискусии на темел на Библијата веројатно ќе имаат извонредни резултати и ќе донесат трајна корист (Изреки 22:6).
15. Како можат да им помогнат родителите на своите деца да ги решат проблемите?
15 Дури и ако за време на вашиот период планиран за проучување не дојде до таква размена на мисли, не дозволувај да бидеш одвратен со други работи. Внимателно слушај не само што твоето дете вели туку и како ја изразува мислата. „Гледајте во вашето дете“ — рекол еден стручњак. „Посветете му го вашето целосно внимание. Треба да разберете, а не само да слушате. Родителите кои вложуваат таков екстра напор можат најмногу да придонесат во животот на своите деца.“ Децата денес често наидуваат на сериозни проблеми во училиштето и на други места. Како родител, олесни му да се изјасни и помогни му да ги гледа работите од Божја гледна точка. Ако не си сигурен како да го решиш проблемот, истражувај во Писмото и во публикациите што ги обезбедил „верниот и разумен роб“ (Матеј 24:45, НС). На секаков начин, посвети му го на твоето дете сето особено внимание што е потребно за да се реши проблемот.
Цени го времето кога сте заедно
16, 17. а) Зошто на младите денес нарочно им се потребни особено внимание и подука? б) Што треба да знаат децата кога се укорувани од своите родители?
16 На младите луѓе денес им е потребно повеќе особено внимание од кога и да е порано затоа што живееме во „последните денови“, а тоа се ‚тешки времиња‘ (2. Тимотеј 3:1-5; Матеј 24:3-14). На родителите и децата подеднакво им треба заштитата која се стекнува преку вистинската мудрост која „му дава живот на оној, што ја има“ (Проповедник 7:12). Бидејќи божествената мудрост подразбира исправна примена на библиски темеленото спознание, на децата им треба редовна подука за Божјата Реч. Затоа, проучувај ја Библијата со твоите малечки. Кажувај им за Јехова, внимателно објасни ги неговите барања и создади радосно исчекување за исполнувањето на неговите големи ветувања. Зборувај за тие работи дома, кога шеташ со твоите деца — фактички, во секоја згодна ситуација (5. Мојсеева 6:4-7).
17 Земјоделците знаат дека секое растение не успева во истите услови. Растенијата бараат особена грижа. На сличен начин, секое дете е поинакво и изискува особено внимание, подука и дисциплина. На пример, еден неодобрувачки поглед на родителот може да биде доволен да го спречи погрешното постапување на едното дете, додека за другото може да е потребна построга дисциплина. Но сите твои деца треба да знаат зошто си незадоволен од извесни зборови или постапки, и обата родитела треба да соработуваат за дисциплината да биде доследна (Ефесјаните 6:4). Нарочно е важно христијанските родители да им пружат јасно водство кое е во склад со Библијата.
18, 19. Каква одговорност имаат христијанските родители спрема своите деца, и што веројатно ќе произлезе ако таа работа добро се изврши?
18 Земјоделецот мора да го изврши садењето и негувањето во право време. Ако го одложува или запоставува својот посев, ќе пожнее малку или ништо. Така, и твоите деца се „растенија“ во развој на кои им треба особено внимание токму сега, а не следниот месец или догодина. Не се откажувај од скапоцените прилики да го унапредуваш нивниот духовен раст во склад со Божјата Реч и да ги плевиш световните мисли кои можат да предизвикаат тие да овенат и умрат духовно. Цени ги часовите и деновите кои имаш предност да ги поминеш со своите деца, зашто тоа време брзо поминува. Работи напорно да ги негуваш кај твоето потомство божествените особини кои се потребни за среќен живот како Јеховини верни слуги (Галатјаните 5:22, 23; Колосјаните 3:12-14). Тоа не е задача на некој друг; тоа е твоја задача, а Бог може да ти помогне да успееш.
19 Остави им на своите деца богато духовно наследство. Проучувај ја Божјата Реч со нив, и уживајте во заедничка здрава рекреација. Води ги своите малечки на христијанските состаноци и води ги со себе во делото на проповедање на Царството. Изградувај кај твоето сакано потомство таков вид на личност кој има Јеховино одобрување, и тие најверојатно ќе ти донесат голема радост во подоцнежниот живот. Навистина, „праведниот добро го воспитува синот свој; на умниот свој син, му се радува тој. Нека ти се радуваат татко ти и мајка ти, нека се радува онаа која те родила“ (Изреки 23:24, 25).
Богата награда
20. Кој е клучот да се биде успешен родител на тинејџери?
20 Подигањето деца е сложена, долгорочна задача. Огледувањето на овие „новонасадени маслини околу трпезата твоја“ додека станат богобојазливи возрасни кои донесуваат плод на Царството е наречено 20-годишен проект (Псалм 127:3; Јован 15:8). Овој проект обично станува потежок кога децата ќе ги достигнат тинејџерските години, кога притисокот врз нив честопати е поголем, па родителите сметаат за неопходно да ги засилат своите напори. Но клучот до успехот останува ист — да се биде пресретлив, срдечен и полн со разбирање. Запомни дека на твоите млади навистина им треба лично внимание коешто ти можеш да го пружиш ако покажуваш искрена љубезна грижа за нивното добро. За да им помогнеш, мораш да се напрегаш така што ќе им посветиш време, љубов и грижа коишто навистина им се потребни.
21. Каква може да биде наградата ако на децата им се посветува особено внимание?
21 Наградата за твоите напори да се грижиш за скапоцениот плод којшто Јехова ти го доверил може да биде далеку позадоволувачка од каква и да било изобилна жетва на земјоделецот (Псалм 126:3-5). Затоа, родители, продолжете да им посветувате на вашите деца особено внимание. Правете го тоа за нивно добро и на слава на нашиот небесен Татко, Јехова.
Како би одговорил?
◻ Како може да се споредат одгледувањето растенија и подигањето деца?
◻ Какво внимание треба да добива детето секојдневно уште од најрани години?
◻ Каква особена грижа им треба на децата, и како може да им се даде?
◻ Зошто треба на вашите деца да им посветите особено внимание?