ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w25 Септември стр. 20-25
  • Оние кои исправно гледаат на вечниот живот ќе ја прифатат вистината

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Оние кои исправно гледаат на вечниот живот ќе ја прифатат вистината
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • КОГА ЛУЃЕТО СЕ СПРЕМНИ ДА ЈА ПРИФАТАТ ДОБРАТА ВЕСТ
  • КОГА Е ЗАПОЧНАТ БИБЛИСКИ КУРС
  • КОГА НОВИ ЛИЦА ДОАЃААТ НА СОСТАНОЦИТЕ
  • Најди го одговорот на овие прашања
    Програма за Покраинскиот собир за 2025-2026 со покраинскиот надгледник
  • Одлуки од кои се гледа дека се потпираме на Јехова
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2023)
  • Како да имаш поголема радост во службата
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2024
  • Скромно прифати дека има работи кои не ги знаеш
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
w25 Септември стр. 20-25

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 39

ПЕСНА 54 Тој е патот!

Оние кои исправно гледаат на вечниот живот ќе ја прифатат вистината

Сите кои исправно гледаа на вечниот живот станаа верници (ДЕЛА 13:48)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Кога е соодветно на некое лице да му понудиме библиски курс и да го поканиме на нашите состаноци.

1. На кои различни начини луѓето реагираат на добрата вест? (Дела 13:47, 48; 16:14, 15).

МНОГУ луѓе во првиот век ја прифатиле вистината веднаш штом ја слушнале пораката за Царството. (Прочитај Дела 13:47, 48; 16:14, 15.) На сличен начин, и денес некои се радуваат кога за прв пат ќе ја чујат добрата вест. А некои иако на почетокот не покажале интерес, подоцна се заинтересирале и ја прифатиле. Што треба да правиме кога во службата ќе најдеме луѓе кои исправно гледаат на вечниот живот?

2. Во која смисла нашето проповедничко дело е слично на работата на еден земјоделец?

2 Нашето проповедничко дело можеме да го споредиме со работата на еден земјоделец. Ако некои плодови се зрели, земјоделецот веројатно ќе ги собере, но ќе продолжи да ги наводнува оние кои сѐ уште не узреале. Слично на тоа, кога ќе најдеме некој што е спремен да ја прифати нашата порака, сакаме да му помогнеме да стане ученик на Христос што е можно побрзо. Во меѓувреме, продолжуваме да го негуваме интересот на други на кои им е потребно повеќе време за да ја сфатат вредноста на пораката (Јован 4:35, 36). Проникливоста ќе ни помогне да процениме како најдобро да им помогнеме на оние што нѐ слушаат. Да видиме што може да направиме при првиот разговор за да им помогнеме на оние што се спремни да ја прифатат пораката. А ќе видиме и како може да им помогнеме на таквите лица да продолжат да напредуваат.

КОГА ЛУЃЕТО СЕ СПРЕМНИ ДА ЈА ПРИФАТАТ ДОБРАТА ВЕСТ

3. Кој пристап можеме да го користиме кога во службата ќе наидеме на заинтересирани лица? (1. Коринќаните 9:26).

3 Кога во службата ќе наидеме на заинтересирани лица, сакаме да им помогнеме веднаш да зачекорат по патот на животот. Во такви случаи, не треба да се колебаме уште при првиот разговор да им понудиме библиски курс и да ги поканиме на нашите состаноци. (Прочитај 1. Коринќаните 9:26.)

4. Наведи пример за некој што веднаш бил спремен да ја проучува Библијата.

4 Понуди библиски курс. Некои луѓе се спремни веднаш да ја проучуваат Библијата. На пример, еден четврток, една млада жена во Канада дошла до количката со литература и зела примерок од брошурата Радувај му се на животот засекогаш. Сестрата која стоела на количката ѝ објаснила дека со брошурата може да добие и бесплатен библиски курс. Жената била заинтересирана и размениле телефонски броеви. Подоцна истиот ден, таа ѝ пишала на сестрата и ја прашала кога можат да почнат со курсот. Кога сестрата ѝ понудила да ја посети во текот на викендот, жената прашала: „А може утре? Јас сум слободна“. Така, тој петок проучувале. Истиот викенд дошла на состанок и продолжила брзо да напредува.

5. Како можеме да покажеме проникливост кога нудиме библиски курс? (Види ги и сликите.)

5 Се разбира, не очекуваме сите на кои им проповедаме да реагираат како таа млада жена. На некои можеби ќе им треба повеќе време. Со такви лица најпрво би можеле да започнеме разговор на тема што нив ги интересира. И, ако задржиме позитивен став и покажуваме личен интерес кон нив, набрзо би можеле да започнеме библиски курс. Што можеме да кажеме кога нудиме библиски курс? Ова прашање им беше поставено на некои браќа и сестри кои успешно започнуваат библиски курсеви.

Слики: 1. Двајца браќа разговараат со еден постар маж кој седи пред својата куќа. 2. Две сестри ѝ ја нудат брошурата „Радувај му се на животот засекогаш“ на една мајка на вратата од нејзиниот стан. Мајката го држи своето помало синче во рацете додека другото синче стои покрај неа.

Што би можел да им кажеш на овие лица за библискиот курс да им биде попривлечен? (види во пасус 5)a


6. Што би можеле да кажеме за да го продолжиме разговорот со некое заинтересирано лице?

6 Објавителите и пионерите кои беа запрашани објаснија дека во некои земји, кога се нудат библиски курсеви најдобро е да се избегнуваат изразите како „библиски курс“ или „проучување“. Забележале дека подобри резултати има со изразите како „разговор“, „дискусија“ и „да дознаеш нешто повеќе за Библијата“. За лицето да сака да го продолжите разговорот и во следна прилика, би можел да кажеш: „Можеби ќе ве изненади тоа што во Библијата има одговори на важни животни прашања“ или „Библијата не е само религиозна книга; таа ни помага на практични начини“. А би можел и да додадеш: „Не треба многу време; доволни се 10 до 15 минути да дознаете нешто корисно“. Тоа може да се каже и без изразите како „договорено време“ или „секоја седмица“, што може да укажува на обврска.

7. Кога некои за прв пат ја препознале библиската вистина? (1. Коринќаните 14:23-25).

7 Покани ги на состанок. Се чини дека во времето на апостол Павле, некои за прв пат ја препознале библиската вистина кога присуствувале на еден христијански состанок. (Прочитај 1. Коринќаните 14:23-25.) Истото честопати е случај и денес. Повеќето од новите побрзо напредуваат штом почнат да присуствуваат на нашите состаноци. Кога треба да ги поканиш? Во книгата Радувај му се на животот засекогаш таа тема се наоѓа во лекција 10, но не мора да чекаш да стигнете до тој дел. Уште при првиот разговор, би можел да го поканиш лицето на состанокот кој се одржува за време на викендот, можеби така што ќе го спомнеш насловот на јавното предавање или некоја мисла од статијата од Стражарска кула за таа седмица.

8. Кои аспекти од нашите состаноци можеме да ги истакнеме кога каниме некого да присуствува на нив? (Исаија 54:13).

8 Кога каниш некое заинтересирано лице, објасни му дека нашите состаноци се разликуваат од верските служби на кои можеби е навикнат. Кога една интересентка за прв пат присуствувала на Проучувањето на Стражарска кула, ја прашала сестрата со која проучувала дали тој што води им ги знае имињата на сите. Сестрата ѝ објаснила дека сите се трудиме да ги знаеме имињата на оние во нашето собрание, како што ги знаеме имињата на членовите на нашето семејство. За жената тоа било многу поразлично од црквата во која одела. А за многумина и целта на нашите состаноци е нешто ново. (Прочитај Исаија 54:13.) Ние се собираме за да го обожаваме Јехова, да учиме од него и да се храбриме еден со друг (Евр. 2:12; 10:24, 25). Затоа, нашите состаноци се добро организирани и практични и во нив не се вклучени ритуали (1. Кор. 14:40). Просторијата е добро осветлена бидејќи доаѓаме во салата за состаноци за да учиме. Ние сме неутрални и затоа не промовираме политички идеи и не се впуштаме во дебати или расправи. На интересентот може да му користи ако однапред го гледа видеоклипот Како изгледаат состаноците на Јеховините сведоци? Така ќе знае што да очекува.

9-10. Кога каниме некого на состанок, што можеме да му кажеме за да не се плаши да присуствува? (Види ја и сликата.)

9 Некои се колебаат да дојдат на состанок бидејќи се плашат дека од нив ќе се бара да се „зачленат“. Увери го лицето дека нам ни е мило кога имаме гости на состаноците и дека не им вршиме притисок да станат Јеховини сведоци или да учествуваат на состанокот. Добредојдени се и семејства, вклучувајќи ги и оние со мали деца. На нашите состаноци, децата не се поучувани во посебни групи. Напротив, тие седат со своите родители и учат заедно. Така, родителите знаат каде им се децата и за што се поучувани (5. Мој. 31:12). Никој не е обврзан да даде прилог. Наместо тоа, го следиме налогот на Исус: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Мат. 10:8). Би можел и да му спомнеш на лицето дека од него не се очекува да носи скапа облека за да присуствува. Бог го гледа срцето на некое лице, а не неговиот изглед (1. Сам. 16:7).

10 Ако лицето дојде на состанок, направи сѐ што можеш за да се чувствува добредојдено. Запознај го со старешините и со другите објавители. Ако се чувствува пријатно, поверојатно е дека ќе сака повторно да дојде. За време на состанокот, ако нема Библија, покажувај му ги стиховите од твојата и помогни му да го следи текот на предавањето или на Проучувањето на Стражарска кула.

Браќата и сестрите срдечно ја пречекуваат мајката од претходната слика во салата за состаноци. Таа го држи своето помало синче во рацете, а поголемото синче зборува со едно детенце.

Колку поскоро едно лице почне да присуствува на состаноците, толку побрзо ќе напредува (види во пасуси 9-10)


КОГА Е ЗАПОЧНАТ БИБЛИСКИ КУРС

11. Како можеш да покажеш дека го почитуваш времето и распоредот на интересентот?

11 Што треба да имаме на ум во врска со самиот библиски курс? Почитувај го времето и распоредот на интересентот. На пример, ако сте се договориле во кое време ќе проучувате, биди точен, без оглед на тоа како луѓето во твоето место гледаат на точноста. Освен тоа, можеби е најдобро првото проучување да биде кратко. Некои искусни објавители сметаат дека е добро да не се задржуваш предолго, дури и ако лицето поставува прашања. И, не зборувај премногу. Дозволи му на интересентот да се искаже (Изр. 10:19).

12. Каква цел треба да имаме уште од самиот почеток на еден библиски курс?

12 Уште од самиот почеток, целта треба да ти биде да му помогнеш на твојот интересент да ги запознае Јехова и Исус, и да ги засака. Тоа го правиш така што го насочуваш вниманието кон Божјата Реч наместо кон себе и кон твоето библиско знаење (Дела 10:25, 26). Апостол Павле бил добар пример за тоа. Кога ги поучувал луѓето, се фокусирал на Исус Христос — оној кого Јехова го испратил за да ни помогне да го запознаеме и да го засакаме (1. Кор. 2:1, 2). Павле истакнал и колку е важно да им се помогне на новите да развијат убави особини кои може да се споредат со злато, сребро и скапоцени камења (1. Кор. 3:11-15). Некои од тие важни особини се вера, мудрост, проникливост и страв од Јехова (Пс. 19:9, 10; Изр. 3:13-15; 1. Пет. 1:7). По примерот на Павле, помогни им на твоите интересенти да развијат цврста вера и блиско пријателство со нивниот добар небесен Татко (2. Кор. 1:24).

13. Како можеме да покажеме стрпливост и разбирање додека им помагаме на интересентите? (2. Коринќаните 10:4, 5; види ја и сликата.)

13 Угледај се на начинот на кој поучувал Исус така што ќе покажуваш стрпливост и разбирање. Внимавај да не поставуваш прашања поради кои интересентот би се чувствувал непријатно. Ако некое учење му е тешко да го разбере и да го прифати, не се задржувај премногу, туку врати се на таа тема подоцна. Наместо да му вршиш притисок да прифати некое учење пред да биде спремен за тоа, дај ѝ време на вистината да пушти корен во неговото срце (Јован 16:12; Кол. 2:6, 7). Библијата ги споредува лажните учења со нешто што е цврсто утврдено, кое треба да го урнеме. На изворниот јазик, Библијата користи збор кој пренесува слика на тврдина која треба да биде срушена. (Прочитај 2. Коринќаните 10:4, 5.) Наместо на твојот интересент да му ја срушиш тврдината врз него, помогни му да изгради нова тврдина, односно да стекне доверба во Јехова (Пс. 91:9).

Двајца браќа ја проучуваат книгата „Радувај му се на животот засекогаш“ со постариот маж од претходната слика. На полицата во близина се гледаат воени ордени.

Дај ѝ време на вистината да пушти корен во срцето на твојот интересент (види во пасус 13)


КОГА НОВИ ЛИЦА ДОАЃААТ НА СОСТАНОЦИТЕ

14. Како треба да се однесуваме со новите кои присуствуваат на нашите состаноци?

14 Јехова очекува да постапуваме непристрасно кон новите, без разлика на нивната култура, социјален статус или етничко потекло (Јак. 2:1-4, 9). Како можеме да покажеме љубов кон новите кои доаѓаат на нашите состаноци?

15-16. Како можеме да им помогнеме на новите да се чувствуваат пријатно на нашите состаноци?

15 Некои лица можеби едноставно ќе дојдат на нашите состаноци од љубопитност или затоа што некој од друго место ги поттикнал да дојдат. Затоа да не се колебаме да им пристапиме на таквите лица. Срдечно пречекај ги, но притоа внимавај да не направиш да се чувствуваат непријатно. Покани ги да седат со тебе. Покажувај им од твојата Библија и од материјалот што се разгледува или дај им нивен личен примерок. Освен тоа, биди обѕирен кон нивните чувства. Еден човек кој дошол во една сала за состаноци му рекол на братот кој го пречекал дека се чувствува непријатно поради тоа што носи лежерна облека. Братот го опуштил и му објаснил дека Јеховините сведоци се како и сите други луѓе. Човекот, кој со тек на време напредувал до крштавање, никогаш не ги заборавил зборовите на тој брат. Но, да внимаваме на следново: Кога зборуваме со гостите пред и по состанокот, да покажеме личен интерес, но да не поставуваме премногу лични прашања (1. Пет. 4:15).

16 Исто така, можеме да направиме новите да се чувствуваат пријатно така што во нашите разговори, коментари и точки на состанокот ќе зборуваме со почит за оние кои не се Сведоци или за нивните верувања. Да не користиме изрази кои би можеле да ги спрепнат или да ги навредат (Тит 2:8; 3:2). На пример, никогаш не би ги исмевале верувањата на оние кои не се наши соверници (2. Кор. 6:3). Во тој поглед, браќата кои држат јавни предавања обрнуваат посебно внимание. Исто така, покажуваат дека ги имаат на ум оние во публиката што не се Сведоци така што ги објаснуваат зборовите или концептите кои тие не би ги разбрале.

17. Која ни е целта кога во служба ќе најдеме лица кои исправно гледаат на вечниот живот?

17 Проповедничкото дело секој ден станува сѐ поитно, и продолжуваме да наоѓаме луѓе кои исправно гледаат на вечниот живот (Дела 13:48). Кога ќе најдеме такви лица, не се колебаме да им понудиме библиски курс или да ги поканиме на состаноците. На тој начин, можеме да им помогнеме да зачекорат на „патот што води во живот“ (Мат. 7:14).

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • Како можеме уште при првиот разговор да им помогнеме на оние кои исправно гледаат на вечниот живот?

  • Кои предлози можеме да ги примениме кога ќе започнеме библиски курс?

  • Како можеме да им помогнеме на новите да се чувствуваат пријатно кога присуствуваат на нашите состаноци?

ПЕСНА 64 Радосно да учествуваме во жетвата

a ОПИС НА СЛИКАТА: Двајца браќа му пристапуваат на едно пензионирано воено лице кое се одмара пред својата куќа; две сестри ѝ даваат кратко сведоштво на една мајка која е зафатена.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели