Прашања од читателите
Писателот на Изреки 30:18, 19 рекол дека „патот на мажот кон девојката“ е премногу чуден. Што сакал да каже со тоа?
Многумина, па дури и некои стручњаци, се прашуваат што значат овие зборови. Целиот стих во Превод Нов свет гласи: „Три работи ми се премногу чудни и четвртата не ја разбирам: патот на орелот по небото, патот на змијата по карпата, патот на бродот среде морето и патот на мажот кон девојката“ (Изреки 30:18, 19).
Порано сметавме дека фразата „патот на мажот кон девојката“ има негативно значење. Зошто? Во други стихови од истото поглавје се спомнати негативни работи кои никогаш не велат „доста“ (Изреки 30:15, 16). А во стих 20 се спомнува „жена прељубница“ која тврди дека не направила ништо лошо. Затоа сметавме дека слично како еден орел на небото, една змија на карпата или древен брод среде морето, човекот може да прави некои работи без да остави некаква трага. На темел на тоа размислување, сметавме дека фразата „патот на мажот кон девојката“ укажува на нешто лошо — на лукав млад човек кој заведува наивна млада девојка без таа да сфати што се случува.
Меѓутоа, имаме добра причина да веруваме дека во овој стих се зборува за нешто позитивно. Писателот едноставно опишувал работи од кои бил воодушевен.
И древните хебрејски ракописи потврдуваат дека овој стих укажува на нешто позитивно. Според еден библиски лексикон, хебрејскиот збор преведен со „премногу чудни“ во Изреки 30:18 „се однесува на настан што за еден човек... е необичен, неверојатен, па дури и прекрасен“ (Theological Lexicon of the Old Testament).
Професор Крафорд Тои од Универзитетот Харвард во САД исто така дошол до заклучок дека во овој библиски стих не се зборува за нешто негативно. Тој рекол: „Писателот се обидел да опише колку се прекрасни работите што ги спомнал во тој стих“.
Значи, разумно е да кажеме дека зборовите кои се запишани во Изреки 30:18, 19, опишуваат работи кои се навистина прекрасни, па дури и чудесни. Исто како библискиот писател, и ние сме воодушевени од тоа како еден орел лета високо на небото, како една змија може брзо да се движи по карпа иако нема нозе, како еден голем брод може да патува преку морето, и како едно момче и една девојка може да се вљубат и среќно да си живеат заедно.