Дали Бог е реален за тебе?
КОГА доживуваш тешки проблеми, дали спремно му пристапуваш на Бог во молитва? Ако да, дали осеќаш дека разговараш со реална личност?
Укажувајќи на својот небесен Татко, Исус Христос рекол: „Оној што ме испрати е реален“ (Јован 7:28, NW). Да, Јехова Бог е реален, и молитвата до него е како обраќање за помош или совет до еден многу близок човечки пријател. Се разбира, за да бидеме сослушани од Бог, нашите молитви мора да ги задоволуваат библиските барања за прифатлива молитва. На пример, мораме понизно да му пристапиме на ‚Слушачот на молитвите‘ преку неговиот Син, Исус Христос (Псалм 65:2, NW; 137:6; Јован 14:6).
Можеби некои мислат дека, бидејќи Бог е невидлив, тој е безличен. Нив можеби Бог им изгледа апстрактен. Дури и на некои христијани кои научиле за Божјите прекрасни својства може понекогаш да им е тешко да сфатат колку реален е Бог. Дали тоа е случај и со тебе? Ако да, што може да ти помогне за да ти стане Јехова Бог реален?
Проучувај го Писмото
Дали редовно го проучуваш Светото писмо? Колку се почести и поинтензивни твоите периоди на библиска студија толку пореален ќе ти биде Јехова Бог. На тој начин твојата вера ќе се зајакне, овозможувајќи ти, всушност, да го ‚видиш Оној кој не се гледа‘ (Евреите 11:6, 27). Од друга страна, пак, реткото или повремено проучување на Библијата веројатно нема да има значаен учинок врз твојата вера.
Да илустрираме: Замисли си дека твојот лекар ти дал упатство да се мачкаш со некоја маст двапати дневно за да се изгуби еден непопустлив осип. Дали осипот ќе ти исчезне ако се мачкаш од маста само еднаш или двапати месечно? Веројатно не. На сличен начин, псалмистот ни дава „рецепт“ за духовно здравје. Читај ја Божјата Реч „со придушен глас ден и ноќ“ (Псалм 1:1, 2, NW). За да извлечеме целосна корист, треба да го следиме „рецептот“ — секојдневно да ја разгледуваме Божјата Реч со помош на христијанските публикации (Исус Навин 1:8).
Дали би сакал периодите на проучување да ги направиш такви што уште повеќе ќе ја зајакнуваат твојата вера? Еве еден предлог: Откако ќе прочиташ едно поглавје од New World Translation of the Holy Scriptures или од некоја друга Библија што содржи паралелни стихови, избери еден интересен стих и побарај ги паралелните стихови кои се наведени. Тоа ќе ја збогати твојата студија, а ти несомнено ќе бидеш импресиониран од внатрешниот склад на Библијата. За возврат, тоа ќе го направи нејзиниот Автор, Јехова Бог, уште пореален за тебе.
Исто така, користењето паралелни стихови може да те запознае со библиските пророштва и нивното исполнување. Можеби си запознат со главните библиски пророштва, како што се оние кои се однесуваат на уништувањето на Ерусалим од страна на Вавилонците. Сепак, Библијата содржи една мрежа од взаемно поврзани пророштва и нивно исполнување. Некои од нив не се толку познати.
На пример, прочитај го пророштвото во врска со казната за повторното градење на Јерихон и потоа разгледај го неговото исполнување. Исус Навин 6:25 наведува: „Во тој ден Исус проколна и рече: ‚Проклет да биде пред Господа оној, што ќе го издигне и изгради овој град Јерихон; врз првородениот син свој тој ќе ги положи основите негови и врз најмалиот син свој ќе ги постави портите негови!‘“ Исполнувањето дошло после околу 500 години, зашто во 3. Царства 16:34 читаме: „Во негово [Ахавово] време Ветилецот Ахил го изгради Јерихон: врз првородениот син свој Авирон, тој ги стави основите негови и врз најмалиот син Сегува ги постави портите негови, според словото на Господа, што Он го беше изрекол преку Навиновиот син Исуса“.a Само еден реален Бог би можел да инспирира такви пророштва и да се погрижи за нивното исполнување.
Додека ја читаш Библијата, можеби ќе те заинтересира некоја точка. На пример, можеби се прашуваш колку години поминале меѓу некое пророштво и неговото исполнување. Наместо едноставно да прашаш некого, зошто не вложиш напор самиот да го откриеш тоа? Со употреба на табели и помагала за проучување на Библијата, барај ги трудољубиво одговорите сѐ додека не ги најдеш — исто како кога би настојувал да дешифрираш некоја карта со богатство (Изреки 2:4, 5). Наоѓањето на одговорите ќе има длабок ефект врз твојата вера и ќе го направи Јехова Бог пореален за тебе.
Моли се редовно и горливо
Не ја превидувај важноста на молитвата и верата. Исусовите ученици го поставиле ова директно барање: „Засили ја во нас верата!“ (Лука 17:5). Доколку Јехова не ти изгледа реален, зошто не го молиш за твојата потреба од поголема вера? Со доверба моли го твојот небесен Татко да ти помогне во тоа да стане реален за тебе.
Доколку твоите мисли ги измачува некој проблем, одвој си време кое е потребно за да му се искажеш на твојот небесен Татко на еден искрен начин. Кога на Исус му се приближувала смртта, тој силно се молел. Иако ја осудил религиозната практика да се кажуваат долги молитви заради расфрлање пред јавноста, пред да ги избере своите 12 апостоли, тој поминал цела ноќ во лична молитва (Марко 12:38—40; Лука 6:12—16). Исто така, можеме да научиме лекција од Ана која станала мајка на пророкот Самуил. Копнеејќи по машко потомство, ‚се молела долго пред Господа‘ (1. Царства 1:12).
Која е основната лекција од сево ова? Доколку се надеваш да добиеш одговори на твоите молитви, мораш да се молиш искрено, горливо и непрестајно и, секако, во склад со Божјата волја (Лука 22:44; Римјаните 12:12; 1. Солунјаните 5:17; 1. Јованово 5:13—15). Тоа ќе ти помогне Бог да стане реален за тебе.
Набљудувај го творештвото
Личноста на некој уметник може да се открие преку неговите слики. На сличен начин, „невидливите особини“ (NW) на Јехова, Дизајнерот и Творецот на универзумот, јасно се гледаат во творештвото (Римјаните 1:20). Кога внимателно ги набљудуваме Јеховините творби, стекнуваме подобро разбирање за неговата личност. Така тој ни станува уште пореален.
Ако одиш зад површното набљудување на работите кои ги создал Бог, ќе бидеш длабоко импресиониран од реалноста на неговите особини. На пример, информациите за навигационите способности на птиците можат да го зголемат твоето ценење за Јеховината мудрост. Читајќи за универзумот, можеш да научиш дека Млечниот Пат кој има пречник од околу 100.000 светлосни години, е само една од милијардите галаксии колку што се проценува дека ги има во вселената. Зарем тоа не ти ја врежува реалноста на мудроста на Творецот?
Сигурно, Јеховината мудрост е реална! Но, што значи тоа за тебе? Па, тој сигурно не може да биде збунет од проблемите што кој и да било од нас му ги изнесува во молитва. Да, дури и скудното спознание за творештвото може да го направи Јехова уште пореален за тебе.
Оди со Јехова
Можеш ли лично да искусиш дека Јехова е реален? Да, ако си како верниот патријарх Ное. Тој секогаш го слушал Јехова, во толкава мера што можело да се рече: „Ное одеше со [вистинитиот] Бог“ (1. Мојсеева 6:9, NW). Ное живеел како Јехова да бил непосредно покрај него. Бог може да биде исто толку реален и за тебе.
Ако одиш со Бог, тогаш имаш доверба во библиските ветувања и постапуваш во склад со нив. На пример, веруваш во Исусовите зборови: „Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова [сите други материјални неопходности] ќе ви се придаде“ (Матеј 6:25—33). Точно, можеби Јехова секогаш не го обезбедува она што ти е потребно на начинот на кој ти го очекуваш тоа. Сепак, кога се молиш и потоа ја доживуваш Божјата помош, тој ќе ти биде толку реален како да е покрај тебе.
Таквиот близок однос со Јехова се развива додека човек продолжува да оди со Бог. Размисли за Мануела — Сведок од шпанско говорно подрачје — која поднела бројни испити. Таа вели: „Секогаш кога сум вознемирена или имам потреба од нешто, го применувам начелото кое се наоѓа во Изреки 18:11. Трчам кај Јехова за помош. Тој секогаш е ‚цврста кула‘ за мене“. Мануела може да го каже тоа откако 36 години се ослонувала на Јехова и ја доживувала неговата поддршка.
Дали ти штотуку почнуваш да го правиш Јехова своја доверба? Не се обесхрабрувај ако твојот однос со него сѐ уште не е онаков каков што ти сакаш да биде. Живеј го секој ден како личност која оди со Бог. Додека градиш еден животен образец на верност, ќе почнеш да уживаш поблизок однос со Јехова (Псалм 24:14; Изреки 3:26, 32).
Друг начин да одиш со Бог е да бидеш преокупиран со неговата служба. Кога учествуваш во активноста на проповедање на Царството, ти си соработник на Јехова (1. Коринтјаните 3:9). Свесноста за тоа ќе ти помогне Бог да ти стане многу пореален.
Псалмистот поттикнува: „Префрли го својот пат на Јехова и потпри се на него, и тој ќе дејствува“ (Псалм 37:5, NW). Никогаш не пропуштај да префрлаш на Бог сѐ што те оптоварува или, пак, грижите што ги имаш. Секогаш потпирај се на него за помош и водство. Ако молитвено се потпираш на Јехова Бог и секогаш имаш безрезервна доверба во него, ќе се чувствуваш безбеден бидејќи ќе знаеш дека тој без промашување ќе дејствува во твоја корист. Дали имаш доверба кога му пристапуваш на Јехова со своите лични грижи? Ќе имаш ако Бог е реален за тебе.
[Фуснота]
a Како друг пример, прочитај во 3. Царства 13:1—3 за претскажаното обесчестување на олтарот на Јеровоам. Потоа, забележи го исполнувањето запишано во 4. Царства 23:16—18.
[Слика на страница 21]
Направи твоите периоди на проучување да бидат такви што ќе ја зајакнуваат верата
[Слика на страница 22]
Одвојувај време за редовна, горлива молитва
[Слики на страница 23]
Набљудувај како Јеховините особини се манифестираат во творештвото
[Извори на слики]
Колибри: U.S. Fish and Wildlife Service, Washington, D.C./Dean Biggins; ѕвезди: фото: Copyright IAC/RGO 1991, Dr. D. Malin et al, Isaac Newton Telescope, Roque de los Muchachos Observatory, Ла Палма, Канарски Острови