Започнување на домашни библиски студии
1 Едно од најнаградувачките и најзадоволувачки искуства за вистинските христијани е да поучуваат некого за вистината преку домашна библиска студија. Сепак, некои можеби не учествуваат во ова збогатувачко обележје на службата бидејќи сметаат дека не се способни да започнат и да водат библиска студија. Многумина истакнати објавители и пионери некогаш имале исто чувство. Меѓутоа, со доверба во Јехова и со применување на предлозите од Наша служба за Царството научиле како да започнат и да водат библиски студии и ја зголемиле својата радост во службата. И ти можеш да си ја поставиш истата цел.
2 Со користење на директен метод и трактати: Еден од најлесните начини да се започне студија е директниот метод. Сѐ што на некои луѓе им е потребно е срдечен предлог да ја проучуваат Библијата. Тоа може да се стори ако само се праша станарот: „Би сакале ли да имате лична библиска студија и да го зголемите своето спознание за Библијата и за Божјата намера со Земјата?“ Или, можеш да му кажеш на станарот дека би ти било драго да му го покажеш начинот на кој се води домашна библиска студија. Иако многумина може да ја одбијат оваа понуда, помисли колку е радосно кога ќе најдеш некого кој ќе ја прифати!
3 Друг начин да се започне библиска студија е да се користи еден од нашите трактати. Иако се мали, тие изнесуваат порака која е силна и уверлива. Како може да се започне студија со трактат? Едноставно така што ќе му дадеш на станарот трактат за кој веруваш дека ќе го интересира. Потоа, преземи ја иницијативата и предложи му на станарот заедно со тебе да го прочита првиот пасус. Побарајте ги наведените библиски стихови и дискутирајте како тие се однесуваат на материјалот. На првата посета, можете да разгледате само еден или два пасуса. Како што станарот сфаќа дека учи интересни информации од Библијата така ќе бидеш во состојба да го зголемуваш времето што го минувате во дискусија.
4 Користејќи ја само Библијата: Понекогаш лицето е согласно да дискутира за Библијата, но се чини дека нерадо прифаќа формална студија или употреба на една од нашите публикации. И тогаш можеш да започнеш и да водиш библиска студија така што ќе подготвуваш интересни библиски дискусии темелени на делови од книгата Живеј засекогаш или од Расудување, а кога ќе појдеш кај интересентот ќе користиш само Библија. Таквата дискусија може да трае 15 до 20 минути или подолго, зависно од околностите. Ако тоа го правиш редовно и со напреден метод за поучување на библиските вистини, си започнал библиска студија и таа може да се известува како таква. Во поволна прилика, воведи ја книгата Живеј засекогаш и води формална библиска студија со неа.
5 Освен што бараш прилики во службата на подрачјето, дали си се обидел да започнеш библиски студии со соседите, другарите или членовите на семејството? Дали тоа било одамна? Си се обидел ли повторно во последно време? Ако еден метод не функционира, си размислил ли да се обидеш со друг?
6 Можеш успешно да започнуваш студии ако ги применуваш дадените предлози, ако истраеш во службата на подрачјето и ако веруваш дека Јехова ќе те благослови. Никогаш не ја потценувај моќта на вистината и помошта што ја пружа Јехова. Нека се зголеми твојата радост во службата така што ќе започнуваш и водиш домашни библиски студии.