Вредноста на Библијата во денешниов свет
1 Денес, многумина ја гледаат Библијата како застарена и нереална. Иако е најшироко распространета и најпреведувана книга во историјата, релативно малкумина ја читаат, а уште помал број ги следат нејзините упатства.
2 За разлика од нив, ние ја сметаме Библијата за Реч Божја. Фактите покажуваат дека тоа историски е точно. Освен тоа, нејзиниот впечатлив склад, нејзините пророштва, мудрост и голема мотивирачка сила што внесува добро во животите на луѓето, покажуваат дека Библијата е ‚од Бога вдахновена‘ (2. Тим. 3:16). Нашето лично искуство и ценење за овој чудесен подарок треба да нѐ наведе да ги охрабриме другите да ја испитаат нејзината вистинска вредност.
3 Еден пристап може да биде:
◼ „Со оглед на сериозните проблеми со кои се соочува човештвото, на многу луѓе им е тешко да веруваат во Бог или ја доведуваат во прашање Божјата способност да ги реши проблемите со кои се соочуваме. Што мислите вие за тоа? [Дозволи одговор.] Забележете го насловот на овој трактат: Зошто можеш да имаш доверба во Библијата“. Сврти му го вниманието на илустрацијата на насловната страница, а потоа прочитај ги првиот и вториот пасус на страница 2. Ако станарот покажува интерес, можеш да ги прочиташ и продискутираш цитираните стихови во вториот пасус. Договори се да дојдеш повторно за да продолжите со разгледувањето на трактатот — можеби така што ќе употребиш еден од поднасловите, во форма на прашање, за да го поддржиш интересот.
4 Друг пристап може да биде отприлика вака:
◼ „Дали се согласувате дека на човештвото му треба упатство за решавање на животните проблеми? [Дозволи одговор.] Во минатото, луѓето често се обраќале на Библијата за водство, но времињата се промениле. Дали мислите вие дека Библијата има практична вредност денес? [Дозволи одговор.] Забележете што е наведено во 2. Тимотеј 3:16. [Прочитај.] Божјата пишана Реч не само што ни помага да донесуваме мудри одлуки туку и ни пружа веровита надеж за иднината.“ Прочитај Јован 17:3. Ако станарот реагира поволно, укажи на една или две специфични мисли кои претходно си ги избрал од книгата Библијата — Реч Божја или човечка? за да ја илустрираш практичната вредност на Библијата.
5 Можеби ќе утврдиш дека е од помош да употребиш некои од уводите што се дадени на страница 10 во книгата Расудување под поднасловот „Библијата/Бог“. Додатни информации се изнесени на страници 43-52 кои можат да послужат за да се одговори на прашањата на станарите или да се надминат нивните приговори.
6 Истакни го изворот на возвишена мудрост: Библијата става голем нагласок на мудроста. Истакни некои од практичните мудрости на Светото Писмо. Користи ги главните мисли од книгата Библијата — Реч Божја или човечка?, од страници 163 до 174. Фактот дека Библијата е богат извор на таква мудрост е впечатлив доказ дека таа е Реч Божја.
7 Кога ќе се укаже прилика, биди спремен да ги охрабриш луѓето да ја читаат Библијата. Помогни им на заинтересираните луѓе да градат почит и љубов кон пишаната Реч Божја. Ако ги применуваат нејзините начела во личниот живот и ако доаѓаат до спознание на вистината, ќе имаат голема корист и сега и во иднина (Пс. 118:105).