Започнување на библиски студии со книгата Живеј засекогаш
1 Љубовта кон луѓето треба да нѐ наведе побрзо да правиме повторни посети за да им помогнеме на оние кои се гладни и жедни за вистината (Мат. 5:6). Треба да ја забележиме и да ја поддржуваме секоја искра на интерес што ќе ја најдеме, ако не сакаме таа да згасне. Клучот за успех е подготовката.
2 Нашата цел треба да биде започнување на библиски студии (Мат. 28:20). Првите изданија на книгата Живеј засекогаш ги имаа следниве воведни коментари: „Ова е навистина извонредна книга за проучување со секого, било млад или стар, без оглед на неговото ниво на образованост“. Напишана е на начин кој го олеснува водењето на студии, овозможувајќи им дури и на поновите објавители да имаат удел. Успехот во започнувањето на нови студии зависи од нашата делотворност во правењето на повторни посети.
3 Како да започнеме студии? Кога ќе дојдеме повторно, обично е подобро да ја поврземе нашата дискусија со некои мисли или прашања споменати при нашата прва посета. Веројатно сте дискутирале за состојбата на мртвите, оставајќи го прашањето: „Каква надеж постои за нашите сакани кои умреле?“ Објасни дека воскресението не е неоснована надеж; Библијата наведува бројни примери на воскресенија што веќе се случиле. Повторно разгледајте ги илустрациите од 167-169. страница. Потоа дискутирајте за она што е наведено во 1. и 2. пасус на 166. страница. Ако постои интерес, предложи да дојдеш повторно заради натамошна дискусија.
4 Можеби си разговарал со родител кој изразил загриженост поради сѐ поголемите проблеми што ги доживува при подигањето на децата. Можеш, со свои зборови, да речеш отприлика вака:
◼ „Сите родители им го посакуваат најдоброто на нивните деца. Библијата содржи упатства кои можат да им помогнат на родителите да ги научат сопствените деца да постигнат еден задоволувачки живот кој има смисла и цел. Поради тоа, ние одлучно им препорачуваме на семејствата заедно да ја проучуваат Библијата. [Осврни се на 23. пасус од 246. страница.] Спознанието што ќе се стекне носи вечни благослови за целото семејство.“ Прочитај Јован 17:3. Изрази ја својата спремност да дојдеш повторно за да му покажеш на семејството како да започне со својата студија.
5 Ако си млад или понов објавител и ако на првата посета си зборувал кратко во врска со надежта за Рајот, со книгата отворена на 3. страница едноставно кажи нешто слично на ова:
◼ „Библијата ветува дека оние кои ја вршат Божјата волја можат да очекуваат да живеат во свет како овој, во кој ќе има среќа и мир. Оваа книга покажува што треба да направиме за да ги уживаме овие благослови.“ Накратко објасни му ја постапката за проучување и предложи му да му покажеш како изгледа.
6 Како Исусови ученици, ние имаме обврска да им помагаме на луѓето (Рим. 10:14). Ако сме оставиле литература или едноставно сме воделе добар разговор, ја имаме одговорноста да го негуваме интересот (Мат. 9:37, 38). Ако исправно ја исполниме оваа задача, сите можеме да ги делиме благословите што ќе произлезат од тоа (1. Тим. 4:16).