Делотворно претставување на книгата Живеј засекогаш
1 Исус бил мајстор во употребата на уводи. Тој знаел што да каже за да побуди интерес. Во една прилика, започнал разговор со некоја Самарјанка со тоа што само ја замолил за вода. Ова веднаш ѝ го привлекло вниманието бидејќи ‚Јудејците со Самарјаните не се мешале‘. Разговорот што уследил, на крајот ѝ помогнал нејзе, како и на многу други да станат верници (Јован 4:7-9, 41). Ние можеме да учиме од неговиот пример.
2 Кога ќе се подготвуваш за понуда на книгата Живеј засекогаш, прашај се: ‚Какви се моменталните грижи на луѓето на нашето подрачје? Што ќе му се допадне на еден тинејџер, на постар човек, што на еден сопруг, а што на сопруга?‘ Можеш да подготвиш повеќе од еден увод и да планираш да го употребиш најсоодветниот за дадената ситуација.
3 Бидејќи многумина се загрижени поради влошувањето на семејниот живот, можеш да речеш:
◼ „Секојдневните притисоци на животот создаваат голема напнатост во денешните семејства. Каде можат тие да најдат помош? [Дозволи одговор.] Библијата може да ни биде вистинска помош. [Прочитај 2. Тимотеј 3:16, 17.] Светото писмо нуди корисни упатства кои можат да им помогнат на семејствата да опстанат. Забележете што е наведено во 3. пасус на 238. страница од оваа публикација, Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата.“ Прочитај го 3. пасус и понуди ја книгата.
4 Ако користиш исечок од весници, можеш да речеш:
◼ „Дали сте ги чуле вестите за [спомени го предметот од локален интерес]? Што мислите за тоа? [Дозволи одговор.] Зар тоа не Ве наведува да се прашате до каде ќе стигне светов? Библијата ги прорекла таквите работи како доказ дека живееме во последните денови.“ Потоа разгледај ги информациите од книгата Живеј засекогаш, стр. 150-153.
5 Многумина се загрижени поради сѐ поголемите проблеми со криминалот. Можеш да го користиш првиот увод под насловот „Криминал/Безбедност“, на 4. страница од брошурата „Како да се започнат и продолжат библиски дискусии?“:
◼ „Зборуваме со луѓето за проблемот на личната безбедност. Околу нас има сѐ повеќе криминал и со тоа се загрозени и нашите животи. Мислите ли дека ќе дојде време кога луѓето како Вас и мене не ќе мораат да се плашат да одат по улица ноќе?“ Можеш да го прочиташ Псалм 36:10, 11 и да укажеш на благословите што Божјето Царство ќе ги донесе, користејќи ги 156-158. страница од книгата Живеј засекогаш.
6 Ако претпочиташ поедноставен пристап, можеш да користиш увод сличен на оние што се наоѓаат на почетокот од втората колона на 4. страница во брошурата „Како да се започнат и продолжат библиски дискусии?“:
◼ „Ги подбудуваме нашите соседи да размислат за величествената иднина што ни ја ветува Библијата. [Прочитај Откровение 21:3, 4.] Дали Ви звучи ова добро? [Дозволи одговор.] Другите благослови што ќе ги доживее послушното човештво под Божјето Царство, ги нагласува 19. поглавје од оваа публикација.“ Ако постои интерес, понуди ја книгата Живеј засекогаш.
7 Подготвувањето на делотворни уводи може да ти помогне да ги достигнеш оние што се гладни за праведност (Мат. 5:6).