СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 8
ПЕСНА 123 Верно се држиме за теократскиот ред
Продолжи да го следиш Јеховиното водство
Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те води (ИСА. 48:17)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Оваа статија ќе ни помогне да видиме како Јехова го води својот народ денес и кои благослови ги имаме кога го следиме неговото водство.
1. Зошто ни е потребно Јеховиното водство? Наведи пример.
ЗАМИСЛИ СИ дека си изгубен во една шума. Насекаде околу тебе демнее опасност — диви животни, инсекти што пренесуваат болести, отровни растенија, а теренот е нерамен и полн со камења. Сигурно ќе бидеш многу благодарен ако со тебе има еден искусен водач кој знае каде се опасностите и знае како да ги избегнеш. Овој свет е како таа шума. Тој е полн со опасности кои можат да му наштетат на нашето пријателство со Јехова. Но, ние имаме совршен Водач, Јехова. Тој ни помага да ги избегнеме опасностите и нѐ води кон нашата дестинација — вечен живот во новиот свет.
2. Како нѐ води Јехова?
2 На кој начин нѐ води Јехова? Првенствено преку неговата Реч, Библијата. Но, тој користи и луѓе. На пример, преку „верниот и разборит роб“ ни дава духовна храна која ни помага да носиме мудри одлуки (Мат. 24:45). Исто така, Јехова користи и други браќа за да ни дава водство. На пример, покраинските надгледници и собраниските старешини нѐ храбрат и ни даваат упатства кои можат да ни помогнат да издржиме во тешки времиња. Ние сме многу благодарни што Јехова ни дава толку добро водство во овие тешки времиња пред да дојде крајот. Тоа ни помага да останеме блиски со Јехова и да останеме на патот што води во живот.
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Сепак, понекогаш може да ни биде тешко да го следиме водството што ни го дава Јехова, особено кога го добиваме преку несовршени луѓе. Зошто? Можеби нема да ни се допадне она што ќе ни го кажат. Или би можеле да си мислиме дека упатствата што ги добиваме од нив не се логични и би можеле да заклучиме дека тие не доаѓаат од Јехова. Во такви ситуации од голема важност е да имаме доверба дека Јехова е тој што го води својот народ и дека, ако го следиме неговото водство, тоа ќе биде за наше добро. За да си ја зајакнеме довербата, во оваа статија ќе видиме: 1) како Јехова го водел својот народ во библиски времиња, 2) како нѐ води нас денес и 3) како ни користи тоа што секогаш го следиме неговото водство.
Јехова отсекогаш користел луѓе за да го води својот народ (види во пасус 3)
КАКО ЈЕХОВА ГИ ВОДЕЛ ИЗРАЕЛЦИТЕ
4-5. Како Јехова покажал дека го користи Мојсеј за да ги води Израелците? (Види ја сликата на насловната страница.)
4 Јехова го поставил Мојсеј за да ги изведе Израелците од Египет. Освен тоа, на Израелците им дал видлив доказ дека тој ги води преку Мојсеј. На пример, Јехова поставил столб од облак дење и столб од облак ноќе (2. Мој. 13:21). Мојсеј го следел столбот, и така тој и Израелците стигнале до Црвеното Море. Кога се нашле помеѓу морето и египетската војска која ги следела, Израелците ги фатило паника. Тие заклучиле дека Мојсеј згрешил што ги довел до Црвеното Море. Но, тоа не било грешка. Јехова го користел Мојсеј за да го одведе својот народ таму (2. Мој. 14:2). Потоа, Бог ги избавил на еден извонреден начин (2. Мој. 14:26-28).
Мојсеј имал доверба дека Јехова го користи столбот од облак за да го води својот народ низ пустината (види во пасуси 4-5)
5 Во следните 40 години, Мојсеј продолжил да има доверба дека Јехова го користи столбот од облак за да го води Божјиот народ низ пустината.a Некое време Јехова го поставил столбот над шаторот на Мојсеј каде што сите Израелци можеле да го видат (2. Мој. 33:7, 9, 10). Јехова му зборувал на Мојсеј од столбот, а потоа Мојсеј му ги пренесувал на народот упатствата што ги добивал од Јехова (Пс. 99:7). Израелците имале јасен доказ дека Јехова го користи Мојсеј за да ги води.
Мојсеј и неговиот наследник Исус Навин (види во пасуси 5, 7)
6. Како реагирале Израелците на водството од Јехова? (4. Мојсеева 14:2, 10, 11).
6 За жал, повеќето Израелци го отфрлиле јасниот доказ дека Јехова го користи Мојсеј како свој претставник. (Прочитај 4. Мојсеева 14:2, 10, 11.) Одново и одново, тие одбивале да ја прифатат улогата на Мојсеј. Поради тоа, Јехова не им дозволил на тие Израелци да влезат во Ветената земја (4. Мој. 14:30).
7. Наведи примери за некои што го следеле Јеховиното водство (4. Мојсеева 14:24; види ја и сликата).
7 Сепак, некои Израелци го следеле водството од Јехова. На пример, Јехова рекол: „Халев... ме слушаше во сѐ“. (Прочитај 4. Мојсеева 14:24.) Бог го наградил Халев, па дури и му дозволил да избере каде ќе живее во Ветената земја (Ис. Нав. 14:12-14). Израелците на кои им било дозволено да влезат во Ветената земја исто така оставиле добар пример со тоа што го следеле Јеховиното водство. Кога Исус Навин бил поставен за водач на Израелците на местото на Мојсеј, тие длабоко го почитувале до крајот на неговиот живот (Ис. Нав. 4:14). Како резултат на тоа, Јехова ги благословил и им ја дал земјата што им ја ветил (Ис. Нав. 21:43, 44).
8. Објасни како Јехова го водел својот народ во времето на царевите. (Види ја и сликата.)
8 Со години подоцна, Јехова поставил судии за да го водат неговиот народ. А подоцна, за време на царевите, Јехова поставил пророци за таа цел. Верните цареви послушно ги следеле советите на пророците. На пример, цар Давид понизно го прифатил укорот од пророкот Натан (2. Сам. 12:7, 13; 1. Лет. 17:3, 4). Цар Јосафат се потпирал на водството на пророкот Јазиел и ги поттикнал Јудејците со зборовите: „Верувајте им на [Божјите] пророци“ (2. Лет. 20:14, 15, 20). Кога бил во тешка ситуација, цар Езекија побарал помош од пророкот Исаија (Иса. 37:1-6). Секогаш кога царевите го следеле водството од Јехова, тие го имале неговиот благослов, а народот бил заштитен (2. Лет. 20:29, 30; 32:22). За сите требало да биде јасно дека Јехова ги користи своите пророци за да го води својот народ. Но, повеќето цареви и поголемиот дел од народот ги отфрлиле Јеховините пророци (Ерем. 35:12-15).
Цар Езекија и пророкот Исаија (види во пасус 8)
КАКО ЈЕХОВА ГИ ВОДЕЛ ПРВИТЕ ХРИСТИЈАНИ
9. Кого го користел Јехова за да ги води христијаните во првиот век? (Види ја и сликата.)
9 Во првиот век од нашата ера, Јехова го основал христијанското собрание. Како ги водел христијаните во тоа време? Тој го поставил Исус како глава на собранието. Но, Исус не му кажувал лично на секој ученик што да прави (Еф. 5:23). Тој ги користел апостолите и старешините во Ерусалим за да предводат (Дела 15:1, 2). Исто така, биле поставени и старешини за да ги водат собранијата (1. Сол. 5:12; Тит 1:5).
Апостолите и старешините во Ерусалим (види во пасус 9)
10. а) Како реагирале повеќето христијани од првиот век на водството што го добивале? (Дела 15:30, 31). б) Зошто некои Божји слуги од библиски времиња не ги прифатиле оние кои Јехова ги користел за да ги води? (Види ја рамката „Зошто некои ги отфрлиле јасните докази“.)
10 Како реагирале христијаните од првиот век на водството што го добивале? Поголемиот дел од нив со задоволство ги прифаќале упатствата. Всушност, тие се радувале на охрабрувањето што го добивале. (Прочитај Дела 15:30, 31.) Но, како Јехова го води својот народ во наше време?
КАКО ЈЕХОВА НЀ ВОДИ ДЕНЕС
11. Наведи пример кој покажува како Јехова ги водел оние што предводеле во поново време.
11 Јехова продолжува да го води својот народ денес. Тој го прави тоа преку неговата Реч и преку неговиот Син, кој е глава на собранието. Можеме ли да видиме докази дека Јехова и денес користи луѓе за да ни дава водство? Да. На пример, размисли што се случувало кон крајот на 19 век. Чарлс Расел и неговите соработници почнале да сфаќаат дека 1914 год. ќе биде важна година за Божјето Царство (Дан. 4:25, 26). Тие дошле до овој заклучок на темел на библиските пророштва. Дали Јехова ги водел додека ја истражувале Библијата? Нема сомнение. Настаните што се случувале во светот во 1914 год. биле доказ дека Божјето Царство почнало да владее. Избувнала Првата светска војна и имало смртоносни зарази, земјотреси и глад (Лука 21:10, 11). Јехова навистина ги користел овие искрени истражувачи на Библијата за да му помогне на својот народ.
12-13. Што направиле одговорните браќа за време на Втората светска војна за да се проповеда во уште поголема мера?
12 Размисли и за она што се случило за време на Втората светска војна. Откако го проучувале Откровение 17:8, одговорните браќа во главното седиште сфатиле дека војната нема да води до Армагедон, туку дека ќе следи период на релативен мир во кој Јеховините сведоци ќе можат да проповедаат во уште поголема мера. Затоа, иако во тоа време изгледало нелогично, Јеховината организација ја основала Библиската школа Гилеад за да се обучуваат мисионери кои ќе проповедаат и поучуваат во разни земји низ целиот свет. Мисионери биле испраќани дури и за време на војната. Освен тоа, верниот роб организирал Курс за теократска службаb за да им помогне на сите објавители во собранијата подобро да проповедаат и поучуваат. Сето ова му помогнало на Божјиот народ да биде подготвен за проповедничкото дело што претстоело.
13 Денес, јасно можеме да видиме дека Јехова го водел својот народ во тоа тешко време. Од Втората светска војна наваму, Јеховините слуги слободно проповедаат во многу земји. Всушност, многу луѓе го запознале Јехова, и проповедничкото дело се одвива низ целиот свет.
14. Зошто можеме да имаме доверба во водството што го добиваме од Јеховината организација и од старешините? (Откровение 2:1; види ја и сликата).
14 Денес, членовите на Водечкото тело продолжуваат да бараат водство од Христос. Тие сакаат упатствата што им ги даваат на браќата и сестрите да бидат во склад со начинот на кој Јехова и Исус гледаат на работите. Исто така, тие ги користат покраинските надгледници и старешините за да им даваат водство на собранијата.c Помазаните старешини, а во поширока смисла и сите други старешини, се во Христовата „десна рака“. (Прочитај Откровение 2:1.) Се разбира, сите старешини се несовршени и прават грешки. Мојсеј и Исус Навин понекогаш правеле грешки, а истото било случај и со апостолите (4. Мој. 20:12; Ис. Нав. 9:14, 15; Рим. 3:23). Сепак, Христос внимателно ги води браќата од верниот роб и старешините, а ќе продолжи да го прави тоа „во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:20). Според тоа, имаме силни причини да покажуваме доверба во водството што Исус ни го дава преку оние што се поставени да предводат.
Водечкото тело денес (види во пасус 14)
КОГА ГО СЛЕДИМЕ ЈЕХОВИНОТО ВОДСТВО, ТОА Е ЗА НАШЕ ДОБРО
15-16. Што учиш од искуствата на оние што го следат Јеховиното водство?
15 Тоа што го следиме водството на Јехова ни носи благослови уште сега. На пример, Анди и Роузd го прифатиле поттикот да водат едноставен живот (Мат. 6:22). Како резултат на тоа, тие можеле да помагаат во изградба на теократски објекти. Роуз вели: „Понекогаш живеевме во многу мал простор каде што немавме ни кујна. Исто така, морав да продадам голем дел од опремата што ја користев за фотографирање — хоби кое многу го сакав. Се расплакав поради тоа. Но, по примерот на Сара, жената на Авраам, бев решена да гледам напред, а не назад“ (Евр. 11:15). Какви благослови имал овој брачен пар поради одлуките што ги донел? Роуз вели: „Ни причинува големо задоволство тоа што знаеме дека му даваме на Јехова сѐ што имаме. Додека ги извршуваме задачите што ги добиваме од Божјата организација, добиваме мал увид во тоа каков ќе биде животот во новиот свет“. Анди се согласува и вели: „Многу сме среќни затоа што времето и силите во потполност ги користиме за Божјето Царство“.
16 На кој друг начин ни користи тоа што го следиме Јеховиното водство? Откако завршила средно училиште, Марсија спремно го прифатила поттикот да започне со полновремена служба (Мат. 6:33; Рим. 12:11). Таа вели: „Ми беше понудена четиригодишна стипендија за факултет. Но јас сакав да правам повеќе за Јехова. Затоа, наместо да ја прифатам понудата, избрав да учам занает кој ќе ми помага финансиски да се издржувам како пионер. Тоа беше една од најдобрите одлуки што сум ги донела. Сега, со радост служам како општ пионер, а моето флексибилно работно време ми дозволува да помагам во Бетел и да правам други прекрасни работи за Јехова“.
17. Кои други благослови ги имаме кога го следиме Јеховиното водство? (Исаија 48:17, 18).
17 Понекогаш, од нашата организација добиваме совети кои нѐ штитат. На пример, добиваме совети за материјализмот и за други работи кои можат да нѐ наведат да ги прекршиме Божјите закони. Доколку го следиме водството на Јехова и на овие подрачја, тоа ќе биде за наше добро. Ќе зачуваме чиста совест и ќе се поштедиме од непотребен стрес (1. Тим. 6:9, 10). Како резултат на тоа, можеме да му служиме на Јехова со цело срце. Нема ништо друго што може да ни донесе поголема радост, мир и задоволство. (Прочитај Исаија 48:17, 18.)
18. Зошто си решен и понатаму да го следиш Јеховиното водство?
18 Без сомнение, Јехова ќе продолжи да користи луѓе за да нѐ води за време на големата неволја и во текот на илјадагодишното владеење (Пс. 45:16). Дали ќе продолжиме да го следиме тоа водство дури и кога е спротивно на она што нам лично ни се допаѓа? Тоа многу ќе зависи од начинот на кој реагираме на водството што Јехова ни го дава денес. Затоа, секогаш да го следиме Јеховиното водство, вклучувајќи го и водството од луѓето кои Јехова ги поставил да бдеат над нас (Иса. 32:1, 2; Евр. 13:17). Додека го правиме тоа, да имаме потполна доверба во нашиот Водач, Јехова, кој ни помага да го избегнеме сето она што може да го загрози нашето пријателство со него, и кој нѐ води кон нашата дестинација — вечен живот во новиот свет.
КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?
Како Јехова ги водел Израелците?
Како Јехова ги водел првите христијани?
Како ни користи тоа што го следиме Јеховиното водство денес?
ПЕСНА 48 Секој ден одиме со Јехова
a Исто така, Јехова поставил еден ангел кој одел „на чело на израелскиот табор“ за да ги одведе Израелците до Ветената земја. Очигледно, тој ангел бил Михаел, односно Исус пред да дојде на Земјата (2. Мој. 14:19; 32:34).
b Подоцна, тој курс беше наречен Теократска школа за служба. Денес, таа обука е дел од состанокот Нашиот живот и служба како христијани.
c Види ја рамката „Улогата на Водечкото тело“, која излезе во Стражарска кула од февруари 2021, стр. 18.
d Некои имиња се сменети.