Оди како поучен од Бог
„Дојдете да се искачиме на гората Господова . . . и Он ќе нѐ научи на Своите свети патишта, и ќе одиме по патеките Негови“ (МИХЕЈ 4:2).
1. Што ќе стори Бог за својот народ во последните денови, според Михеј?
БОЖЈИОТ пророк Михеј прорекол дека во „последните дни“, во нашето време, многу луѓе активно ќе го бараат Бога за да го обожаваат. Тие ќе се охрабруваат едни со други, велејќи: „Да се искачиме на гората Господова . . . и Он ќе нѐ поучи на Своите свети патишта, и ќе одиме по патеките Негови“ (Михеј 4:1, 2).
2, 3. Како се исполнува денес Павловото пророштво дека луѓето ќе бидат љубители на пари?
2 Нашето проучување на 2. Тимотеј 3:1-5 може да ни помогне да ги видиме резултатите од поуката од Бог во „последните денови“. Во претходната статија започнавме да ги набројуваме користите што ги имаат оние кои го земаат при срце Павловото предупредување да не бидат „саможиви [себељубиви, НС]“. Павле додал дека во наше време луѓето ќе бидат и „среброљупци“.
3 Не е потребно човек да има универзитетска диплома по современа историја за да сфати колку добро овие зборови одговараат на нашето време. Зарем не си читал за финансиери и водачи на корпорации кои не се задоволни од заработката на милиони долари секоја година? Овие љубители на пари и понатаму бараат уште, дури и на нелегални начини. Павловите зборови исто така се прикладни за многумина денес кои, иако не се богати, се исто толку алчни и никогаш задоволни. Можеби познаваш многу такви луѓе во твојата средина.
4-6. Како им помага Библијата на христијаните да избегнуваат да станат љубители на пари?
4 Дали она што го спомнал Павле е само еден неизбежен аспект на човечката природа? Не според Авторот на Библијата, кој одамна ја изнел оваа вистина: „Коренот на сите зла е среброљубието, на кое што некои, откако му се предадоа, се отклонија од верата и си навлекоа многу маки“. Забележи, Бог не рекол: ‚Коренот на сите зла се парите‘. Тој рекол дека тоа е „среброљубието [љубовта спрема парите, НС]“ (1. Тимотеј 6:10).
5 Интересно е дека контекстот на Павловите зборови потврдил дека некои извонредни христијани од првиот век биле богати во тогашниот систем на ствари, било да наследиле богатство или да го заработиле (1. Тимотеј 6:17). Затоа, би требало да биде очигледно дека сеедно каков е нашиот финансиски статус, Библијата нѐ предупредува на опасноста да се стане љубител на пари. Дали нуди Библијата некаква натамошна подука за тоа како да се избегне оваа жалосна и вообичаена мана? Навистина нуди, како во Исусовата Проповед на гората. Нејзината мудрост е позната ширум светот. Забележи, на пример, што рекол Исус во Матеј 6:26-33.
6 Како што е запишано во Лука 12:15-21, Исус зборувал за некој богаташ кој постојано се трудел да собере повеќе богатство но кој одненадеж го загубил животот. Која била Исусовата поента? Тој рекол: „Пазете се од лакомство, оти животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот“. Давајќи ваков совет, Библијата ја осудува мрзливоста и ја нагласува вредноста на чесната работа (1. Солунјаните 4:11, 12). Е некои би можеле да приговорат дека ваквите поуки не одговараат на нашево време — но тие сепак се прикладни, и навистина се успешни.
Поука и корист
7. Каква причина имаме за доверба дека можеме успешно да го примениме библискиот совет за богатството?
7 Кај многу народи ќе најдеш живи примери на мажи и жени од сите општествени и економски слоеви кои ги примениле божествените начела во поглед на парите. Тие извлекле корист за себеси и своите семејства, што е видливо дури и за оние кои не се Сведоци. На пример, во книгата Religious Movements in Contemporary America (Верски движења во современа Америка) од издавачот за Принстонскиот универзитет, еден антрополог напишал: „Во публикациите [на Сведоците] и во собраниските говори тие се потсетувани дека не зависат од нови автомобили, скапи облеки или раскошно живеење. Во исто време, Сведокот треба добро да го одработи работниот ден за својот работодавач [и да биде] крајно чесен . . . Таквите обележја придонесуваат дури и човек без големи вештини да биде корисен работник, а некои Сведоци во Северна Филаделфија [САД] напредувале до положби на значителна деловна одговорност“. Се разбира, луѓето кои ја прифатиле подуката од Бог преку неговата Реч внимаваат на ставовите кои би им отежнале да излезат на крај со сегашните услови. Нивното искуство покажува дека библиската подука води до подобар, посреќен живот.
8. Зошто можат да се поврзат ‚самофалците‘, ‚гордите‘ и ‚хулителите‘, и какво е значењето на овие три термина?
8 Можеме да ги поврземе следните три работи што ги набројува Павле. Во последните денови луѓето ќе бидат „самофалци, горди, хулители“. Овие три особини не се идентични, но сите се поврзани со гордоста. Првата е „самофалци“. Еден речник вели дека коренскиот грчки збор овде значи: „,Некој кој се прави повеќе отколку што дозволува реалноста‘, или ‚ветува повеќе отколку што може да исполни‘“. Можеш да разбереш зошто некои Библии го користат терминот „фалбаџии“. Потоа доаѓа „горди“, или дословно „кои се прават надмоќни“. И на крајот, „хулители“. Некои мислат дека хулители се оние кои со непочитување зборуваат за Бог, но основниот израз вклучува навредлив, клеветнички или срамен говор против луѓето. Според тоа, Павле се осврнува на хулење кое е насочено и против Бог и против луѓе.
9. Спротивно на штетните ставови што преовладуваат, каков став ги охрабрува Библијата да развиваат луѓето?
9 Како се чувствуваш кога си меѓу луѓе кои одговараат на Павловиот опис, било да се тоа колеги на работа, школски другари или роднини? Дали тоа ти го олеснува животот, или таквите луѓе ти го компликуваат животот и ти отежнуваат да излезеш на крај со нашите времиња? Но, Божјата Реч нѐ учи да ги избегнуваме ваквите ставови и ни нуди подука како онаа во 1. Коринтјаните 4:7; Колосјаните 3:12, 13 и Ефесјаните 4:29.
10. Што покажува дека Јеховиниот народ има корист од прифаќањето на библиската поука?
10 Иако христијаните се несовршени, применувањето на оваа извонредна поука многу им помага во овие критични времиња. Италијанскиот журнал La Civiltà Cattolica навел дека една од причините зошто Јеховините сведоци се во пораст „е во тоа што ова движење им дава на своите членови прецизен и цврст идентитет“. Но, дали мислел авторот со „цврст идентитет“ на „самофалци, горди, хулители“? Напротив, ова језуитско списание забележува дека движењето „им дава на своите членови прецизен и цврст идентитет, и дека за нив тоа е место каде што им се изразува срдечно добредојде со чувство на братство и солидарност“. Зарем не е очигледно дека Сведоците имаат корист од поуките што ги добиваат?
Подука која им користи на членовите на семејството
11, 12. Како Павле точно покажал каква ќе биде ситуацијата во многу семејства?
11 Следните четири работи кои се некако поврзани би можеле да ги ставиме во една група. Павле претскажал дека во текот на последните денови многумина ќе бидат „непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни [нелојални, НС], недружељубиви [без природна наклоност, НС]“. Ти знаеш дека две од овие мани — неблагодарноста и нелојалноста — се присутни насекаде околу нас. Сепак, можеме лесно да видиме зошто Павле ги ставил помеѓу „непокорни спрема родителите“ и „без природна наклоност“. Овие четири се испреплетуваат.
12 Дословно секој набљудувач, млад или стар, би требало да признае дека непослушноста спрема родителите зема замав и станува сѐ полоша. Многу родители се плачат дека младите изгледаат неблагодарни за сѐ што е сторено за нив. Мнозина млади протестираат дека нивните родители не се вистински лојални кон нив (или кон семејството воопшто), туку дека се презафатени со нивната работа, задоволствата или со себеси. Наместо да се обидуваш да одредуваш кој е виновен, погледни ги резултатите. Отуѓеноста помеѓу возрасните и младите честопати ги води тинејџерите кон тоа да си формираат свои сопствени мерила за морал, односно неморал. Какви се последиците? Растечка стапка на бременост кај тинејџерки, абортуси и сексуално преносливи болести. Многу често, недостигот на природна наклоност во домот води до насилство. Веројатно можеш да раскажеш примери од твојата околина кои докажуваат дека природната наклоност исчезнува.
13, 14. а) Зошто треба да ѝ обрнеме внимание на Библијата со оглед на влошувањето на односите во многу семејства? б) Каков мудар совет нуди Бог за семејниот живот?
13 Ова може да објасни зошто сѐ повеќе и повеќе луѓе се свртуваат против оние кои порано изгледало дека се дел од нивното пошироко семејство, од истиот клан, племе или група. Но, задржи на ум дека не ги изнесуваме овие работи за да ги истакнеме негативностите на денешниот живот. Нашите два клучни интереса се: Можат ли библиските учења да ни помогнат да ги избегнеме страдањата од маните што ги навел Павле, и дали ќе извлечеме корист од применувањето на библиските поуки во нашиот живот? Одговорот на обете прашања може да гласи „да“, како што е очевидно од четирите точки што ги наброил Павле.
14 Навистина е оправдан следниот глобален заклучок: Ниедна поука не ја надминува библиската кога се работи за создавање семеен живот што ги грее срцата и што има добар успех. Тоа се потврдува само со применување на еден нејзин совет што може да им помогне на членовите на едно семејство не само да ги избегнуваат замките туку и да бидат успешни. Колосјаните 3:18-21 добро го илустрира тоа, иако постојат многу други прекрасни и практични одломки што се однесуваат на сопрузите, сопругите и децата. Оваа подука е делотворна и ден-денеска. Додуша, дури и во семејствата на вистинските христијани постојат компликации и предизвици. Но, општите резултати докажуваат дека Библијата дава многу корисна поука за семејствата.
15, 16. На каква ситуација наишла една истражувачка кога ги проучувала Јеховините сведоци во Замбија?
15 Пред година и пол, една истражувачка од универзитетот во Летбриџ (Канада) го проучувала социјалниот живот во Замбија. Заклучила: „Јеховините сведоци доживуваат поголем успех од членовите на другите вероисповеди во одржувањето на стабилни брачни заедници. . . . Нивниот успех претставува модифициран меѓусебен однос помеѓу сопруг и сопруга, кои, во нивните новооткриени, незагрозувачки, кооперативни настојувања, станале одговорни во нивното постапување еден спрема друг пред една нова главна фигура — Бог. . . . Сопругот Јеховин сведок е поучен да созрева во практицирањето на одговорност за доброто на неговата сопруга и децата. . . . Сопругот и сопругата се охрабрени да бидат индивидуи со беспрекорност . . . Ова општо барање за беспрекорност служи како цемент за бракот“.
16 Таа студија се темелела на бројни вистинити искуства. На пример, оваа истражувачка рекла дека, спротивно на обичајот, „сопрузите Јеховини сведоци почесто им помагаат на своите сопруги во градината, не само во фазата на подготвувањето туку и во садењето и копањето“. Од тоа е очевидно дека безброј искуства по целата Земја покажуваат дека библиската подука навистина влијае на животот.
17, 18. Какви изненадувачки резултати излегле на површина во една студија за религиозното наследство и предбрачниот секс?
17 Претходната статија спомена заклучоци во Journal for the Scientific Study of Religion. Во 1991, тоа содржеше статија со наслов „Религиозно наследство и предбрачен секс: Докази од еден национален оглед на млади возрасни“. Ти веројатно знаеш колку преовладува предбрачниот секс. Во младоста мнозина се оддаваат на страста и многу тинејџери имаат по неколку сексуални партнери. Можат ли библиските поуки да го променат овој обичај?
18 Тројца доценти кои го проучувале ова спорно прашање, очекувале да утврдат ‚дека е помала веројатноста адолесценти и млади возрасни одгледани во поконзервативна христијанска традиција да имаат предбрачен секс‘. Но што покажале фактите? Во глобала, помеѓу 70 и 82 отсто од нив имале предбрачни односи. За некои, „фундаменталистичкото наследство [ја намалило] веројатноста од предбрачен секс, но не и во случајот на ‚тинејџерски предбрачен секс‘“. Истражувачите коментирале за некои младинци од навидум религиозни семејства кои „покажуваат значително повисока веројатност да се впуштат во предбрачен секс во споредба со традиционалните протестанти“. (Нагласено од нас.)
19, 20. Како им помогнала и како заштитила Божјата подука многу младинци меѓу Јеховините сведоци?
19 Професорите го нашле токму спротивното кај младинците меѓу Јеховините сведоци, кои спаѓале во „групата што најмногу се разликува од останатите“. Зошто? „Нивото на оддаденост и социјалната интеграција стекнати преку искуство, преку очекувањата и преку вклученоста во религиозните активности . . . можат воглавно да создадат повисоки нивоа на приврзаност кон начелата на верата“. Тие додале: „Од Сведоците се очекува да исполнат мисионерски одговорности како адолесценти и како млади возрасни“.
20 Значи, библиската подука позитивно влијае врз Јеховините сведоци со тоа што им помага да избегнуваат неморал. Тоа претставува заштита од сексуално преносливи болести, од кои некои се неизлечиви а други фатални. Тоа значи дека нема притисок да се вршат абортуси, за кои Библијата учи дека се еднакви на одземање на живот. И формира млади возрасни кои се во можност да стапат во брак со чиста совест. Тоа доведува до бракови изградени на поцврст темел. Тоа се учења кои можат да ни помогнат да се бориме, да бидеме поздрави и посреќни.
Позитивна подука
21. Какви работи точно претскажал Павле за нашето време?
21 Сега врати се кај 2. Тимотеј 3:3, 4, и забележи што друго рекол Павле дека на мнозина ќе им отежнува да излезат на крај — но не сите: „[Луѓето ќе бидат] непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци“. Колку е точно тоа! Меѓутоа, поуката од Библијата може да нѐ заштити и опреми да излеземе на крај, да успееме.
22, 23. Со која позитивна забелешка го завршил Павле своето набројување, и во што се состои нејзината важност?
22 Апостол Павле ја завршува својата листа со една подбуда. Тој ја претвора последната точка во божествена заповед која исто така може да ни донесе неизмерна корист. Павле ги споменува оние кои се „на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив одвратувај се!“ Сети се дека кај младите во некои цркви всушност е повисока стапката на предбрачен секс отколку што е просекот. Па, дури и кога неморалот на тие црквени посетители би бил само на просечно ниво, зарем тоа не би било доказ дека нивниот облик на обожавање е немоќен? Освен тоа, дали верските поуки ги менуваат луѓето во нивниот однос кон работата, како постапуваат со потчинетите или со роднините?
23 Павловите зборови покажуваат дека мораме да го спроведуваме во пракса она што го учиме од Божјата Реч и да имаме облик на обожавање кој ја покажува вистинската сила на христијанството. Во врска со оние чиј облик на обожавање е немоќен, Павле ни кажува: „Од нив одвратувај се!“ Тоа е јасна заповед, заповед која ќе ни донесе трајни користи.
24. На кој начин опомената од Откровение поглавје 18 е слична со Павловиот совет?
24 На кој начин? Па, последната книга од Библијата опишува една симболична жена, блудница, наречена Големиот Вавилон. Доказите покажуваат дека Големиот Вавилон го претставува светското царство на лажната религија, коешто Јехова Бог го испитал и го отфрлил. Но, ние не мораме да бидеме меѓу таквите. Откровение 18:4 нѐ опоменува: „Излезете од неа, луѓе Мои, за да не учествувате во гревовите нејзини, и да не се заразите од раните нејзини“. Зарем тоа не е истата порака што ја соопштил Павле: „Од нив одвратувај се“? Нашето придржување кон неа е уште еден начин на кој можеме да извлечеме корист од Божјата поука.
25, 26. Каква иднина ги чека оние кои сега ја прифаќаат и ја применуваат подуката од Јехова Бог?
25 Наскоро Бог директно ќе интервенира во човечките прилики. Ќе ја отстрани сета лажна религија и остатокот од сегашниот зол систем. Тоа ќе биде причина за радост, како што покажува Откровение 19:1, 2. На оние на Земјата кои ја прифаќаат и ја следат Божјата поука ќе им биде дозволено и понатаму да ги следат неговите поуки кога препреките на овие критични времиња ќе бидат минато (Откровение 21:3, 4).
26 Животот во тој обновен земски Рај сигурно ќе биде попрекрасен отколку што можеме и да си замислиме. Бог ветува дека тоа ни е возможно, а ние можеме да имаме апсолутна доверба во него. Затоа тој ни дава изобилни причини да ја прифатиме и следиме неговата корисна поука. Кога? Да ги следиме неговите подуки во нашите критични времиња а и понатаму во Рајот што тој го ветува (Михеј 4:3, 4).
Точки за размислување
◻ Како извлекува корист Јеховиниот народ од неговиот совет за богатството?
◻ Според едно језуитско списание, какви добри резултати имаат Божјите слуги кои ја применуваат неговата Реч?
◻ Какви користи открила една студија во Замбија кај семејствата кои ја применуваат божествената подука?
◻ Каква заштита им дава божествената подука на младите?
[Рамка на страница 15]
КОЛКАВА УЖАСНА ЦЕНА!
„Тинејџерите се соочуваат со енормен ризик од СИДА затоа што сакаат да експериментираат со сексот и дрогата, се впуштаат во ризици и живеат за моментални задоволства, и затоа што се чувствуваат бесмртни и се инатат на авторитетите“ — вели еден извештај изнесен на една конференција за СИДА-та и тинејџерите (Њујорк, Daily News, недела, 7. март 1993).
„Сексуално активните тинејџерки се следните кои го заземаат ‚челното место‘ во епидемијата на СИДА — заклучи една студија на Обединетите нации за Европа, Африка и Југоисточна Азија“ (The New York Times, петок, 30. јули 1993).
[Слики на страници 16 и 17]
Библиската подука им користи на Јеховините сведоци во собранието и дома