Проповедник
12 Размислувај за* својот Величествен Творец уште додека си млад, пред да дојдат тешките денови и пред да притиснат годините за кои ќе речеш: „Не ми се мили“; 2 пред да се помрачи светлината на сонцето, на месечината и на ѕвездите, и пред повторно да надојдат облаци по дождот;* 3 кога ќе почнат да се тресат* чуварите на куќата и кога ќе се свиткаат јунаците, кога ќе се проретчат мелничарките и ќе престанат да мелат, и кога ќе им се стемни на оние* што гледаат низ прозорците; 4 кога ќе се затвори портата кон улицата и ќе замре шумот на мелницата, кога човек ќе почне да се буди штом ќе запеат птиците и кога ќе стивнат сите звуци* на песната; 5 кога ќе почне да се плаши од височина и ќе има страв да оди по улица; кога бадемот ќе расцути, кога скакулецот ќе почне да се влече и кога бобинките* ќе прснат, бидејќи човекот оди кон својот дом во кој долго ќе почива, а луѓето што го оплакуваат веќе се на улица; 6 пред да се скине сребреното јаже и да се скрши златниот сад, пред да се распарчи стомната кај изворот и да се разбие тркалото на бунарот. 7 Тогаш човекот се враќа во правот од кој бил земен, а животната сила* се враќа кај вистинскиот Бог, кој му ја дал.
8 „Колку бесмислено!“,* вели проповедникот.* „Сѐ е бесмислено!“
9 Освен што самиот стекна мудрост, проповедникот постојано го поучуваше народот за она што го знаеше. Тој длабоко размислуваше и темелно истражуваше за да состави збирка од многу изреки. 10 Проповедникот се трудеше да пронајде пријатни зборови и да го напише она што е веродостојно и вистинито.
11 Зборовите на мудрите се како остени,* а нивните изреки се како забиени клинци. Тие зборови се од еден пастир. 12 А во врска со сите други записи, сине мој, биди претпазлив, бидејќи секогаш ќе се пишуваат книги, и ако некој премногу чита, ќе се исцрпи.
13 Кој е заклучокот од сето ова? Имај стравопочит кон вистинскиот Бог и држи ги неговите заповеди, бидејќи тоа е сѐ што се бара од човекот, 14 и бидејќи вистинскиот Бог ќе им суди на луѓето за сѐ што прават — дури и за она што е скриено — и ќе одреди дали е добро или лошо.