30 МАРТ — 5 АПРИЛ 2026
ПЕСНА 76 Какво е чувството кога го славиш Јехова?
Кажувај ја вистината со пријатни зборови и во вистинско време
Јехова, Боже на вистината (ПС. 31:5)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да дознаеме како да ја зборуваме вистината на начин кој ќе им користи на другите.
1. Што мора да правиме за да бидеме дел од Јеховиното семејство?
КОГА за прв пат ќе се сретнеме со некој наш соверник, едно од првите прашања што обично си го поставуваме еден на друг е „Како ја дозна вистината?“ Некој ќе рече: „Пораснав во вистината“. Друг ќе рече: „Неодамна ја запознав вистината“. Водиме вакви разговори бидејќи вистината од Божјата Реч влијае врз секој аспект од нашиот живот. Зошто? Затоа што знаеме дека може да бидеме дел од Јеховиното семејство само ако докажеме дека ја сакаме вистината и дека живееме во склад со неа. Тоа вклучува да бидеме чесни во говорот и во постапките (Пс. 15:1-3).
2. а) Што знаеле луѓето за Исус? б) Какво влијание имале врз луѓето вистините за кои поучувал Исус?
2 Исус секогаш ја зборувал вистината. Неговите непријатели признале дека е искрен иако секогаш не им се допаѓало она што го кажувал (Мат. 22:16). Исус им кажал на своите следбеници како ќе реагираат луѓето на вистините за кои ги поучува. Тој рекол: „Дојдов да раздвојам човек од неговиот татко, и ќерка од нејзината мајка, и снаа од нејзината свекрва“ (Мат. 10:35). Исус не сакал луѓето да реагираат негативно на пораката што ја проповедале тој и неговите следбеници, но сепак бил реален (Мат. 23:37). Тој знаел дека неговата порака ќе ги подели луѓето на две групи — оние што ја сакаат библиската вистина и оние што не ја сакаат (2. Сол. 2:9-11).
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Исто како Исус, се трудиме да бидеме искрени — во секое време да ја зборуваме вистината — иако поради тоа можеби нема да им се допаднеме на луѓето. И, проповедаме и ги поучуваме луѓето за библиската вистина иако некои можеби се вознемирени поради она што го кажуваме. Дали тоа значи дека воопшто не треба да ни биде важно како и кога ја зборуваме вистината? Се разбира дека не. Во оваа статија најпрво ќе го дознаеме одговорот на прашањето: Каде може да ја најдеме вистината? А потоа ќе го добиеме одговорот на прашањето: Зошто, како и кога треба да ја зборуваме вистината? Одговорите на овие прашања ќе ни помогнат во уште поголема мера да ја кажуваме вистината со пријатни зборови, односно тактично, и во вистинско време.
КАДЕ МОЖЕ ДА ЈА НАЈДЕМЕ ВИСТИНАТА?
4. Зошто може да кажеме дека Јехова е изворот на вистината?
4 Јехова е изворот на вистината. Сѐ што кажува е вистинито. На пример, сѐ што кажува во врска со она што е исправно, а што е погрешно е вистина (Пс. 19:9; 119:142, 151). Сѐ што ветува за иднината се исполнува (Иса. 55:10, 11). Тој никогаш не прекршува ветување (4. Мој. 23:19). Всушност, невозможно е Бог да лаже (Евр. 6:18). Со добра причина, Јехова е наречен „[Богот] на вистината“ (Пс. 31:5).
5. Зошто не е тешко да го најдеме Богот на вистината? Објасни (Дела 17:27).
5 Некои луѓе велат дека е тешко да се најде Богот на вистината, Јехова. Сепак, тие не се во право. Насекаде околу нас има докази дека тој постои (Рим. 1:20). Кога зборувал со една група грчки интелектуалци во Атина, апостол Павле рекол дека Бог сака да го најдеме и дека „не е далеку од никого од нас“. (Прочитај Дела 17:27.) Всушност, Јехова ги привлекува кон себе понизните луѓе кои ја бараат вистината (Јован 6:44).
6. Кои се некои од вистините запишани во Библијата, и зошто си благодарен што ги знаеш?
6 Еден начин на кој може да го најдеме Јехова е така што ќе ја проучуваме Библијата. Мажите кои ја напишале оваа книга биле водени од Божјиот свет дух (2. Пет. 1:20, 21). Значи, сето она што е запишано во Библијата е вистинито и ја заслужува нашата доверба. На пример, може да имаме доверба во она што го кажува во врска со потеклото на универзумот и животот на Земјата (1. Мој. 1:1, 26). Може да веруваме во она што го вели за тоа зошто сите грешиме и зошто има толку многу страдања и смрт (Рим. 5:12; 6:23). Може да имаме потполна доверба во библиското ветување дека Јехова, преку својот Син, ќе ја поправи сета штета што ја предизвикал Сатана, кој е „татко на лагата“ (Јован 8:44; Рим. 16:20). А може да имаме доверба и во ветувањето дека Исус ќе ги уништи злобните, ќе ги воскресне мртвите, ќе ја обнови Земјата и ќе ни помогне да станеме совршени (Јован 11:25, 26; 1. Јов. 3:8). Колку голема чест ни укажал Јехова! Тој нѐ поучил за вистината и ни дава можност ние да ги поучуваме другите (Мат. 28:19, 20).
ЗОШТО ЈА КАЖУВАМЕ ВИСТИНАТА
7-8. Дали е важно од кои мотиви ја кажуваме вистината? Наведи пример (Мар. 3:11, 12; види ги и сликите).
7 Како што беше спомнато претходно, мора да ја кажуваме вистината ако сакаме да бидеме дел од Јеховиното семејство. Сепак, за да му угодиме на Јехова не е доволно само да бидеме искрени. Нему му е важно зошто ја кажуваме вистината. Размисли за нешто што се случило кога Исус ја вршел својата служба на Земјата. (Прочитај Марко 3:11, 12.) Додека проповедал во близина на Галилејското Море, околу него се насобрало големо мноштво. Меѓу луѓето имало некои кои биле обземени од демони и кои паѓале ничкум пред Исус и извикувале: „Ти си Синот Божји!“ Зошто демоните ја кажувале вистината за Исус? Нивната цел можеби била да ја стекнат довербата на оние што ќе ги чуеле и на крај да ги оттргнат од Јехова. На почеток, демоните ја кажувале вистината, но од себични мотиви. Тие не успеале да го излажат Исус, ниту пак му угодиле. Всушност, Исус им наредил на демоните да не зборуваат за него.
8 Што може да научиме од овој извештај? На Јехова му е важно од кои мотиви ја кажуваме вистината. Многу е важно да ги поучуваме другите за вистината од исправни мотиви и сета слава што ќе ја добиеме да му ја припишеме на Јехова (Мат. 5:16; спореди со Дела 14:12-15).
Кога ги поучуваш другите за вистината, кон кого го насочуваш вниманието? (види во пасуси 7-8)
9. Што треба да избегнуваме, и зошто?
9 Да разгледаме уште една ситуација во која треба да избегнуваме да бараме слава за себеси. Да речеме дека еден брат што има одговорности во доверба ни кажува некоја информација, а потоа ние им ја пренесуваме на други. Ако оние на кои сме им ја кажале подоцна дознаат дека тоа навистина било точно, можеби ќе бидат импресионирани од нас и можеби ќе добијат впечаток дека знаеме и многу други доверливи информации. Тоа би можело да ја зголеми нашата вредност во очите на другите, но не и во очите на Јехова (Изр. 11:13). Зошто? Бидејќи не само што сме споделиле доверлива информација туку и сме ја кажале вистината од погрешен мотив.
КАКО ДА ЈА КАЖУВАМЕ ВИСТИНАТА
10. Што значи нашиот говор да биде пријатен? (Колошаните 4:6).
10 Прочитај Колошаните 4:6. Апостол Павле ги потсетил христијаните кои живееле во Колоси дека нивните зборови секогаш треба да бидат пријатни. Што значело тоа? Зборот кој од изворниот јазик е преведен со „пријатен“ ја пренесува мислата дека, освен што треба да биде корисен за другите, нашиот говор треба да биде и љубезен и привлечен.
11-12. Зошто мора да внимаваме како ги поучуваме другите за вистината? Наведи пример. (Види ги и сликите.)
11 Треба да го примениме советот на Павле нашите зборови да бидат пријатни кога ги поучуваме другите за вистината. Библијата ги споредува вистините што се содржат во неа со еден остар меч кој може да ги раздели душата и духот. Со други зборови, тие може да ги разоткријат нашите најдлабоки чувства и мотивите (Евр. 4:12). Но доколку не ја користиме Библијата вешто, непотребно би можеле да ги навредиме другите и да предизвикаме расправии. Како би можело да се случи тоа?
12 Замисли си ја следнава ситуација. Во службата на проповедање среќаваме еден искрен човек кој редовно се моли на икони и со задоволство ги слави Божиќ и Велигден со своето семејство. Со помош на Библијата, би можеле да му покажеме на човекот колку е бесмислено да се моли на безживотни предмети и да му докажеме дека Божиќ и Велигден се пагански празници (Иса. 44:14-20; 2. Кор. 6:14-17). Ако го направиме тоа уште при првиот разговор, ќе му ја кажеме вистината, но нема вешто да ја користиме Божјата Реч.
Како може вешто да поучуваш за вистината? (види во пасуси 11-12)a
13. Како може да ги зачиниме нашите зборови со сол?
13 Павле исто така рекол дека треба да го зачиниме со сол она што го кажуваме. Тој не сакал да каже дека треба да ја извртиме вистината или да ја прикриеме. Наместо тоа, тој сакал да нѐ поттикне да користиме говор кој е „зачинет“ со цел да ја пренесеме вистината на начин кој ќе одговара на „вкусот“ на оној што нѐ слуша (Јов 12:11). Тоа може да биде предизвик. Кога станува збор за дословна храна, можеби сме склони да мислиме дека другите сакаат нивната храна да биде зачинета според наш вкус. Слично на тоа, можеби си мислиме дека нашиот начин на зборување е привлечен за секого. Но не е така. На пример, во некои култури, луѓето обично на директен начин си го кажуваат своето мислење, дури и кога зборуваат со постари од нив. Во други култури, пак, можеби таквиот начин на комуникација е неприфатлив, па дури и навредлив. Павле рекол дека мора да знаеме секому да му одговориме како што треба. Ова укажува на тоа дека треба да го зачиниме она што го кажуваме не според нашиот вкус или нашата култура, туку според вкусот на оној што нѐ слуша.
КОГА ДА КАЖУВАМЕ ЗА ВИСТИНАТА
14. Додека бил на Земјата, дали Исус ги поучил своите ученици за сѐ што знаел? Објасни.
14 Исус секогаш зборувал на пријатен начин со своите следбеници и од љубов ги поучил за многу работи (Мар. 6:34). Но имало и многу други работи што требало да ги научат. Тој не се обидел да ги поучи за сѐ што знаел. Исус бил свесен за нивните ограничувања. Тој знаел дека тоа не било вистинското време за да ги поучи за некои вистини. Всушност, рекол дека тие немало да можат да го носат сето тоа (Јован 16:12). Што учиме ние од ова?
15. Дали мора одеднаш да ги поучиме интересентите за сѐ што знаеме? Објасни (Изреки 25:11; види ги и сликите).
15 Од примерот на Исус учиме дека тоа што ја знаеме вистината не значи дека треба одеднаш да ги поучиме луѓето за сѐ што знаеме. Како може да го следиме неговиот пример? Мора да ги земеме предвид околностите на луѓето. Да се навратиме на човекот кој со задоволство слави Божиќ и Велигден со своето семејство. Знаеме дека овие празници имаат паганско потекло и дека Бог не ги одобрува. Но да речеме дека си почнал да ја проучуваш Библијата со човекот една или две седмици пред Божиќ. Дали твоите зборови би биле кажани во вистинско време ако му покажеш што вели Библијата за паганските празници и прослави и ако очекуваш веднаш да престане да слави Божиќ? Точно е дека некои со кои ја проучуваме Библијата веднаш го применуваат она што го учат. Сепак, на други им е потребно повеќе време за да направат промени во начинот на размислување и постапување. Може да им помогнеме на интересентите да напредуваат ако им го кажуваме она што треба да го слушнат во вистинското време, односно кога ќе можат да го носат. (Прочитај Изреки 25:11.)
Следи го примерот на Исус кога одлучуваш кога да кажеш за вистината и колку да кажеш (види во пасус 15)
16. Како може да им помогнеме на интересентите да живеат според вистината?
16 Една од работите што ни носи најголема радост е тоа што им помагаме на другите да ја дознаат вистината за Јехова. Може да им помогнеме да живеат според вистината, така што ќе го правиме следново: Ќе продолжиме да им бидеме добар пример (3. Јов. 3, 4). Од твојот начин на живот и понатаму нека се гледа дека веруваш во ветувањата од Божјата Реч. Кажувај ја вистината од исправни мотиви. Користи пријатни, односно благи и љубезни, зборови и зборувај во вистинското време кога ги поучуваш другите за вистината. И сета слава што ќе ја добиеш припиши му ја на Јехова. Ако го правиш ова, ќе докажеш дека му припаѓаш на Јехова, Богот на вистината.
ПЕСНА 160 „Добра вест“!
a ОПИС НА СЛИКАТА: На првата слика, еден брат ја забележува накитената елка во домот на станарот и му покажува една статија во врска со паганското потекло на Божиќ. На втората слика, братот му покажува на станарот статија во која има практични предлози за татковци. Кој од двата пристапи ќе биде поделотворен?