Помогни им да разберат
1 Апостол Павле признал дека некои работи кои се наведени во Библијата се „тешки за разбирање“ (2. Петр. 3:16). Многумина го помислиле тоа за книгата Откровение. Меѓутоа, нејзиното значење станало кристално јасно во книгата Откровение — Близу е неговата величествена кулминација! Како можеме да им помогнеме на заинтересираните лица да ја искористат најдобро што можат?
2 Ако при твојата прва посета си дискутирал за Откровение 1:3, оваа мисла би можела да го обнови интересот:
◼ „Претходниот пат дискутиравме за тоа како може разбирањето на книгата Откровение да ни донесе среќа. Меѓутоа, таквата среќа не доаѓа автоматски. Од нас се бараат најмалку две работи: Мораме да ја проучуваме Библијата и мораме да го применуваме она што го учиме“. Прочитај го и прокоментирај го Јаков 1:25. Сврти на 9. пасус од 8. страница и истакни како може разбирањето на книгата Откровение да ни помогне да научиме како да постигнеме среќа во новиот рајски свет.
3 Ако на првата посета сте дискутирале за Јован 17:3, сега би можел да ја нагласиш потребата од стекнување поголемо библиско спознание со тоа што ќе речеш:
◼ „Минатиот пат кога бев овде, прочитавме во Јован 17:3 дека стекнувањето спознание за Бог може да води до вечен живот. Но, дали би сакале да живеете вечно во свет во каков што живееме денес? [Дозволи одговор.] Многумина не би сакале. Од таа причина можеме да бидеме радосни кога ќе слушнеме што ветил Бог“. Сврти на 6. пасус на 303. страница и прочитај Откровение 21:4, а потоа опиши каков ќе биде светот кога ‚поранешното ќе помине‘. Предложи да навратиш повторно за натамошна дискусија.
4 Ако си ја употребил илустрацијата на 302. страница за да покажеш дека Божјето Царство ќе стави крај на страдањата, би можел повторно да ја отвориш книгата на таа страница и да речеш:
◼ „Ние дискутиравме за благословите што се прикажани овде, кои луѓето ќе можат да ги уживаат под владата на Божјето Царство. Што мислите, што мораме да правиме ако сакаме да живееме во тоа Царство? [Дозволи одговор.] Некои луѓе од библиските времиња дале извонреден пример кој би било добро да го имитираме“. Прочитај Дела 17:11, нагласувајќи дека е потребно ‚секој ден да се испитува Писмото‘. Објасни дека Јеховините сведоци им помагаат на искрените луѓе во својата средина да ја проучуваат и подобро да ја разберат Божјата Реч.
5 Ако на некој станар кој бил презафатен за да разговара си го оставил трактатот „Ќе преживее ли овој свет?“, би можел да го употребиш овој пристап:
◼ „Кога дојдов неодамна, Вие бевте многу зафатен. Ви оставив еден трактат кој го покренуваше прашањето за преживувањето на овој свет низ овие бурни времиња. Го прочитавме стихот од Откровение 21:4, кој е наведен овде во оваа книга, Откровение — Близу е неговата величествена кулминација! [Прочитај го од 6. пасус на 303. страница.] Оваа илустрација [на 302. страница] Ви дава претстава за тоа како ќе изгледа кога ‚Бог ќе ја избрише секоја солза од нашите очи‘. Оваа книга дава убедлив доказ дека ваквото ветување ќе биде исполнето во многу блиска иднина. Доколку сакате да ја прочитате, ова ќе биде Ваш примерок“.
6 Ако пронајдеш интерес, со текот на времето ќе сакаш да го насочиш вниманието кон книгата Спознание кое води до вечен живот и да ја употребиш за да започнеш студија. Сигурно ќе најдеш голема радост додека им помагаш на „неискусните да разберат“ (Пс. 119:130, НС).